13 Мај, 2024
0.0197

Историски ден: Македонија се пласираше на европско во фудбал

Објавено во: Спорт 11 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Денешниот ден ќе биде запишан во фудбалската историја на нашата држава откако младите фудбалери на Македонија до 21 година остварија пласман на европско првенство. Младите момчиња и нивниот тренер Благоја Милевски го остварија незамисливото и во последниот меч од својата група ја совладаа Шкотска со 2:0 на арената „Филип Втори“.

Македонија со оваа победа заврши на првото место во групата 3 со 21 бод од 10 натпревари (6 победи, 3 нерешени и 1 пораз) и директно ќе се натпреварува на ЕП во 2017 во Полска. 

На Македонија во прилог и беа и останатите резултати од групата, откако Украина го совлада Исланд со 2:4 на гостински терен и со тоа ни помогна да го оствариме најголемиот резултат во нашата историја.

Идната година во Полска ќе се надигруваме со репрезентации од калибарот на Португалија, Италија, Чешка, Данска, Полска, Германија, Англија итн.

Што се однесува до денешниот натпревар, нашите нови херои покажаа смирена и одлична игра, а сѐ успеаја да реша во рок од 4 минути. Прво Кире Маркоски ја смести топката во мрежата на Шкотска за голема радост на „Филип Втори“ и водство од 1:0 во 18-тата минута, а само 4 минути подоцна  Енис Барди постигна прекрасен гол од далечина за 2:0. Македонија можеше да дојде и до трет гол во 37. минута по досудениот пенал за игра со рака на еден од шкотските фудбалери, но Давид Бабунски не ја реализираше најстрогата казна.

Нашата селекција одигра паметно и знаеше како да ја задржи сигурната предност од првиот дел и само го приведе натпреварот до крајот.

Честитки за „црвено-жолтите“ кој е првата македонска фудбалска репрезентација која успеа да обезбеди пласман на едно големо фудбалско натпреварување.