ЈП ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА, ВОДОСТОПАНСТВО, ЕСМ... - има и други државни компании што работеле со загуби, дали Владата од кај нив ќе почне со мерките за штедење
Објавено во: Економија 14 Октомври, 2022 08:30
Во вториот квартал од годинава неколку државни јавни претпријатија или АД во државна сопственост работеле со загуби, односно со негативен финансиски резултат.
Најголем загубар во вториот квартал од годинава било Јавното претпријатие за државни патишта со загуба од 580 милиони денари или 9,4 милиони евра.
Инаку, овие податоци можат да се најдат на веб страницата на Министерството за финансии.
Огромна загуба направило и државното акционерско друштво Водостопанство, и тоа 126 милиони денари, или попрецизно нешто малку над два милиони евра.
Според податоците на Министерството за финансии, со загуба работеле АД Електрани, или сега ЕСМ, која изнесувала 84,1 милиони денари или 1,4 милиони евра.
Загуби имале и ЈП Национални Шуми од 42 милиони денари, потоа ЈП Пошта со негативен финансиски резултат од близу 62 милиони денари, а слични загуби од 61 милиони денари имале и Железници Инфраструктура.
Со загуба работело и ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта - Скопје, и тоа со сума од 23 милиони денари, а негативен резултат имале и JРП „Национална Радиотелевизија“ и тоа нешто над шест милиони денари, како и АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, и тоа близу 20 милиони денари.
Во зоната на негативниот финансиски резултат во вториот квартал влегле и ЈП „Злетовица“ – Пробиштип, ЈП „Национална Радиодифузија“ – Скопје, потоа ДООЕЛ „Борис Трајковски“ – Скопје, ЈП за водостопанство „Лисиче“ – Велес, МИА, ЈП за стопанисување со пасишта – Скопје, АД „Национални енергетски ресурси“, како и ДООЕЛ „Нафтовод“ – Скопје.
А, премиерот Димитар Ковачевски, вчера, одговарајќи на новинарски прашања, порача дека работниците и синдикатите треба да бидат мирни, бидејќи, како што нагласи, никој ниту ги намалува платите на вработените, ниту нивните права, а во контекст на реакциите од синдикатите, по Планот за фискална консолидација што го усвои Владата за намалувањена трошоците во буџетските институции.
Премиерот соопшти дека е донесена одлука да бидат ревидирани менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем е задолжена да ја дефинира новата форма.
Ковачевски порача дека менаџерите на институциите мора да воспостават системи и работа од дома, со ротација од 30 проценти од вработените, а со тоа да се намалат трошоците. Исто така, посочи дека треба да се делува и во усогласување на платите затоа што постојат, како што рече, институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат на пример претседателот на државата или министрите.
„Раководителите на институциите да го прават тоа што го прави и приватниот систем, да воведат менаџмент систем со ротација на вработени, да имаат поголема контрола во делот на исплатата на прекувремени саати, кои може да се менаџираат и со годишни одмори. Постојат повеќе алатки што менаџерите можат да ги користат“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој соопшти дека поради неиспорачување резултати побарал да биде разрешен менаџментот на „Колска”, чии вработени денеска протестираа пред Владата барајќи исплата на заостанатите плати.
Па, овде само може да се постави прашањето, дали први на удар на ревидирање на менаџерските договори и своевидно преиспитување на нивното работење, ќе има кај оние ЈП и АД кои прават загуби во работењето.
Овој одговор на премиерот, пак, следува откако синдикатите се кренаа на нозе по протекувањето на документот за фискална консолидација, а по што произлегоа сомневања дека на оние вработени што ќе треба да седат дома поради мерките за штедење, платите би им се намалиле за од 10 до 30 отсто.
Фактор ги објави и стравувањата на синдикатите и министерските реакции по оваа владина најава, како и реакцијата на Синдикатот на УПОЗ, кој беше поддржан и од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Компанија од Емиратите најблиску да ја купи Нафтена индустрија на Србија (НИС)
Синдикалната минимална кошница во декември зголемена на 65 492 денари
ЕСМ бара од Владата да прогласи кризна состојба, опозицијата смета дека тоа е поради рекордните загуби
Истражување: Европските компании во работниот процес се повеќе ангажираат „аутсорсинг“
Заменик-министерот Јанкуловски: Македонија ќе ја заврши 2025 година со јавен долг од 10,2 милијарди евра
Европа половина од природниот гас го купува од Норвешка
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?




