19 Март, 2024
0.0236

КАКО ДО НОВИ И ПРОДУКТИВНИ РАБОТНИЦИ ЗА РАСТ НА БДП ДО 10 OТСТО?

Објавено во: Колумни 31 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

Хрватска, во јуни 2013 година и официјално беше примена како 28 земја-членка на Европската Унија. Оттука, како најмлада во регионов, можеби е добро да ја анализираме во поглед на младите и миграцијата, по влегувањето во членството во ЕУ. Сум на мисла, да ја земам во паралелата и Бугарија, од позиција на наш сосед, а член на ЕУ. Имено, после најголемиот бран на ЕУ во контекст на проширувањето, во 2004 година, (кога влегоа: Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија) следуваше втор дел од истиот бран на проширување. Тогаш, мислам на 2007 година, беше пристапувањето на Бугарија и Романија, според европската комисија тие претставуваа дел од петтото проширување, па на крај, и последно чинам, проширувањето е со Хрватска, во 2013-тата. Оттогаш па наваму, се мачиме ние, сите, земји чинители на Западниот Балкан. Еден момент е оптимизам, а друг е песимизам. И така, до ден денес.

Додека трае процесот на проширување, еве нека е до 2030 оптимистично, во што верувам, вистинското прашање кое се поставува е следново:

Како е состојбата со миграцијата на младите од Хрватска и Бугарија, после зачленувањето на нивните држави во ЕУ?

Одговорте, во консултација со колеги од споменатите држави, ќе бидат во некаков, ваков облик: после три години од зачленувањето, во Хрватка и Бугарија, се појавува фаза 1, во која, опстојува засилено и интензивно иселување на младите во развиените западно-европски земји. Значи, полоша фаза од состојбата на кандидати, каде сме сега ние. Но,  потоа, кога младите ќе се интегрираат рамо до рамо со нивните, веќе сега сонародници, Европејци, состојбите се подобруваат. Да, нема да се интензивира мобилизацијата на млади во ЕУ, од новите земји членки како македонската држава, туку тој процес ќе стагнира. Кажано со народен речник – ќе се вртат парите во форма на европски плати или ќе почнат младите, своите заштеди или слободни пари да ги пуштаат како девизни трансфери во земјата матица, како и често ќе бидат мобилни со престој во неа. Понатаму, после третата година од членството, еве нека биде 2033 година (оптимистично е ова) кога ЕУ фондовите ќе почнат да пристигнуваат назад, и тоа со засилена динамика, во новата земја членка ќе се почувстува т.н. „медена доба“. Е тогаш, реално ќе се почуствува некаков благодет од членството во ЕУ, за сите граѓани. Но, таа под-фаза е кратка (читај: медот у брак, првите година дена), да не се лажеме. Пак, ние треба да си ја одработиме работата, а тоа значи да се натпреваруваме со сите членки, со нови механизми за подобрување на нивото на продуктивноста кај вработените во компаниите и комплетно да си ја промениме структурата во македонската економија, и тоа со нивните (европски) пари за помош во т.н. „медена доба“. Ова се државни цели, на кои, треба да се работи уште од денес. Фаза 2, настапува во оној момент (читај: кај Бугарија не настапила оваа фаза, а во Хрватска има оптимизам и изгледи за тоа) еве нека биде после петтата година од членството (среднорочно), во која, дел од младите се враќаат дома и состојбите почнуваат да се стабилизираат. Исто така, ако зборувате со пријателите од Хрватска, тие ќе ви кажат дека во нивната економија, по разни основи за развој, внесени се десетици милијарди евра, како поддршка од ЕУ, за целиот тек на времетраење, од денот на зачленувањето. Од друга страна, пак, повратот на младите е тежок процес. Во Бугарија состојбите се уште полоши.  

Ете, затоа, сум на мисла дека се појавува една состојба на крик во стопанството за нова работна сила, а работници нема и ќе нема сѐ повеќе. Токму, затоа коморите се претерано активни во насока на алармирање на состојбите.

Друго прашање кое ми се врти во главата е следново: Како ќе се снајде ЕУ во економски поделен свет?

Денес, живееме во многу неизвесности. Но, од друга се наѕира една неповолна состојба во глобалната економија, таа се вика - економски поделен Свет, како и дополнително пик на војната во Украина. Преостанува живот во такво глобално окружување и избор на страна, а ние веќе сме определени од 90-тите (САД, ЕУ и НАТО). Нема да има неопределеност повеќе. Резултанта - сите ќе изгубиме по нешто, а по нешто може и да добиеме. Како?

Прво, мора да се бориме со инфлацијата преку висока продуктивност на работниците во македонската економија. Оттука, само економиите кои ќе имаат високо продуктивни работници „војници“ ќе ги добиваат следните битки во економијата. Клучно, тука, ќе биде времето потребно за преобразба.  

Второ, да ја фатиме можноста преку читање на идните политики не ЕУ, особено таква е онаа т.н. „nearshoring (приближување) опција“ на ЕУ, која намерно ја обележувам по неколку пати, каде најсилните европски економии сакаат да ги снабдуваат своите добавувачи и главни компании со клучни производи, но да бидат блиску на Европскиот континент. Тука е нашата голема можност и можноста за бизнис секторот.

Во насока на оваа теза, може да се коментира, вака: „Ние, во македонската економија и така немаме доволно работници за постоечките капацитети, не па за нови...“ Затоа, едно од најважните прашања кое треба, сите ние од стопанството, да си го поставиме би гласело вака:

Како до нови и продуктивни работници? 

Има две опции. За првата, преку образованието, веќе напишав неколку пати. Тука, сум и прилично активен со Германците. Имено, компаниите ќе мораат самите да ги креираат таквите профили на луѓе, и тоа преку нивна регрутација и работа на нивна психолошка трансформација, уште од најрана возраст (читај: после завршување на матура). Ова, во Германија се вика дуално високо образование, а сега достапно и тука.  

Втората работа, која навидум може да изгледа налудничава ама воопшто не е, претставува директната поддршка на државата преку давање на дозвола за увоз и трансфер на работна сила. Сега, се поставува прашањето, од каде? Од Филипини. Да бидам објективен, ваквата идеа ја слушнав, на едно предавање во АБИТ, во 2019-тата, од еден гостин предавач. Поточно, ова го слушнав од една жена – голем и успешен претприемач, со компанија, која, создава производи и внесува значајно количество на милиони евра во макроекономијата. За мене, таа е „жена ангел“ за македонското стопанство, баш така, како што и дел од нејзиниот бренд, чинам гласи.

Интересно, нели? Филипини има близу 90 милиони жители, од кои, повеќе од 90 отсто се слични на нашите балкански манири. Мите охриѓани, каде го пишувам писаниево, велет „убај љуѓе се“. Практично, со доаѓањето на Шпанците на тамошните простори дошло до ширење на христијанството, па така денес околу 95 отсто од Филипинците се христијанска вера. Најповеќе се католици со околу 85 отсто, 6 отсто се припадници на филипинската црква, 4 отсто се протестанти, додека во останатиот мал дел се со исламска вероисповед.  

Колку да се знае, филипинската економија е една од најразвиените земји во Здружението на нациите од Југоисточна Азија, но на светско ниво се смета за земја во развој. Што е добро за нас. Цената на трудот е драстично пониска во споредба со нас. Значаен дел, најголем би рекол, процент на работоспособното население работи во текстилната индустрија и во производството на облека и обувки. Исто така, втор дел од работоспособното население работи во производство на земјоделските производи (извезуваат: ориз, чај, рум, кафе, банани, какао и ананас). Од ова, треба да се прочита – Филипинците се високо продуктивни работници. Едни од најдобрите во Здружението на нациите од Југоисточна Азија. 

Како службен јазик, покрај домашиот е англиски, што е доволен показател, зошто ДА на идеата за внесување и позајмување на неколку илјади млади и продуктивни работници од Филипини. Ете, нека се внесат неколку илјади нови работници и сите проблеми ќе се завршат, а македонската економија ќе расте со 8 до 10 отсто во БДП. Како? Ќе имаме двојно повеќе фабрики (во Охрид, Кичево, Битола, Кавадарци, Куманово, Штип, Скопје и т.н.), силно земјоделско производство и силен туризам.  

Како што вели Мајкл Ајснер: „Не постои добра идеја што не може да се подобри“

P.S. Пред да ме осудите или направите налудничав за идеата, која, за прв пат јавно ја пишувам, добро размислете ја истата.

Во оваа насока, НБА ѕвездата Меџик Џонсон ќе рече: „Истражете ја вашата идеја. Видете, дали има потреба за неа. Многу луѓе имаат големи идеи, но не знаат дали има потреба за таа идеја...“

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?