25 Април, 2024
0.0277

Како до поефтини кредити, пониски провизии и повисока финансиска инклузија преку создавање на амбиент за развој на финтек

Објавено во: Колумни 10 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Што претставува финтек? И покрај големата фама, зборот финтек е едноставно комбинација на зборовите финансии и технологија. Всушност финтек претставува користење на технологии со цел овозможување на финансиски услуги за потрошувачите. Оттука, неговата примена може да биде во банкарството, осигурувањето, инвестициските фондови, односно во се што е поврзано со финансиите. Дополнително, финтек преставуваат сите иновативни технологии во сферата на финансиите како што се мобилни плаќања, трансферите на пари, кредитирање, собирање на депозити и управување со инвестиции, кои што преку нарушување на традиционалните финансиски модели нудат намалување на трошоците и цените на услугите и зголемување на ефикасноста.

Според глобалното истражување направено од Светската банка, околу 1,7 милијарди, односно 31% од вкупниот број на полнолетните лица во 2017 година, не поседувaле сметка во банка. Како главни причини се немањето доволно средства, висината на трошоците и оддалеченоста. И покрај овие податоци, постои позитивен тренд, а бројот на полнолетни лица без сметка во банка континуирано се намалува од 49% во 2011 година преку 38% во 2014 година. Најзначајни двигатели на промените во изминатиот период се дигитализацијата и новата генерација на финансиски услуги преку мобилни уреди и интернет. Споредбено, во 2017 година 76% од лицата кои поседуваат сметка направиле минимум една дигитална трансакција, што преставува пораст од 11% во однос на 2014 година.

Со напредокот на технологијата во областа на финансиите, значајно се менува и однесувањето на потрошувачите. Финансиските институции староседелци вклучително и комерцијални банки, не се во можност целосно да одговорат на зголемените потреби и очекувања на клиентите. Денеска, во екот на дигитална ера, клиентите бараат достапност, едноставност, ефикасност и брзина. Всушност, сакаат да вршат трансакции преку интернет платформи и апликации кои што користат мобилна технологија. Па така, според студијата за однесувањето на потрошувачите во однос на користење на финансиските услуги на Novantas за 2017 година, се идентификувани три значајни промени, и тоа: губење на навиката за одење во експозитура во однос на зголемена употреба на дигитални канали, промена на начинот на одлучување при оценка на условите за користење на финансиски услуги и значително зголемување на побарувачката за дигитално отворање на сметка. Според споменатата студија, банките кои што заостануваат во однос на иновативноста и развојот на финансиски услуги, ризикуваат губење на клиентите во однос на конкуренцијата, меѓутоа и во однос на финтек компаниите кој што се позиционираат како технолошка алтернатива на банките.

Подолг временски период, банките не го менуваа бизнис моделот и остваруваа високи профити. Сепак, во последниов период овие модели повеќе не се ефикасни во споредба со иновациите од страна на технолошките гиганти и новите небанкарски финансиски компании. Исто така, заради регулаторните промени како што е ПСД 2, банките се соочуваат со предизвици коишто не се мотивирани единствено од промената на навиките и зголемување на очекувања на потрошувачите. Како објаснување, ПСД 2 е директива усвоена од Европскиот парламент која што на техничко ниво има за цел зголемување на конкуренцијата и намалување на трошоците за вршење на плаќања во Европската унија. Дополнително, според податоците на КПМГ, обемот на инвестиции во финтек за 2018 година го достигна својот максимум. За илустрација, вкупните инвестиции во финтек на глобално ниво достигнаа рекордни 111,9 милијарди долари, со склучени 2.196 зделки.

Воведувањето и потенцијално општото прифаќање на новите форми на електронски плаќања, како и нивното користење како чувар на вредност, може фундаментално да влијае како централните банки ги остваруваат целите на монетарната политика. Исто така, доколку дојде до масовна замена на парите со други форми на дигитални валути, тоа може да влијае и на функцијата на централните банки за печатење и дистрибуција на готовина. Интересно е да се спомене дека дел од централните банки ја истражуваат можноста за создавање на сопствена дигитална валута. Некои од овие примери се проектот „Е-крона“ на Шведската централна банка, проектот „Убин“ на монетарните власти на Сингапур и проектот „Џаспер“ на централната банка на Канада.

Во нашата држава 77% полнолетни лица поседуваат сметка во банка, додека 400 илјади лица, односно 23% не поседуваат. Споредбено со државите од регионот, сме над просекот, а состојбата е најзагрижувачка во Албанија со само 40%, додека најдобра котира Словенија со 98% полнолетни лица кој што поседуваат сметка во банка. Сепак, постои простор за подобрување, а како пример се Скандинавските држави каде сите полнолетни лица поседуваат сметка во банка.

Досега, кај нас најзначајни носители на финансиските иновации се банките, особено големите банки кои се лидери во оваа област, преку имплементирање на деловни стратегии прилагодени кон новата дигитална ера на банкарство. Народната банка го истакнува значењето на финансиските иновации за олеснување и поддршка на трговијата, како особено значаен предуслов за одржлив развој на малите и отворени економии. Активностите кои се преземаат се создавање инфраструктура и регулаторна рамка за иновативни платежни услуги, односно подготовката на новиот Закон за платежни услуги и платни системи во рамки на кој се планира примена на директивите на Европската Унија од оваа област. Понатаму, од неоодама е ставена во функција и Е-платформата за комуникација со финтек-секторот т.н. „Порта за иновации.“ Исто така, Народната банка ја нагласува и потребата за изготвување на развојна стратегија за дигитализација на финансиските услуги. Сите овие заложби и активности се добра вест за граѓаните. Меѓутоа, нивото на пенетрација на финтек компаниите и финансиските иновации се на иклучително ниско ниво во нашата држава. Причини за тоа се: големината на пазарот, подготвеноста на потрошувачите за користење на новите дигитални услуги, законската регулатива и сл. Помладите клиенти и оние со технолошки напредни знаења покажуваат поголемо ниво на подготвеност за користење на услуги од небанкарските финансиски институции и технолошките компании. Главни мотиви за користење на овие услуги се пониските трошоци и каматни стапки и 24/7 пристап преку интернет. Плаќањата преку интернет, преносот на средства и девизните дознаки се услуги со најголем потенцијал за развој од страна на финтек компаниите. Довербата, стабилноста и безбедноста се клучните причини поради кои клиентите остануваат лојални на банките.

Со цел менување на состојбите во нашата држава, потребни се инвестиции во овој сектор кои можат да придонесат за промена на состојбите. Затоа потребно е креирање на поволен амбиент за подршка на финтек секторот и преземање на решителни чекори. Во продолжение се наведени сет на мерки кои што можат значително да го променат амбиентот, а дел од нив се веќе вообичаена пракса во државите кои искажуваат голем интерес за развојот на финансиските технологии и иновации:

-  олеснување на пристапот на давателите на небанкарски финансиски институции до системите за плаќања и порамнување на плаќања; 

-  подршка за креирање на нови форми на вршење на плаќањата; 

-  истражување на можностите за користење на технологијата на дистрибуирани записи (DLT);

-  градење на партнерства со финтек компаниите преку создавање на финтек инкубатори, и

-  калибрирање на регулаторниот пристап со цел истиот да содржи мотивирачка компонента, без притоа да се запостават ризиците коишто со себе ги носи процесот на интензивна дигитализација и интегритетот на финансискиот систем.

Како напомена, имплементацијата на овие мерки не ја исцрпува листата на потенцијални можности, а земајки го во предвид динамичниот развој на иновациите во областа на финансиските.

Со оглед на претходно кажаното, потребно е креаторите на државни политики да понудат подршка за развој на финансиските иновации и финансиски технологии. Конкуренцијата на глобално ниво не дозволува да се примени реактивен пристап, кој што преставува еднинствено следење на состојбите без превземање на иницијатива. Целта треба да биде изнаоѓање на начини за подршка на овој феномен наречен финтек.


Андреј Илиевски

Авторот е Докторанд по Економски науки, со над 20 годишно банкарско искуство на различни раководни и професионални позиции


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД