20 Април, 2024
0.0293

Интервју со Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци

ИНТЕРВЈУ ЈАНЧЕВ: Доколку ВМРО-ДПМНЕ не ја смени реториката и политиката, остава простор да се формира нова партија

Објавено во: Македонија, Интервјуа 04 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Важи за еден од поуспешните градоначалници во земјава, но вниманието во јавноста го привлече и со својот јасен политички став. Иако на позицијата прв татко на Кавадарци дојде номиниран од ВМРО-ДПМНЕ, му се спротивстави на лидерот Христијан Мицкоски за референдумот, тврдеше дека партијата треба да излезе и да гласа против. Затоа беше разрешен од функцијата потпретседател, а доби и смртни закани. Во ексклузивно интервју за Фактор, градоначалникот Митко Јанчев вели дека не сака да го погази или да го збуни членството, но смета дека ако партијата не се вразуми и не ја смени политиката и реториката, се остава простор да се формира нова партија, во која и тој би учествувал. За раководството на ВМРО-ДПМНЕ смета дека им биле потребни жртви по успешното гласање во Собранието на уставните измени, па затоа и се обиделе да го стават во кошот со осумтемина пратеници кои ги етикетираа, но тоа не им успеало. За Преспанскиот договор вели дека бил храбар потег, за кој му честита на премиерот Зоран Заев. 

Бевте високо во ВМРО-ДПМНЕ, потпретседател на партијата, но потоа ве разрешија. Во какви односи сте сега со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дали ги изгладивте недоразбирањата?

Јанчев: Најреалната слика, и пред разрешувањето како потпретседател, и по разрешувањето, а и сега, е дека од никогаш не сум имал ни многу топли односи со раководството, бидејќи, веројатно ме гледаа и со подруги очи, бидејќи имам поразлични размислувања. За моето поразлично мислење од партиското, никогаш не сум наидувал на разбирање, туку, напротив, можеби и се сомневале во мене дека лошо и мислам на партијата. Напротив, времето ќе покаже дека не сум и мислел лошо на партијата, и во делот на разрешувањето, мислам дека повеќе беше политичко разрешување, за да се оцрни мојата личност – да го разрешиме, заедно со другите што ќе ги исклучиме, како предавник на државата, како поткупувач за пратеници, што воопшто нема врска. Дента пред да ме разрешат, лично ми се јави претседателот Мицкоски, и ме праша – сакате вие да си дадете оставка или да биде предлог на мое разрешување, и јас го замолив тоа да биде на предлог на негово разрешување. И тука сум единствено лут што не требаше да ме стават во исти кош со оние што ги исклучуваа, ги навредуваа за поткуп и така натаму, но дефинитивно тоа му било целта, за во истиот тој момент, да ме поврзат со тие осум пратеници и со други луѓе како предавници на партијата. Мое лично размислување е дека целта беше рушење на авторитет и углед на човек за кој веројатно тие мислат дека му ги загрозува позициите или понатамошното функционирање во самата партија. Оттогаш навака немавме посебни несогласувања или било што, не сум бил во централниот штаб, не сум присуствувал на никаква средба. На општинско ниво си функционирам супер, сум дел од Општинскиот комитет, имаме супер соработка, немаме никакви проблеми, се додека немаат некои потврди инструкции од централното раководство. Сега засега е ок. Повремено постои некоја ладна интерна комуникација.

Сте се виделе ли со Мицкоски во скоро време, и каков беше тој разговор?

Јанчев: На почетокот на Тиквешкиот гроздобер, (пред околу еден месец -н.з.), јас имав активности како градоначалник, а Мицкоски бил гостин во Кавадарци на неколку локации. Кога завршив со активностите, добив информација дека е заедно со другите гости од Скопје и со дел од Општинскиот комитет од Кавадарци на кафе во една кафетерија. На моја самоиницијатива, што тие не го очекуваа, отидов на нивната маса, се поздравив, ми дозволија да седнам, ме поканија, помуабетивме... Чувството од моја стрна беше дека имаше нормален пулс, а какво било од нивна страна, треба да ги прашате.

Начнавте ли некоја сериозна тема на разговор?

Јанчев: Не, немаше сериозна тема, туку повеќе беше – кај си бе градоначалниче, јас им реков кај сте бе вмровци, и така, во тој контекст.

Зошто ви замерија толку, кој беше најголемиот грев што ви го припишаа?

Јанчев: И мене ми требаше време тоа да го сфатам. Моето размислување е дека со моето доаѓање на потпретседателската функција, високо се издигнав во партијата, и имав, и имам, многу симпатезери и луѓе што мислат дека добро работам, и во интерес на народот и на државата, а не само во интерес на партијата. Меѓутоа, во тој момент, веројатно на некои личности им требаа луѓе што ќе бидат колатерална штета, за да не бидат тие виновни во делот на успешноста на референдумот, успешноста на гласањето со 81 пратеник, и во тој дел си бараа луѓе што ќе бидат жртви. И успеаја да направат жртви од невини луѓе, но мислам дека кај мене не им успеа приказната да бидам жртва од политичка гледна точка, бидејќи сум се докажал и покажал дека знам да сработам, и имам конзистентен став и не го менувам тој став. Така да, секое раководство веројатно се штити предвреме. Само тука гледам некоја логика за сите тие разрешувања и исклучување на луѓе од партија.

Една година по Преспанскиот договор, што ќе кажете за него, дали ги исполни очекувањата и дали и донесе добро на земјава, дали сметате дека решавањето на прашањето за името беше правилен потег?

Јанчев: Во делот на менувањето на името, мислам дека како проблем што беше отворен, требаше еден ден да се заврши. Дали требаше на тој начин, или колективно, преку заеднички договор на сите партии, тука е дискутабилно, но тоа е веќе помината работа и бадијала би било сега да го коментираме. Ако видиме дека и од грчка страна, и новиот грчки премиер, вели дека иако не му одговара договорот, но сепак го почитува како договор, и не прави негативна кампања туку го третира како веќе завршена работа, значи треба да одиме понатаму. Значи, незадоволна е грчката страна, незадоволна е македонската страна, кој е задоволен во случајот, треба да размислиме. Додавката на нашето име, Северна, мене за надворешно-политичка употреба воопшто не ми пречи, а за внатрешна употреба, знаеме дека тешко се прифаќа и боли како такво, но мислам дека во тој момент и во таква ситуација, беше извлечен максимумот. Бидејќи, ние не ги знаеме сите ситуации и можности што постоеле. Според мене, ако тоа се решело пред пет, десет години, можеби ќе сме имале и малку подобри позиции, а ако го оставевме и сега да не го решиме, јас мислам дека Македонија само ќе тонеше надолу. И по однос на потпишувањето на Преспанскиот договор, јас мислам дека Македонија ќе почне да оди напред. Моите очекувања лично е дека ќе се добие датум за ЕУ, а НАТО веќе го сметам за завршена работа. Лично како градоначалник можам да кажам дека општина Кавадарци има голем бенефит од соработката со Република Грција. Ќе се прави граничен премин, кој ќе биде финансиран со европски пари, со тоа ни се отвораат многу можности, и економски и локални, туристички, и на централно ниво, така да, мислам дека не можеме да имаме штета од нешто што значи приклучување кон некое семејство, кое е добро семејство. Така да, мислам дека сме на прав пат во тој поглед.

Дали сметате дека со Преспанскиот договор премиерот Заев направи лидерство за кое треба да му се честита, прилика што ја испушти ВМРО-ДПМНЕ, иако владееше 11 години и ја имаше целата поддршка од меѓународната заедница да влезе во тој храбар чекор?

Јанчев: Чекорот е прехрабар. Јас како граѓанин му честитам на тој чекор и на тоа што стои на ставот дека направил правилен потег. Прехрабар чекор, но мислам дека тој чекор, доколку не го оправда во понатамошното функционирање на државата, од денеска па натаму, ќе му биде многу негативен. Верувам дека и тој има такво размислување. Граѓаните очекуваа многу повеќе, јас верувам дека и господинот Заев тоа сака да им го овозможи, но веројатно првите две години премногу беше зафатен со решавање на клучното прашње. Доколку бенефитот од клучното прашање не го добие назад нашата држава и народот, мислам дека тоа ќе биде најнегативната ситуација. Очекувам тоа да заврши позитивно. Инаку, таков чекор не би можел секој да преземе. Еве искрено кажано, кога јас би бил на негово место, јас тој чекор не би го направил, бидејќи притисокот е преголем, а знаеме во какво општество живееме – мала држава, мали средини, и би презел таков чекор само ако има апсолутно разбирање меѓу сите партии и народот, а за жал, тоа во Македонија никогаш го немало, и заради тоа земјата константно губи. Требаше ова многу порано да се реши, но заради дневно политичките дози и опстанувањето на одредени личности на позиции, дојдовме во оваа ситуација.

Велите требаше консензус, дали сметате дека опозицијата конструктивно играше додека се решаваше проблемот?

Јанчев: Многу тешко е тоа да се постигне во Македонија, се игра на национална карта и база за да се добијат гласови. Тоа е многу чувствтелна категорија, но мислам дека политиката не треба да се потпира на таа база. Политиката треба да се базира на подобра економија, социјална политика, подобри услови за живот... Секој што игра на национална база, во моментот, верувам дека би добил повеќе, но на долгорочни патеки тоа е погубно, и за народот, и за политичка партија, или за било кој лидер. Можеше ВМРО-ДПМНЕ да постапува на повеќе начини. Можеше да му се даде на господинот Заев мандат за да си го реши прашањето. Ако не сакаме да учествуваме во таа работа, не мораме да бојкотираме. Ако не го поддржуваме, ќе го негираме. Мојот став за референдумот беше да се излезе и да се гласа против. Ако излезевме како партија и гласавме против, и да надгласавме, на пример, да имаше 550 илјади гласови против, тогаш ќе си беше одговорноста лична на господинот Заев. Сега одговорноста е на сите политички чинители и лидери на политички партии. Мислам дека серозна политичка партија како ВМРО-ДПМНЕ, со таков обем и со такво членство, да нема став по вакво прашање, е оставање простор на некој друг да ја заврши работата. И тоа сигурно значи дека имаат одговорност, иако мислат дека немаат, и тоа народот еден ден ќе го препознае.     


Дали дознавте кој ви го преплаши семејството со смртни закани?

Јанчев: Тоа се луѓе од Бојкотирам, луѓе кои на своите фејсбук профили го имаат знамето од Вергина.

Во јавноста се зборува дека се крчка нова партија, па дури и се споменува дека би се викала Македонски концепт, во која би учествувале Вие, Никола Тодоров, дел од реформаторите, па дури се споменува и името на шефот на дипломатијата, Никола Димитров. Има ли вистина во тие шпекулации?

Јанчев: Сум ги слушнал тие шпекулации од повеќе лица. И сум се слушнал и се гледам со неколку од лицата кои што ги спомнавте. Со Никола Тодоров сум куќен пријател, со министерот за надворешни работи се имаме видено, со рефорамторите не се познавам лично, се имам телефонски слушнато уште пред референдумот. Така да, не можам да кажам точно како размислуваат и што во моментов подготвуваат. Дека е логично да се размислува на таква тема во моментов, веројатно има простор, и затоа тоа се шпекулира. Дека јас лично во овој момент сум во преговори или договори за такво нешто – не. Тоа е од една единствена причина, што мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, не би сакал да ја оставам во незавидна позиција, која би била против членството, бидејќи нашето членство не заслужува да биде погазено. Тоа ми е единствената причина што не би направил таков потег барем во овој момент. Меѓутоа ако ситуацијата налага да не се вразумиме како партија или не стигнеме до нешто што треба да стигнеме, тогаш има простор да се размислува, доколку и сакам да влегувам понатаму во политичките дејствија, бидејќи јас сепак сум градоначалник, со мандат и функција од ВМРО-ДПМНЕ. Така да, тоа не го негирам, ВМРО-ДПМНЕ ми дало можност да се кандидирам во Кавадарци, јас бев нивни кандидат, јас ја оправдав таа доверба на мојата партија, ја оправдав довербата од членството, особено членството од Кавадарци, а и пошироко. И покрај сите опструкции и негирања, мислам дека членството не заслужува да се погази, или да се стави во заблуда. Но, доколку се подготвува таков Македонски концепт, треба да се отворат повеќе прашања. Мислам дека тука треба, особно лидерот и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, доколку се спремни и искрени, да си седнат и да си разговараат со тие луѓе што имаат иницијатива или желба за правење на трета опција. Бидејќи, сето тоа би било на штета на ВМРО-ДПМНЕ. Но, не е далеку да се направи таа опција. Бидејќи, кога некого непотребно разрешувате и исклучувате од партија, оставате простор за правење на конкуренција. Е конкуренцијата, некогаш е незначителна, но во даден момент може да биде и побитна од поголемиот фактор. Така да, јас лично, до овој момент немам никакви преговори или договри за правење на нов концепт или нова партија, но пак ќе кажам, доколку не успееме да се соединиме и да направиме тоа што треба, не ја затворам можноста за понатамошно дејствие во тој поглед. 

ВМРО-ДПМНЕ бара избори во март, премиерот не отстапува од октомври. Во секој случај, што очекувате, каков распоред на силите би настапил на тие избори?

Јанчев: Видете, и да зборуваме за март или април, и да зборуваме за другиот октомври, сега е многу рано, бидејќи овој октомври е најбитен за се. Мислам дека од овој октомври, и од наредните два три месеци, ќе се знаат многу политички дејствија и движења за натамошното функционирање на државата. Доколку се движи во правец кој го очекува премиерот, кој го очекува тој бенефит од Европската унија, тоа е една ситуација, доколку не се случи тоа, пак, тоа е сосема трета ситуација. Така да, многу е рано да предвидиме и да кажеме нешто политички, бидејќи – да, временски е кратко, ама во овој временски период треба да се случат многу работи, кои се очекувани 20 и повеќе години. Така да, мислам дека е рано да се прогнозира за било што. 

Велите дека не исклучувате да се ангажирате политички, претпоставувам дека тоа би било после тие избори. Имате ли можеби амбиции некогаш да станете премиер?

Јанчев: Видете, амбиции, секој нормален човек треба да си има до нормална граница, и да види до каде е изградено и што може да стори за државата. Како единка, како човек, знам дека сум способен, и знам што можам да сработам. Но, без тим и без добри луѓе околу тебе, или без концепт, тоа не е можно. Така да, оставаме на времето. Јас пред се, би сакал во Кавадарци да си ги довршам проектите. На први ноември ми завршува точно две години од мандатот, и 100 проценти од мојата програма е исполнета. И ќе одиме сег со дополнување на програмата, за следните две години. На прашањето дали се гледам на премиерска функција нема да одговорам директно – тоа е сплет на околности, и момент на доживување на тоа колку си зрел, како те перцепира опшеството, а и колку си способен. Премиерската функција во една држава од два милиони народ, за мене и не е толку предизвик. Да не даваме толку значење на тие функции. Можеби некогаш е подобро да бидеш и на трета позиција и многу повеќе да придонесеш, отколку да бидеш на прва, и да не придонесеш ништо.

Се зборува дека сте блиски со премиерот Зоран Заев и со луѓе од СДСМ, некои шпекулации одат дотаму и дека шурувате со ривалската партија. Колку има вистина во тоа? Какви се Вашите релации со премиерот?

Јанчев: Одлични. Со кратки зборови, одлични. Во делот на релациите на градоначалник и премиер на држава имам одлични релации и одлично разбирање, со една цел - во интерес на државата и општината. Не како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку како градоначалник и премиер. Сите недостатоци што ги имавме во општината и кои беа побарани, објаснети и аргументирани пред него како премиер и пред неговиот тим, беа разработени, сфатени и поддржани од страна на Владата, не само лично од страна на господинот Зоран Заев. Тоа е со лозарството, тоа е со изградбата на обиколницата на Кавадарци, сега и со поддршката на Филтер станицата на Кавадарци.

Која е Вашата најголема критика за Владата за изминативе две години?

Јанчев: Прво ќе почнам од најниско ниво. СДСМ ги има 95 отсто од општините, но мислам дека градоначалниците недоволно одговорија во интерес на општините, и очекувањата на народот, кои беа големи, бидејќи имаше многу ветувања. Од делот на централната власт, во некои сегменти од министерствата се направени доста пропусти, но да не го заборавиме и моментот дека овој период беше еден период на несигурност, недоверба. Верувајте дека ни еден писмен човек во општината и во јавните претпријатија не сакаше да продолжи со работа и да почне да потпишува. Бидејќи, имвме ситуации каде што за еден потпис, или за еден објавен тендер, што некој друг имал задна намера, да одговараат службеници и да бидат обвинети, приведени и слично. 

Земјава ја тресе аферата Рекет, да ве прашам директно, дали имаше обид Вие да бидете рекетиран, како градоначалник и како бизнисмен? 

Јанчев: Од мојата полнолетност, па до сега, а јас имам 37 години, никој не се обидел никогаш да ме рекетира. Значи не зборувам само како градоначалник, зборувам и како бизнис сектор, и како човек – во таква ситуација не сум бил никогаш, директна или индиректна. И не верувам дека човек кој е чесен и искрен, и си го создал капиталот на чесен начин, дека така лесно би се нашол во таква ситуација. 

Сметате ли дека оние за кои имало обид да бидат рекетирани, не биле баш најчесни?

Јанчев: Не можам да кажам дали биле чесни, но зошто баш тие биле избрани? Дали се поврзани со многу случаеви, обвиненија, дали се тие точни или неточни? Чија е иницијативата или каква е? Не сакам да именувам други компании или било што, ама еве, една од посолидните комании е нашата, па досега не тропнал никој да не рекетира. Секој што не се вмешал во такви „случаеви“, не верувам дека некој може да дојде да го рекетира. Старите велат, ако барате, ќе си го најдете. Ако сум бил јас во некакви претходни блиски релации и имам некои предистражни мерки или обвиненија, јас сум веќе потенцијален за секоја ситуација. Така да, јас верувам дека од тука потекнува ситуацијата за таканаречениот рекет. А кој е иницијаторот и кој е вмешан во таа работа, тоа треба државата и институциите да го разјаснат под итно, бидејќи оставање на секоја ситуација да тлее и да не се разјасни, остава многу голем сомнеж дали утре јас не би бил потенцијалниот за рекет. 

Општина Кавадарци е една од поуспешните општини, но дали сметате дека како градоначалник не може да дојде до некаков конфликт на интереси?

Јанчев: Има конфликт на интереси, ние сме единствената општина каде што фирмите ги рекетираме. 

Како мислите?

Јанчев: Мојата компанија годишно на општината и дава донација од некаде околу стотина илјади евра. Има и други компании кои учествуваат со големи суми на донации за општината, особено откако сум дојден како градоначалник, видоа дека сакаме да правиме подобро и посигурно општество, подобар и чист град, со повеќе содржини, спортски, рекреативни и културни. Првата година од мојот мандат, еве точно за ваша информација, од компаниите, домашни и странски, имаме 27 милиони денари донација, тоа е еднакво на вкупна сума од собран данок на имот од физички лица. А во делот за конфликт на интереси, мојата компанија нема апсолутно никаква соработка не само со општината, туку и со јавните претпријатија во неа. Ние се занимаваме со продажба на вода и сокови. Нашата општина има 20 илјади денари јавна набавка за вода и сокови. И за да нема конфликт, мојата компанија не се јавува на тој тендер во општината. А никој не го поставува клучното прашање. Мојата компанија продава вода, Митко Јанчев, ако е монструм, како градоначалник може да направи неквалитетна вода или рестрикции со вода, за да водата се продава и да му оди бизнисот со вода. Но јас го направив токму спротивното, ќе се инвестираат 4,5 милиони евра, од кои 2,5 милиони евра од словенската Влада, а два милиони ќе покрие нашата Влада, и со таа инвестиција ќе бидеме прв град кој ќе има најсовремена филтер станица за водата за снабдување. Јас гарантирам дека нашата вода и во овој момент е меѓу најдобрите и најквалитетните, а во тој момент ќе имаме идеална вода за пиење од чешма. Тоа на Митко Јанчев не му одговара во моментов како бизнисмен и производител на вода, но долгорочно гледано, одговара за општината, но и за компанијата. Откако сум дојден за градоначалник, Кавадарци ниту еден ден немал рестрикција за вода. 


Која е стапката на невработеност во општината?

Јанчев: Невработеноста е 5,5 проценти, а 320 работници се бараат, бидејќи секој ден добивам статистика, значи има 320 отворени пријави за вработување. И во континуитет се бараат од 250 до 320 работници. 

А се соочувате ли со спротивниот проблем, фирмите да имаат недостиг од квалификуван кадар?

Јанчев: Има дефицит од кадар, градежни, електро, машински инженери, ИТ менаџери. А општите работници се прилагодливи. Еве, Дрекселмаер кај нас е компанија со 5.300 вработени, и успеа, за четири години да изгради кадар од 5.300 вработени, кои ги класифицира да работат во делот на автомобилската аиндустрија и каблирање. Нашиот народ е интелигентен, работлив, за да се прилагоди кон работата. 

Се соочувате ли со проблемот на иселување од општината?

Јанчев: Мислам дека многу малку. Немаме таква тенденција. Напротив, со отворањето на Дрекселмаер, мислам дека Кавадарци се движи кон зголемување на жителството. Се бара стан повеќе, плац повеќе, куќа повеќе. 

Како бизнисмен и градоначалник – како рецесијата во германската економија ќе се одрзаи врз домашната економија?

Јанчев: Ако зборуваме конкретно за Дрекселмаер, компанијата сега инвестира во нова линија, направила договор до 2024 година за проширување на капацитетот за производство. Во тој дел немаме никаков проблем, а Дрекселмаер е клучен економски оператор за масовно вработување. Бидејќи, ако некоја компанија со 30 или 50 вработени, не дај боже се ликвидира или оди во стечај, тоа е лесно справливо, но не дај боже да се затвори компанија од 5.000 вработени, тоа е веќе економски и социјален шок во цела општина. Значи, за нив ги имаме информациите дека до 2024 веќе имаат направено нарачки, што значи дека се мирни. 

А шпекулациите дека даваат мали плати, или имаат лоши услови за работа?

Јанчев: Тие шпекулации јас веднаш ги демантирав, а потоа и раководството на компанијата тука, а и од Управниот одбор на Дрекселмаер во Германија, за да се направи одма анализа и да се заштити компанијата од такви шпекулации. 

Колкава е просечната плата во компанијата?

Јанчев: Според моите информации, минималната плата во Дрекселмаер за нормално работно време е 16 илјади денари. Плус третосменско работење, плус саботно, неделно и сл. Значи, просечните плати допираат до 20 илјади денари нето, ова важи за општ работник. Од повисоките структури имаат повисоки плати, така да не верувам дека нето просечната плата е под 22 илјади денари. 

А ФЕНИ сега како функционира?

Јанчев: ФЕНИ исто е во добра кондиција во моментов. Нормално, тој застој од една година во кој беше без производство, му носи последици кои уште ги влече, но мислам дека менаџментот во ФЕНИ е доволно способен и искусен да си ги надмине тие проблеми. Ќе инвестираат во репарација на втората печка, а никелот за наша среќа во моментов има солидна цена од 18 илјади долари по тон, и мислам дека ако се задржи цената, ФЕНИ ќе биде стабилна компанија во следните 10 години. 

Што мислите за мерката на Владата за субвенционирање на придонесите, и дали Вие на Вашите вработени во фирмата би им ја зголемиле платата токму заради таа мерка?

Јанчев: Секоја мерка која што е стимулативна и делува долгорочно, за мене е позитивна. Ќе трае три години и за тоа време би се постигнал успех во секој случај. Нема да биде негативна, ќе биде позитивна. Во мојата компанија, заедно со дистрибутери и со сите поткомпании што ги имаме, се вработени 560 луѓе. Просечната нето плата кај нас во Кожувчанка е 26 илјади денари. Така да, имаме солидни плати. Оваа година ги дигнавме платите за 10 отсто, а очекувам и наредната година да ги дигнеме за пет до 10 отсто, така што, платите се движат по нагорна линија. 

Какво е Вашето мислење за прогресивниот данок кој се воведе од почетокот на годинава?

Јанчев: Јас тоа лично не го оправдувам. Јас се залагам за линеарниот данок. Тој е понормален данок за мене. Прогресивниот данок не е за наши услови. Дали имаме ние кралски семејства, дали имаме бизниси од по 200 години? Не можеш да направиш прогресивен данок врз основа на примањата, бидејќи така влегуваш во друга димензија, враќаш нешто назад, кое што некој друг претходно го тргнал. Линеарниот данок е добар за плаќање. 

Пред извесен период имавте семејна драма, Вашето синче имаше тешка сообраќајка, како го поминавте тој тежок период и како сега тој се чувствува?

Јанчев: Тоа е можеби најтешкиот период што сум го имал во животот. Никому не би го посакал тоа. Благодарение на Бога и на сите лекари, синот до овој момент е добар, се запиша во прва година на економска насока во гимназијата во Кавадарци. Се уште оди на терапии за рехабилитација на ногата, на раката, но сето тоа го прифати добро. Битно е дека е на две нозе, самостојно се движи, се уште со некои накривувања кои треба да ги надмине со тек на време. Најбитно е тоа што тој и неговото другарче сега се добри и се запишаа на училиште. Најмилото нешто во нашите животи се нашите деца. Нив мора да ги заштитиме. Но нашето општество е малку нездраво во одреден поглед. Според мене, на 15 години не треба да биде качен на мопед или на веспа, но бидејќи сите негови другарчиња имаат, и тој поседуваше веспичка од 50 метри кубни. Соучесникот во сообраќајката кој ги удри со колата, беше со 3,2 промили алкохол. Тие информации ги имаме од Обвинителството. Јас не сакам да ги оправдувам децата, но не можам и да не го критикувам другиот возач кој бил со 3,2 промили алкохол во крвта. А тој се уште е на слобода. Тој систем мораме да го промениме. 

Нина Нинеска-Фиданоска


Можеби ќе ве интересира

КРИВИЧНА ПРОТИВ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ: Синдикатот на полицијата oбвинува за несовесно работење

КРИВИЧНА ПРОТИВ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ: Синдикатот на полицијата oбвинува за несовесно работење

ВАНКОВСКА: Kамшикот му се дава на Грк, Преспа мора да се раскине

ВАНКОВСКА: Kамшикот му се дава на Грк, Преспа мора да се раскине

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ: Ако има политички актери некои, тие се маргинални

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ: Ако има политички актери некои, тие се маргинални

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители