03 Мај, 2024
0.0984

Каква беше мисијата на Кисинџер во Москва?

Објавено во: Колумни 06 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

На 93 години да кинисаш преку Атлантикот и да дојдеш во Москва не е мала работа ниту за помлади луѓе. А токму тоа го направи некогашниот американски државен секретар Хенри Кисинџер. Сигурно тој има крепко здравје чим се одлучи да лета неколку илјади километри од Вашингтон до рускиот главен град . Или пак го натерало нешто поважно. Можеби нешто намирисал. Нешто за кое тој сметал дека вреди да се патува толку далеку. Кисинџер веќе педесетина години е гостин во Кремљ. Бивш советник за национална безбедност на американскиот претседател Ричард Никсон, американски државен секретар и творец на политиката за намалување на напнатоста меѓу САД и Русија седумдесеттите години. Плод на неговата работа е првиот Договор за ограничување на стратешкото вооружување, потпишан од страна на Леонид Брежњев и Ричард Никсон во далечната 1972 година. Домаќин му беше лично рускиот претседател Владимир Путин. Но не само тој. Кисинџер беше примен и од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и раководителот на претседателовата администрација, Сергеј Иванов. Средбата на Путин и Кисинџер не е прва. Тие досега се сретнале десетина пати. Очигледно е дека двајцата имаат за што да разговараат. Прес секретарот на Путин Димитриј Песков наведе дека Путин и Кисинџер се познаваат долги години и дека се во постојана комуникација. Исто така дека „На Путин многу му значи таквата можност во поглед на разгледување на тековните прашања во светската политика, размената на мислења за перспективите на развојот на ситуацијата во иднина“. Рускиот претседател не еднаш изјавил дека со големо внимание ги слуша оценките за светската политичка ситуација од страна на Кисинџер. Очигледно Путин има доверба во него. Ако во Русија сакаат да го слушаат Кисинџер, не помалку него го слушаат и во САД. Во 2010 година во Белиот дом во Вашингтон на консултациите за стратешкиот договор со Русија, кој таа година беше потпишан во Прага, со актуелните и бившите политичари и генерали на САД, на масата веднаш до американскиот претседател Барак Обама од една страна седи токму Хенри Кисинџер, додека на другата страна Џо Бајден. Кисинџер не крие дека кога се враќа од Москва него го „чекаат“ и неговите републиканци, но и демократи да им раскажува за посетите. Што значи дека се уште му се слуша гласот. Се уште им требаат неговите совети и знаења од меѓународната политика. Нема да чуди доколку Кисинџер и при своите доаѓања во Москва носи и некои пораки, било од републиканците или од демократите, кои сега се на власт. А и назад сигурно не оди со празни раце. Посетата на Кисинџер се случи во време кога нз Запад се води антипутинска офанзива. Филмови, текстови, интервјуа со содржини кои директно го обвинуваат рускиот претседател. Во Русија пак расте анриамериканизмот. Сето тоа е доказ дека американско-руските односи од ден на ден се влошуваат. И токму затоа Кисинџер на крајот на својата посета на Москва во обраќањето во Фондацијата Горчаков на отворањето на Центарот за надворешно политичка соработка, кој ќе го носи името на Евгениј Примаков, изјави дека Русија и САД се обвинуваат еден со друг. „Од двете страни се гледаат тенденции за демонизација, ако не на целата земја, тогаш, во крајна линија на нејзините лидери. Бидејќи проблемите на национална безбедност доминираат над градењето дијалог, делумно се вратени чувствата на недоверба и сомничавост, како од времето на Студената војна. Тие чувства во Русија заострени со сеќавањата  за првото постсоветско десетлетје, кога земјата преживеа силна социјално-економска и политичка криза, во време кога САД се насладуваа на најдолгиот период од подемот на еконмијата. Сето тоа предизвика противречности околу Балканот, постсоветското пространство, Блискиот Исток, ширењето на НАТО, системот за противракетна одбрана и трговијата со оружје. Противречности, кои ги подриваа перспективите за соработка“, рече Кисинџер пред присутните. Според него, можеби решавачки биле длабоките разлики во перцепцијата на историските толкувања. За Соединетите Американски Држави, крајот на Студената војна значел заштита на нивната традиционална верба во неизбежната демократска револуција. Тоа се изрази преку ширењето на меѓународниот систем управуван исклучително со правни норми. Но, според Кисинџер, историското искуство на Русија е посложено. За земја  низ која со векови марширале странски армии и од исток и од запад, на безбедноста се гледа како преку геополитичките, така и преку правните мерки. После тоа откако руската зона на одговорност се помести од Елба на илјада милји на исток, кон Москва, руското гледање на светскиот поредок неизбежно ќе содржи и стратешка компонента. Проблемот е во тоа да се спојат тие две мерки, правни и геополитички – во нужна наизменичност. Тој повика да се изработи нова „стратешка концепција на американско-руските односи“ во чии рамки би се решавале спорните прашања. Според него сегашната состојба на руско-американските односи „ веројатно е најлоша од времето на завршувањето на Студената војна“, нема заемна доверба и конфронтацијата ја заменила соработката. А и многумина коментатори во двете земји поаѓаат од тоа дека тие стапиле во нова Студена војна. Кисинџер опасноста денес „не ја гледа толку во враќањето кон воена конфронтација, колку што кај двете страни постои самоостварувачкото пророштво за неминовно влошување на односите“. Како извор на опасност тој го наведува „зголемениот број неконтролирани територии и предупредува дека со ваквиот проширен вакуум во власта не може да се соочи ниту една држава, без разлика колку е моќна“. - За да се постигне целта неопходна е трајна соработка меѓу САД, Русија и другите водечки сили, вели поранешниот шеф на американската дипломатија. Кисинџер нема одговори, туку повеќе прашања во поглед на новиот светски поредок. Сепак, тој препорачува дека во „ повеќеполарниот свет кој сега се формира Русија треба да се гледа како клучен елемент на било која нова глобална рамнотежа, а не предимно како закана за САД. Тој поставува и редица прашања. Како да се подобрат односите кога се дојдени на степен на замрзнување? Одговор, само со водење дијалог во светскиот поредок кој се појавува. Кои процеси го уриваат стариот и го формираат новиот? Кои предизвици тие им фрлаат на руските и американските интереси? Каква улога има намера да игра секоја земја во формирањето на тој поредок? Како можеме ние да ја споиме концепцијата на Русија, САД, другите водечки држави со почитување на историското искуство? Треба да се постави задача за развој на стратешка концепција за руско-американски односи во чии рамки би можело да се решаваат сложените прашања, одговара дипломатот. Сето ова кажано погоре од Кисинџер е за руска публика, иако делови од излагањето беа публикувани и на сајтот The National Interest. Американскиот дипломат отворено ги посочува недостатоците на американско-руската соработка. Интересно ќе биде да се види какви пораки однел тој во Вашингтон. Што ќе им каже на демократите и републиканците кои сигурно ќе го побараат. Дали Путин пратил некоја порака до Обама? Навистина на последниов му е последната година од претседателствувањето, но би можело да се направи нешто околу кое двете држави се заинтересирани. На пример натамошното ограничување на стратешкото нуклеарно оружје. Кисинџер веројатно ќе се обиди да олади некоја американска вжештена глава, па да понуди решенија за Украина и за Сирија кои ќе се темелат на соработка меѓу САД и Русија и други поголеми играчи. Наредниот период можеби ќе бидеме сведоци на некакви „омекнувања“ во односите на двете земји. Во САД сега е во тек кампања за добивање номинација за претседателските избори во ноември годинава. Русија е дел од неа. Можеби кандидатите ќе седнат да прочитаат нешто од Кисинџер. Да им стане појасно што е Русија и како треба со неа, напишано од перото на човекот кој 70-тина години е во меѓународната политика, од кои 50 се посветени на Русија. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина