03 Мај, 2024
0.0247

Јагоди во саксии – некогаш профитабилен агробизнис, сега едвај се преживува!

Објавено во: Агробизнис 07 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Македонското производство на јагоди во саксии од стиропор под пластеници, доживеа колапс. Променетите климатски услови, ниската цена и слабиот пласман, ова производство кое пред седум години беше вистински бум и профитабилен семеен агробизнис, сега е производство до кое заработувачката е минимална. Производителите на јагоди велат дека евтините увозни јагоди ја срушија цената на домашниот производ. Македонските јагоди од саксии се продаваат само на домашниот пазар, по седум години не успеаја да се пробајам надвор од границите на Македонија, поради недоволното произведено количество. -Пласаманот на домашниот пазар е добар, увозните јагоди ја срушија и нашата цена. Така кога почна бербата цената беше 120 денари за килограм, сега кога траат интензивните берби падна на 80 денари и до крај најверојатно ќе се спуши и на 60 денари за килограм. Со вакви ниски цени едвај се покриваат основните трошоци, а да не зборуваме за заработувачка, минимално, вели Дивна Иванова, производител на јагоди од Кочани. Дивна Иванова е првиот сериозен производител на јагоди во саксии од стиропор, вертикално наредени. Со овој семен бизнис започна во 2007 година. На почетокот имаше 24 илјади садници од сортите „Маја“, “Роксана“ и „Алба“,сместени на површина од декар и половина, а набрзо потоа го зголеми производството на 40.000 садници на површина од пет декари. Тогаш беше оптимист дека производство во земјава ќе успее, а Македонија ќе стане препознатлива во производството на јагоди во саксии. Следната година, во 2008, производството на јагоди во саксии од стиропор вртикално наредени под пластеници,  стана хит и повеќе од 300 семејства се заинтересираа за овој агробизнис. -Голема е заинтересираноста на оние што имаат пластеници и одгледуваат домати и пиперки, па сакаат да почнат со јагоди, бидејќи слушнале дека нема толку работа како кај зеленчукот. Нема што да кријам. Јас мислам дека треба што повеќе луѓе да да произведуваат вакви квалитетни јагоди, бидејќи трговците молат за количества за извоз. Ако имаат пластеник пренамената за 320 квадратни метри чини околу 5.000 евра, но парите се враќаат по првата година. Втората година веќе нема никаква инвестиција.Само берба и ќар, изјавуваше Иванова во јули 2008 година, кога во нејзините пластеници со јагоди во саксии од стиропор, секојдневно доаѓаа по десеттина семејства да се уверат во исплатливоста на бизнисот. Но тогаш просечната цена на овие јагоди беше 100 денари за килограм, а на почеток на бербата достигнуваше и 180 денари за килограм,  со иста или повисока цена беа и увозните јагоди. Бидејќи бројот на производители на јагоди во саксии растеше, се формираше и здружение на производители на јагоди, „Македонска јагода“ за чиј претседател беше избрана Иванова. Здружението имаше за цел да ги едуцира заинтересираните земјоделци за производство на јагоди во саксии, и преку него да се вршши групна набавка на репроматеријали и заеднички настап на пазарите, не само во Македонија туку и во регионот. За поголем развој и за помасовно ширење на производството, земјоделците очекуваа да бидат вклучени во програмата за поделба на субвенциите, што на државата ќе и се врати преку зголемен извоз на македонските јагоди, но тоа не се случи. Производителите велат дека тогаш имале ветување дека државата ќе им помогне околу пласманот, но ветувањето не се исполнило. За жал здружението повеќе не функционира, бројот на производители е намален, па дури и пионерот во ова производство Иванова, вели дека ова ќе и биде последна година да ги произведува јагодите. -Старите времиња кога од ова производство имаше добра заработувачка, никогаш нема да се вратат. Од година во година е се полошо, се понеисплатливо.Освен цената променета е и климата, првата година во 2007, беревме на 22-ри март, сега на 10 април почнавме. Во вакви услови инвестицијата е неисплатлива, многу земјоделци се откажаа, јас постепено го намалувам производството и најверојатно ќе се откажам, објаснува Иванова. Колку чини производство на јагоди со саксии од стиропор вертикално наредени Во пластеникот на меѓуредово растојание од метар и дваесет собира 6 реда со 40 столба во должина - или 240 столба со саксии. Секој столб има по осум саксии, за што се потребни 1.920 стиропорни саксии, за чија набавка според моменталните цени се потребни околу 1.500 евра, цена која што сега како што вели Иванова е и пониска. За да се наполнат со земја, односно со тресет, се потребни 700 евра. Држачите се обични цевки од 2 метра, за чија набавка треба да се одвојат 1.350 евра. Следна исто така значајна инвестиција е набавката на садниот материјал. За квалитетен расад се трошат 1.100 евра. Останува уште 80 евра за системот за наводнување капка по капка и 200 евра за филц-фолијата која се поставува на земјата за да нема плевели во пластеникот. Вкупно овие 5.000 евра за пластеник од 320 квадратни метри, изгледаат многу но пред неколку години математиката на приходите покажуваше дека инвестицијата е исплатлива. Еден корен во првата година дава најмалку 400 грама, што значи дека од еден столб би требало да се наберат 12,8 килограми јагоди, што се околу три тона од пластеник. Иако цената на стартот на бербите достигнуваше и по 180 денари, со просек по 100 денари од еден столб се добиваа 1.280 денари, а сега со падот на цената заработката е близу 800 денари од еден столб. Ова значи дека со просечна цена од 100 денари за килограм, од целиот пластеник приходот првата година е околу 5.000 евра, колку и целата инвестиција. Втората година родот се зголемува на 600 грама од корен, односно 4,6 тона од пластеник. Работа во пластениците со јагоди има околу 10 месеци во просек по 4 часа на ден. Важно е да се запази рокот за садење, да се внимава при изборот на саден материјал, од што зависи квалитетот на родот. Кон средината на јуни треба да се почне со подготовка за садење на јагодите во саксии. Во овој период треба да се набави садниот материјал, тресетот и саксиите од стиропор и веќе на почетокот на август да се почне со садење за да може да се стигне есенската берба во октомври. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?