29 Април, 2024
0.0299

Израелски воени офицери бараат брзо отцепување од Палестина

Објавено во: Свет 28 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

Израелскиот печат посвети внимание на новата политичка иницијатива за отцепување од Палестина, која ја покренаа голем број поранешни политичари и припадници на безбедносните сили во Израел. Во исто време, десничарските активисти ги опишуваат водачите на оваа иницијатива како фашисти.

Иницијативата под паролата „Треба да се отцепиме од нив” ја покрена движењето „Команданти за безбедност на Израел” кое брои околу 250 високи офицери од различни сектори од израелската безбедност.

Покренувачите на оваа иницијатива поставија транспаренти ширум Израел со предупредување дека бројот на Палестинците се зголемува, додека на некои пишува и на арапски јазик: „Наскоро ќе станеме мнозинство”. Исто така, во рамки на овој проект е направена и веб страна за да се добие поддршка од израелската јавност.

Ревитал Амиран, новинарка на весникот Маарив, вели дека кампањата поаѓа од претпоставката дека 2,5 милиони Палестинци на Западниот брег не се на пат на исчезнување, туку дека нивниот број ќе се зголемува. Според тоа, Израел може да стане држава со малцинско еврејско население.

Во кој правец оди Израел?

Таа ги цитира зборовите на Амнон Решеф, претседател на движењето „Команданти за безбедност на Израел”, кој верува во решението со две држави со Палестинците, дека покренувањето на иницијативата токму во овој момент носи со себе неколку цели, додека најважна од нив е да се зачува државната безбедност на Израел. Додаде дека ова движење не претставува нова политичка партија и дека не сака да остварува економски интереси, но затоа бара да не дојде до прогласување на анексија на Западниот брег.

Поранешниот шеф на Мосад Шабтаи Шавит, еден од истакнатите претставници на ова движење, вели дека во Израел никој не знае во кој правец оди оваа држава. Тој го поставува прашањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху: „Како да се зачува Израел како безбедна еврејска држава, далеку од сувопарните пароли”?

Од друга страна, генералот Гади Шамни, поранешен шеф на Централната команда во Израелските одбранбени сили, вели: „Ние веруваме во решението со две држави и сметаме дека неговата реализација е можна, а тоа бара само да се повлечат тактички потези во тој правец”.

Додава дека мнозинството население во Израел гледаат решение во две држави и го сметаат за исправно, како и тоа што таквото решение носи со себе кога станува збор за одвојување од Палестинците, но на начин поинаков од тој што го направи Израел во Газа.

Критика на десницата

Генерал Шамни смета дека Израел работел на слабеење на палестинската власт и дека треба да работи на нивно јакнење, што не се однесува на Исламското движење на отпорот Хамас.

Итаи Блументхал, дописник на израелскиот весник Једиот Ахронот ги цитира зборовите на генералниот инспектор на израелската полиција Апаф Хефетз, исто така еден од истакнатите членови на ова движење, кој вели дека „радикалното малцинство малку по малку не влече зад себе без тоа да го почувствуваме. Јас не можам да имам доверба во било кој процес кој подразбира припојување на милион Палестинци” – вели тој.

Додава: „Навистина сум загрижен за секој потег кој може да предизвика меѓународна загриженост и да доведе до промени во демографскиот баланс меѓу нас и Палестинците. Ваквите потези неминовно водат кон јакнење на санкциите и влошување на економската криза низ која минува Израел”.

Генерал Дани Ардити, поранешен шеф на Советот за државна безбедност, вели дека постојат многу причини поради кои Израел подолг временски период ќе ги следи вооружените палестински операции. Меѓутоа, „тоа може да се намали со помош на безбедносните бариери на Западниот брег” – според негови зборови.

Вели дека покојниот премиер Ариел Шарон почнал да ја гради таа ограда, а потоа тоа продолжил да го прави и Ехуд Олмерт. Меѓутоа, актуелната израелска Влада ја запре понатамошната изградба на безбедносните огради поради политички и партиски причини, што резултираше со губење на израелската безбедност.

Израелскиот сајт „NRG” пренесува дека израелскиот министер за образование и лидер на десничарската партија Еврејски дом, Нафтали Беннет порача на покренувачите на оваа кампања да не трошат повеќе пари поради Палестинците, бидејќи ова што тие го заговараат нема да се оствари.

Беннет, кој се залага за анексија на Западниот брег, ги опишува овие лидери како левичари кои се обидуваат да ја уверат израелската јавност во воспоставувањето на палестинска држава, „но ние нема да дозволиме да дојде до тоа” – вели тој.

Во истиот контекст, активистите на израелската десница преку социјалните мрежи упатија жестоки критики на сметка на водачите на оваа кампања, опишувајќи ги како фашисти и расисти.

Сметаат дека оваа кампања „го потсетува еврејскиот народ на паролите кои ги повторуваше нацистичката држава во Германија, кога ги опишувала Евреите како глувци кои се размножуваат и сакаат да ја преземат контролата над државата” – како што наведуваат израелските активисти. 


Можеби ќе ве интересира

ПУКНА БРАНА ВО КЕНИЈА: Најмалку 42 лица загинаа во поплавите (ВИДЕО)

ПУКНА БРАНА ВО КЕНИЈА: Најмалку 42 лица загинаа во поплавите (ВИДЕО)

АКО НЕ УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН, ТОГАШ КОЈ: Седум имиња во трка за прв човек на Европската комисија?

АКО НЕ УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН, ТОГАШ КОЈ: Седум имиња во трка за прв човек на Европската комисија?

ГО ДОНЕСЕ ФИАТ ВО ЈУГОСЛАВИЈА, БЕШЕ СИМБОЛ НА ИТАЛИЈА: Џани Ањели го живееше животот како на филм

ГО ДОНЕСЕ ФИАТ ВО ЈУГОСЛАВИЈА, БЕШЕ СИМБОЛ НА ИТАЛИЈА: Џани Ањели го живееше животот како на филм

ИТАЛИЈАНСКА СЕСТИЕРЕ ПОД 56 САНТИМЕТРИ СНЕГ: Деновите што доаѓаат се најавуваат нови обилни врнежи

ИТАЛИЈАНСКА СЕСТИЕРЕ ПОД 56 САНТИМЕТРИ СНЕГ: Деновите што доаѓаат се најавуваат нови обилни врнежи

Досега 22 Украинци удавени во реката Тиса во обид да избегнат мобилизација

Досега 22 Украинци удавени во реката Тиса во обид да избегнат мобилизација

КАТАКЛИЗМА ВО АМЕРИКА! Торнадо уништи куќи и однесе дури 5 животи: загина четиримесечно бебе (ВИДЕО)

КАТАКЛИЗМА ВО АМЕРИКА! Торнадо уништи куќи и однесе дури 5 животи: загина четиримесечно бебе (ВИДЕО)

ПРИНЦОТ ХАРИ СЕ ВРАЌА ВО БРИТАНИЈА: Еве зошто го прави тоа

ПРИНЦОТ ХАРИ СЕ ВРАЌА ВО БРИТАНИЈА: Еве зошто го прави тоа

ИМААТ ТОЛКУ МНОГУ ПАРИ ШТО И АЕРОДРОМОТ ЌЕ ГО ПРЕМЕСТАТ ЗА ДА НАПРАВАТ УШТЕ ПОГОЛЕМ: Дубаи ќе има аеродром кој ќе биде „центар на светот“

ИМААТ ТОЛКУ МНОГУ ПАРИ ШТО И АЕРОДРОМОТ ЌЕ ГО ПРЕМЕСТАТ ЗА ДА НАПРАВАТ УШТЕ ПОГОЛЕМ: Дубаи ќе има аеродром кој ќе биде „центар на светот“

ПЛАТА, ДОДАТОЦИ, ПЕНЗИЈА... - погледнете зошто сите сакаат да бидат пратеници во Европскиот парламент

ПЛАТА, ДОДАТОЦИ, ПЕНЗИЈА... - погледнете зошто сите сакаат да бидат пратеници во Европскиот парламент