ИЗВИКА „СЛОБОДНА ПАЛЕСТИНА“: Почина американскиот војник кој се запали поради Газа
Објавено во: Свет 26 Февруари, 2024
Почина американскиот војник кој се запали поради Газа, a последните зборови му биле: „Слободна Палестина“.
Арон Бушнел, американски војник кој се запали пред израелската амбасада во Вашингтон, велејќи дека нема да учествува во геноцидот во Газа, починал во болница. Полицијата во Вашингтон објави дека 25-годишниот Бушнел починал откако се запалил пред израелската амбасада. Активниот припадник на американското воено воздухопловство се запалил во неделата пред израелската амбасада во Вашингтон во знак на протест против војната во Газа, пишуваат бројни американски медиуми.
„Повеќе нема да бидам соучесник во геноцид. Ќе се впуштам во екстремен чин на протест, но во споредба со тоа што луѓето го доживуваат во Палестина од страна на колонизаторот, ова воопшто не е екстремно. Тоа е тоа што нашата владејачка елита одлучи дека ќе биде нормално“, рекол Бушнел пред да се запали.
Снимката која го прикажува неговиот протест и моментот кога војникот се запалил станала вирална. Лани на 7 октомври, палестинската терористичка група Хамас го нападна Израел, по што израелската армија почна операција во Газа каде загинаа над 28.000 Палестинци.