05 Мај, 2024
0.0236

Какви преговори, какви бакрачи

Објавено во: Колумни 19 Април, 2016

Добивај вести на Viber

Слушам во петок Виена ќе била местото на преговори за излез од кризата под покровителство на „меѓународната заедница“. Ако човек размисли во „нормални“ услови, тоа е сосема легитимно. Тоа е начин на разрешување на секој конфликт. Но дали тоа е во случајов така? Дали преговорите и произлезениот договор од нив нешто ќе значат?

Ако добро се сеќавам до сега имавме неколку седнувања на преговарачка маса и официјално два договори: „Мајскиот“ и „Пржинскиот“. И навистина ме интересира што од тоа произлезе? Навистина би сакал да слушнам кој е резултатот од тоа? Се разбира, тешко е да се брани оваа позиција која ја заговарам - за беспредметноста на преговорите помеѓу племенските заедници и при тоа евентуално можно решение без преговори. Па војни водат луѓето, па на крај седнуваат на преговарачка маса! Но, дали во случајов е така!? Подолу ќе се обидам сепак да ја аргументирам мојата позиција.

Видете, овој политички, уставен, воопшто општествен систем веќе одамна е мртов. Дека живееме во состојба на предполитичко, тоа одамна на сите ни е јасно. Затоа што политичкото, во еден аспект значи и институционално. Потезите што сега се влечат од сите страни се само игра на посилниот, институции и правила веќе одамна не постојат. Системот впрочем ги подразбира правилата – играчите не може да ги заобиколуваат, во спортивно се расипува играта. Тоа е како шах – има систем, има правила, ако почнете да „скокате“ со ланферот, наместо со коњот, тогаш таа игра се растура. Тоа е смислата на секој правен, уставен, законски поредок – да воспостави правила на игра. И тоа е битот на политичкото. И токму затоа можеби ние - тоа повеќе пати го повторувам - живееме во состојба на предполитичкото, ние живееме, искусуваме некава класична„природна состојба“ во која човек на човека му е волк. Ова е „школски“ пример на „природна состојба“ која ја живееме во оваа криза.

Се присетувам на зборовите на Ниче кога се прашува што е во суштина „барањето правда“? И одговара – „тоа е легализирана, озаконета освета“! И навистина, кога би живееле во „природна состојба“, осветата би била сосема легитимна, но откога сме „договориле“ заедница, сме ја „нашминкале“ таа освета, сме ја „замоткале“ во она што се нарекува правда, за да се чувствуваме барем малку човечки кога се осветуваме. Да, тоа сепак останува освета, ама барем е легализирана и организирана, подеднакво достапна за секого (еднаквост пред законите). Ова е само како илустрација на тоа што значи таа природна состојба и што значи заедница, правен и политички поредок што го договараме како членови на заедницата за да не настане хаос. Но, во овој случај хаосот е веќе овде. Ние регресиравме во природна состојба.

Во состојба на целосно урнисан правен и политички поредок, токму од оние кои го урнисаа, вие барате повторно да преговараат? Педесет и кусур аболирани, амнестирани или што и да се, треба да ја имаат мојата доверба за да седнат да се договорат, па побогу, тие се криминалци, со криминалци не се преговара, криминалци се апсат. Преговорите се легитимни повторно во некаков контекст. Во случајов сите огради се срушени, не постои контекст, контекстот допрва треба да се воспостави. Не постои систем, дали разбираме! Ние, граѓаните имаме должност да го вопсоставиме повторно политичкото, правното, општественото. Ја разбираме ли историската димензија на оваа шанса што ни ја дава политичкиот логос, ја разбираме ли тежината на ситуацијата во која се наоѓаме?

Кога имате узурпирани и киднапирани институции, тогаш немате политичко, а со тоа и правно. Затоа повеќе пати констатирам дека оваа криза не се решава со партиски договори, туку со еманципација и враќање на демосот, со скоро плебисцитарно учество на граѓанинот без кој нема систем, политичко, а камо ли демократија. Оваа криза мора да ја решиме на планот на историското со „грабнување“ на политичкото во рацете на демосот. Договорот од Пржино или сега „Виенскиот“, во себе повторно ја содржи истата племенска логика, која ќе продуцира нови кризи. Сè додека граѓанинот не го преземе политичкото, сè дотогаш ќе живееме во пред-политичкото, во племенското и ќе ги оставаме вака да се договараат, да преговараат и да носат вакви бесмислени решенија. Решенија засновани - не на рационалното, објективното и политичкото (polis-от, заедницата) - ами на бедните ситно-партиски интереси, на „на ти го – дај ми го“, на отстапки, на концесии и псевдо-договори, се јалови.

И затоа ако во ваква природна состојба склучиме „општествен договор“, тој секако не би бил помеѓу политичките партии, ами како резултат на носителот на суверенитетот – граѓанинот. Граѓанинот треба да си дојде по своето. Суверенот мора да воспостави „народна власт“. Како таа ќе се организира е чисто техничко прашање. Дали тоа би била широка полтичка коалиција? Веројатно не – затоа што за таква треба најважното „политичка волја“, а веќе видовме дека неа ја нема. Веројатно тоа треба да биде некаква „техничка“ со мандат подолг од 12 месеци која треба да има ограничени ингеренции да го среди хаосот нотиран во Извештајот на Прибе, да оди точка по точка од тие забелешки и да ги решава.

Не постои систем во рамките на кој би преговарале, дали разбираме. Не постои елементарна ограда во која би се движеле - сите огради се срушени. Ме прашуваат, како ја замислувам таа „народна власт“, како би го решиле ова без преговори, како воопшто е можно да се реши сето ова надвор од институциите? Побогу луѓе, сто пати повторувам – институции нема, систем нема. Не може ниту опозицијата, свесна за ова, да бара одговор во рамките на системот кој веќе одамна е мртов. Кога го заговарам ова на некои им се крева косата, оти тоа ќе значело безвластие, хаос и уште поголеми проблеми. Уште и зборуваат како тоа правно било невозможно, правно и институционално не можело ова да се изведе оти Парламентот бил распуштен, Влада во оставка и сл. Луѓе правото е мртво овде,правото допрва треба да се воспостави! Не може да се бара решение во овој референтен систем, мора истиот да се воспостави! Ова е предполитичка џунгла! Какво право, какви бакрачи. Претседателот ви аболира, амнестира, помилува (и самиот не знае веќе кој институт го користи), 56 криминалци без правен основ, Уставниот суд ви укинува членови од Закон за амнестија, Избирачкиот список МВР го доставува до ДИК без потпис од техничкиот министер Спасов (а нели „договорот“ налага да не е така!!!), секое задолжување на Министерството за финансии се случува без знаење на заменикот од СДСМ... и вие мене ми приговарате за дивјаштво и барате нови договори!!! Па по ѓаволите со договорите.

Не ги мислам деталите, едно знам - на тие протести  помалите партии, главно од лева идеолошка провиниенција, треба да го јавнат бранот на народната волја, да најдат технички и организациски можности да го воспостават поредокот повторно. Да ја легитимираат народната волја, преку народна власт! И толку, какви преговори, какви бакрачи!

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина