Јаковина за Фактор: Ова нема да води никаде, освен што ќе ги наруши односите меѓу двата народа и ќе го наруши угледот на Бугарија
Објавено во: Македонија 12 Јули, 2022 11:31
Хрватскиот историчар Твртко Јаковина, кој беше еден од потписниците на писмото на историчарите од регионот кои бараа историјата да не се злоупотребува во македонско – бугарските односи, во процесот на евроинтеграциите, вели дека најновите случувања само ќе ги влошат односите меѓу двата народи.
Додава дека долго време некои прашања ја оптоваруваат македонската, бугарската, грчката јавност. Но, тука ја спомена и соседна Србија.
„Мислам дека за минатото треба да се разговара, на повеќе нивоа, во различни кругови, не само меѓу историчарите, бидејќи очигледно е дека со децении некои проблеми ја оптоваруваат бугарската јавност и политиката, грчката јавност и политиката, но и македонската страна. Ја оптоваруваат Србија и српско-македонските односи, но не многу сериозно. Ставот на поранешните југословенски републики за македонското прашање е претежно јасен и мислам дека секогаш во принцип бил на страната на Скопје, без разлика дали така требало да биде до сите детали. Но, она што Бугарија на Тодор Живков не можеше да го реши со сила или наметнување, со помош на Советскиот Сојуз, нема да може да го реши ниту оваа европска Бугарија, како и скандалозните, дури и неправедните грчки барања кон Македонија, кои завршија со компромис. Минатото никогаш не треба да се решава со комисија, да се користи во политички преговори и како средство за притисок. Она што во моментов и се наметнува на Македонија како услов за ЕУ е многу слично на дискусиите што се водеа кон крајот на седумдесеттите и во текот на осумдесетите меѓу Југославија и Живкова Бугарија. Ова нема да води никаде, освен што ќе ги наруши односите меѓу двата народа и ќе го наруши угледот на Бугарија во Европа“, изјави историчарот.
Јаковина објаснува дека минатото може да се разјасни само во научни дебати и со свесни одлуки на политичките елити, и тие да се стремат кон вистината или во пресметката на две вистини, да се бара меѓусебно разбирање. Вели дека според него, Македонија премногу често била пречувствителна на некои историски прашања. Исто така вели дека било нерационално кога Македонија го претвори Скопје во она што е моментално, град кој изгледа како да го водат скулптори со не особено префинет вкус, кога се откажа од некои веќе воспоставени идентитетски наративи и се втурна во античкото минато на Александар Македонски, но и тоа додава сега е минато.
„Европа треба да разбере дека патот до Брисел мора да им се олесни на земјите од Западен Балкан или барем да не им се отежнува. Тоа треба да го направи помалку неизвесно, што не го прави денес. Ова ја покажува незрелоста и кратковидоста на европските бирократи, кои нема да им помогнат на Молдавија и Украина со својата политика, а секако ќе им отежнат на Црна Гора или Македонија, што е трагедијата на европската политика во 2022 година“, рече Јаковина.
Францускиот предлог кој го даде претседателот Емануел Макрон наиде на бурни реакции во Македонија. Според ВМРО-ДПМНЕ тој ќе ја внесе Македонија во бесконечни преговори, и бугаризација. Со денови има протести во Скопје, со барање власта да го отфрли предлогот. Германскиот канцелар Олаф Шолц сепак кажа дека и по прифаќање на францускиот предлог, патот за влез во ЕУ нема да биде лесен.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот
ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми
УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата
МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење
СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема
УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето
Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје
Обвинение за упадот во „Инфомкас“, напаѓачот бил пресметлив
Левица: Ќе доставиме докази против Томовски во Антикорупциска




