08 Мај, 2024
0.0253

Kако соработуваат судските органи во борбата со перењето пари?

Објавено во: Колумни 18 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Целта на борбата со перењето пари не е само да се утврди дали во одредени ситуации финансиските институции се злоупотребени. Целта на таа борба е да се казнат виновниците кои го вршат кривичното дело - перење пари, а нивниот имот да биде замрзнат, односно конфискуван. Како што е важна превентивната улога на финансиските институции, исто така, е важна репресивната улога на судските органи. Со оглед на тоа што перењето пари е криминал од меѓународни размери, неопходно е воспоставување на тесна соработка помеѓу судските органи на различни земји. Таа соработка треба да подразбира брза и ефикасна размена на соодветни информации, за да можат виновниците за стореното дело - перење на пари да бидат изведени пред лицето на правдата. Меѓународната соработка помеѓу судските органи е условена со потпишување и ратификување на сите релевантни конвенции на ООН и другите регионални меѓународни организации. Овие конвенции ја даваат правната рамка за размена на информации и преземање на активности во име и за сметка на туѓа јурисдикција. Покрај горе наведените конвенции, судските органи при извршувањето на меѓународната соработка со своите странски партнери треба да ги имаат во предвид и препораките на ФАТФ. При воспоставувањето на меѓународната соработка помеѓу судските органи, посебно внимание треба да биде посветено на две прашања. Прво, треба да бидат земени во предвид уставните и законските одредби на секоја земја при договарањето на одредени облици на меѓународна соработка. Второ, не треба да им се дозволи на криминалците кои вршат перење на пари да избегаат во други земји и таму да добијат третман на вршители на "политички криминал". Со оглед на тоа што "политичиот криминал" во многу земји не подлежи на екстрадиција, тоа може да им биде прибежиште (сафе харбоур) на субјектите кои се занимаваат со перење на пари. Најчесто, меѓународна правна помош се бара од земјите во кои функционира полициски вид на орган за проверка на финансиските информации, кој не може без судски налог да добие одредени податоци од финансиските институции. Во тој контекст, законите и процедурите треба да овозможат давање и примање на заемна правна помош помеѓу судските органи на различни јурисдикции. Заемната правна помош содржи размена на извештаи издадени од страна на финансиските институции, истрага на лица и објекти, следење на трагата на стекнатиот имот и идентификација на средствата, блокада на средствата и обезбедување на докази за извршено перење на пари што ќе им бидат од корист на странските судски органи. Во функција на остварување на меѓународната соработка се склучуваат билатерални и мултилатерални договори помеѓу судските органи на различни земји. Таквите договори треба да им овозможат размена на информации на судските органи со нивните странски партнери. Тие информации по содржина и квалитет треба да бидат доволни за да може да биде покрената истрага дали во одреден случај дошло до перење на пари или не. Судските органи треба да имаат финансиски, кадровски и технички потенцијал за да можат навремено и ефикасно да одговорат на барањата на своите партнери од странство. Исто така, тие треба да имаат силна централна координација и воспоставена комуникација, и тоа како во рамките на една земја, така и на меѓународен план. Кога се врши проценка на заемната правна помош, најпрво се анализира способноста на одредена земја да понуди таква помош. Таа способност најчесто е условена од одредбите во нејзиниот правен систем. Ако се утврди дека одредена земја има таква способност, се пристапува кон утврдување на условите под кои земјата дава правна помош на судските органи во другите земји. Исто така, треба да се согледа ефикасноста на тој процес, односно да се утврди колку информациите и извештаите што една земја и ги дала на друга помогнале во процесот на спречување на перење на пари. Притоа, треба да се има во предвид дека одредени субјекти на териториите на различни земји можат да извршат различни криминални активности. На пример, предикативните кривични дела можат да бидат извршени во една земја, а перењето пари во друга земја. Во таква ситуација, судските органи на двете земји се должни тесно да соработуваат со цел побрзо и поефикасно да го расветлат случајот. Меѓусебната соработка треба да вклучи и ефикасна прекугранична соработка во смисла на блокада и конфискација на имотот. Кога законските прописи тоа го дозволуваат, може да се изврши поделба на конфискуваниот имот помеѓу земјите кои заеднички учествувале во истрагата. д-р Гоце Трајковски Ставовите изнесени во оваа колумна претставуваат лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институцијата во која тој е вработен

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина