28 Април, 2024
0.0270

Кавказот и Балканот браќа по судбини – егзодусот на Ерменците од Карабах

Објавено во: Колумни 02 Октомври, 2023

Добивај вести на Viber

Егозодусот на Ерменците од Нагорно Карабах во Ерменија речиси е завршен. Официјален Ереван соопшти дека до вчера 100.514 Ерменци од Нагорно Карабах дошле во Ерменија. Порано се соопштуваше дека на таа територија живеат околу 120 илјади жители. Снимките од Степанакерт, главниот град на Нагорно Карабах, најдобро ја покажуваат пустотијата во некогашната самопрогласена република, но зборуваат и за пустотијата во душите на луѓето, кои беа принудени или, поточно, од страв ги напуштија своите огништа. Слики веќе видени на нашиве простори. Балканот и Кавказот се браќа по судбини.

Само три дена претходно лидерот на Нагорно Карабах, Самвел Шахраманјан потпиша декрет со кој Републиката Нагорно Карабах го прекинува своето постоење од 1 јануари 2024 година. Причината е јасна. Според лидерот, во „новосоздадената воено-политичка ситуација најважен приоритет е обезбедувањето на физичките и животните интереси на народите на Арцах(ерменското име на Нагорно Карабах), почитувајќи го договорот, постигнат со посредство на командата на рускиот мировен контингент, со претставниците на Азербејџанската Република, за обезбедување слободно, доброволно и минување без пречки на жителите на Нагорно Карабах“. Со договорот се опфатени и војниците кои ќе го предадат оружјето со својот имот и нивните транспортни средства.

Според Уставот на Нагорно Карабах со декретот се донесува решение за распуштање на сите државни установи и организациите, кои се наоѓаат во нивна потчинетост до 1 јануари 2024 година, а Републиката Нагорно Карабах(Арцах) го прекинува своето постоење. Населението и она кое е надвор од републиката, после стапувањето во сила на декретот, ќе може да се запознае со условите за реинтеграција, дадени од Азербејџан, со цел во иднина самото да одлучи за можноста за враќање или престој во Нагорно Карабах. Инаку, Нагорно Карабахската Република беше прогласена во 1991 година во границите на Нагорно Карабахската Автономна Област и делови кои соседствуваа кон неа од Азербејџанската ССР. Нагорно Карабах не беше признато ниту од една држава – членка на ОН. Ниту од Ерменија.

Нагорно Карабах стана „држава“ на бранот на националистичките немири и етничките чистки пред крајот на СССР. Во Азербејџан имаше големи чистки, во Баку, на Ерменци, Евреи, а бегаа и Руси. Во 1988 година Нагорно Карабах објави за излегување од составот на Азербејџанската ССР. Во текот на воениот конфликт од 1992 година до 1994 година Баку ја загуби контролата врз регионот поради заострените односи со Ерменија. Од територијата на Нагорно Карабах беа протерани околу половина милион Азербејџанци. Воените дејства во регионот продолжуваа се до 1994 година кога во Бишкек, Киргизија, беше потпишан Протокол за прекин на војната со посредство на Русија.

СРБИЈА И Z-4

Релативен мир имаше се’ до септември 2020 година, кога по неколку спорадични судири дојде до речиси двомесечна војна. Ерменија претрпе големи воени загуби од страна на азербејџанската војска потпомогната воено од Турција. И тогаш беше постигнат мир со помош на Русија. Се постигна договор за петгодишно распоредување на руски мировни сили, а Ерменија на својата територија ќе обезбеди коридор за поврзување на Азербејџан со автономната регија Нахичеван, која е под негова контрола, иако е изолирана, а е на границата со Турција. Руските мировни сили беа распоредени и на т.н. Лачински коридор, кој ја поврзуваше Ерменија со Нагорно Карабах.  Во таа војна Ерменија изгуби многу. Не само територија, туку и можноста да ги спроведе резолуциите на СБ на ОН од 1993 година, за преговори, во време кога воено освои најмногу. Овој пат Илхам Алиев, претседателот на Азербејџан го оствари својот сон – да ги врати изгубените територии.

Неприфаќањето на Ерменија на споменатите резолуции од ОН и последиците од тоа, за многумина е повод за асоцирање со војните во некогашна Југославија. Па го споменуваат планот на меѓународната заедница Z-4, кои го одбија Србите, односно нивните водачи, по што следеше егзодусот на Србите од Хрватска, како последица на воените операции на обучените и опремените хрватска воени сили со операциите „Блесок“ и „Бура“. За неколку денови беа протерани околу 250.000 Срби од Хрватска. А, Z-4 беше Нацрт план за реинтеграција на окупираните територии во подрачјата кои беа дел од Република Хрватска(Краина, Славонија, Јужна Барања и Западен Срем). Планот го направија амбасадори на земјите од Контакт групата, САД, Русија, ЕУ и ОН, а го претставија на крајот на јануари 1995 година. Со планот, доколку се реализираше, „Српска Краина“ ќе беше целосно самостоен ентитет во состав на Хрватска, но без меѓународен субјективитет. Небаре „држава во држава“. Експертите за Договорот од 2020 година меѓу Ерменија и АЗербејџан велат дека е напишан на дипломатски јазик и не е „навредлив“ за поразената страна. Но со внимателно читање на договорот и неговиот контекст се покажува дека Азербејџан постигнал многу повеќе отколку што очекувал.

Осоколени од победата во 2020 година Азербејџанците постојано притискаат за договор за трајно решавање на проблемите. Но овој пат тие не ги споменуваат резолуциите на СБ на ОН, ниту „Минската група на ОБСЕ“. Оваа група составена од претставници на САД, Русија и Франција  не направи ништо за решавање на прашањето на Нагорно Карабах. Тие како да работеа тоа да не се реши. И во стварноста можеше да се зборува за замрзнат конфликт. Замрзнат подолго од три децении. Но со потенцијал да експлодира. Што се случи. Алиев, претседателот на Азербејџан, лани на еден собир на парламентарци од Движењето на неврзаните, изјави дека неговата земја долги 30 години чекала меѓународната заедница да најде решение на тоа прашање и да биде ставен крај на окупацијата. Работите си ги завршиле сами. Ставиле крај на окупацијата, враќајќи ја територијалната целосност по воен пат.

ФОРМУЛА ЗА МИР

За Минската група на ОБСЕ вели дека се претворила во „инструмент“ во рацете на определени сили. Оттука и збогувањето со неа. Иако Ерменците сега сакаат да ја „воскреснат“ таа група. За Алиев таа група е мртва. „Преговорите беа само параван конфликтот да не се решава долги години. На крај Азербејџан со сопствени сили го реши конфликтот во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН“, изјави азербејџанскиот претседател.  Тој вели дека меѓу копретседателите на групата нема единство, како порано. Односите меѓу нив станале напнати и тие сега имаат различни погледи и на конфликтот од 2020 година и на тековната ситуација и дека не можат да се договорат. Оттука и пораката на Алиев дека толку „ниското ниво на активност нас не не’ загрижува, а можеби и обратно. Во принцип, со 30 години работен стаж, тие се на прагот на пензија. Затоа им посакувам долги години живот и крепко здравје“

Тоа го кажа лани Алиев, а во меѓувреме ја спомна и формулата за решавање на проблемот, формула за мир. Во август годинава Алиев изјави дека луѓето што живеат во Карабах, на територијата што е под контрола на руските мировници, тие живеат во Азербејџан. И тие треба да одберат дали ќе живеат како граѓани на Азербејџан, како и секое друго национално малцинство во Азербејџан или ќе си заминат оттаму. Треба сами да изберат. „Не поради тоа што ние сакаме да заминат, или како што не’ обвинува Ерменија дека правиме етничко чистење, не. Ние даваме избор“, изјави Алиев.

Премиерот на Ерменија , Никол Пашинјан, на ова одговара дека „ Се создава впечаток дека планот на Азербејџан се состои во тоа да се потпише мировен договор со точки кои ја оспоруваат Декларацијата од Алма-Ата(потпишана уште во 1991 година), а понатаму во текот на делимитација и демаркација на границата да се покренат и територијални претензии кон Ерменија“. Тој тврди дека има можности за постигнување траен  и стабилен мир. Но, бара од Азербејџан да не го „торпедира“ меѓународниот механизам за воспоставување на дијалогот Степанакерт-Баку, како и други работи. Инаку лани во Прага Пашинјан и Алиев потпишаа изјава за признавање на Декларацијата од Алма-Атам согласно која Нагорно Карабах е територија на азербејџанската држава. На тој начин Пашнјан ја подотвори вратата за влез на војската на Азербејџан во Карабах, иако потегот е во европски манир.

И само еден месец по изјавата на Алиев за „формулата“ за мир, на 19 септември Азербејџан искористи воена сила и во еден ден си ја поврати територијата на Нагорно Карабах. Некои експерти сметаат дека на тој начин тој ја поминал црвената линија поставена пред него од ЕУ и од САД. И Ентони Блинкен и Шарл Мишел биле уверувани од Алиев дека ќе нема воена операција. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок се приклучи кон осудите на примената на сила. Западни медиуми пишуваат дека Ерменците од Карабах се согласиле да преговараат со Баку, за постигнување на некаков вид интеграција во Азербејџан. Па се повикуваат на човекови права, чие прашање, според нив, сега има решавачко значење. Се појавуват сомнежи за злоупотреби од страна на азербејџанските војници. Доколку има некакви ѕверства, тоаш би требало да има и судски истраги и разгледување на дела во Европкиот суд за човекови права.

АВТОРИТАРЕН Е, АМА Е НАШ

Се појавуваат тврдења дека сето тоа ќе има и значителни геополитички последици. Па претпоставки дека Алиев воениот напад го усогласил со Москва. Па дека сега големо прашање ќе биде транспортниот коридор низ Ерменија, за кој има заинтересирани повеќе страни. Турција, Азербејџан, Русија, Иран...Па дури ако треба да и се наметне на Ерменија решение за него со сила! Во ерменската јужна провинција Сјуник, во почетокот на20 век живееле доста Азербејџанци, па сега Алиев сака тие „да се вратат на родната земја“. И тоа по мирен пат? Заблуда. Колку што се вратиле други прогонети ширум светот.

Но овде како да се заборава дека Алиев беше нарекуван на Западот автократ, а некои го нарекуваа и диктатор. Се забораваат скандалите со функционери од ОБСЕ со добиени дебели пари од Азербејџан. Корумпирани за да создаваат благопријана слика за таа држава, кога таму имаше репресии против инаку мислечките луѓе. Или посетата на претседателската на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен на Баку. Во време кога и требаше гас на Европа, поради војната во Украина и ембаргото кон Русија, таа отиде таму да разговара за транспорт и енергетика. Се заборави авторитарниот лидер на Азербејџан. Авторитарен е, ама е наш. На дело се двојните стандарди. И сега се чудат за она што се случува таму. 

Алиев и Пашинјан беа во Брисел пролетва. Тогаш претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел им најави нова средба после летото. Се очекува таа да се одржи овој четврток, ако нешто не се случи, па да се одложи. Средба со лидерите на Германија, Франција, претставник од ЕУ и двајцата кавказци. И што ќе му кажат на Алиев?  Францускиот весникLe Figaro, напиша дека ЕУ ги пренебрегнува правата на Ерменците од Карабах, затоа што Азербејџан стана важен испорачувач на гас. Затоа ЕУ и не реагираше на дејствата на Баку во Карабах. На пазарот на гас во ЕУ тој сега има удел од пет проценти. Француски пратеници повикуваат ЕУ да нема никаква соработка со Азербејџан, кого го обвинуваат за „етничко чистење“. Некои од нив се „против новата зависност од држава која е со воени стремежи“, имајќи го во вид Азербејџан, по примерот со Русија..

Многумина коментираа за улогата на Русија во настаните. Се оди до таму што се тврди дека Русија останала на страна, кога Алиев влегол со војска во Карабах. Наводно Кремљ сака да го ослаби ерменскиот премиер Пашинјан, кој наводно се врти кон Запад. Секако има такви манифестации во Ереван, околу членството во Меѓународниот кривичен суд, забрана на руски медиуми во Ерменија, најави дека таа може да ја напушти ОДКБ( руското „НАТО), поради тоа што не ја заштитувала од Азербејџан. Но одговорот од Моква беше дека станува збор за колективна одбрана во случај кога некоја од членките ќе биде нападната. Азербејџан не ја нападна Ерменија. На Русија  не и е сеедно во сегашната ситуација. Од една страна има договор за стратешка соработка со Азербејџан, а од друга со Ерменија се членки на одбранбен пакт. Во Ерменија има руски воени бази...Едно е сигурно Русија во овој случај се води од својот интерес, но без да се откаже од обврските што го има преземено.

Решението на карабахското прашање не значи дека проблемите се надминуваат. Не, допрва таму ќе има прашања кои ќе бараат одговори. Алиев сега е на седмо небо, после „историскиот реванш“. Но токму во такви моменти уздите можат да се испуштат од раце, па колата да тргне во нескана насока. Има многу геополитички фактори на тој терен. И Русија и Турцја и Иран и Азербејџан, но и Израел, а да не ги забораваме обидите на Западот, САД и Франција, пред се’, да се вклучат во играта. Франција дури најави посета на министерката за надворешни работи на Ереван, а покрај тоа отворање на конзулат во Сјуник, провинцијата која е интересна за Азербејџан. Да ја имаат под око.

Кавказот, како и Балканот има замрзнати конфликти, кои ако почнат да се решаваат по воен пат само ќе доведат до нови експлозии. Некои како да сакаат да покажат дека држава се прави и се чува само со војна. Тоа е можно, но само ако зад себе имаш силен политички и воен спонзор. Во спротивно катастрофата е неизбежна.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД