Добивај вести на Viber
Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчo Димовски на првиот ден од меѓународниот саем за храна, земјоделство и хортикултура „Зелена недела“ одржа билатерални средби со повече свои колеги, соопштија од ресорното Министерство.
За време на средбите се разговарало за реализацијата на билатералните договори во земјоделството, како и за интензивирање и продлабочување на досегашната соработка во оваа област.
„Имав навистина успешни средби со моите колеги од Словенија, Србија, Хрватска и БиХ. Досегашната успешна соработка помеѓу нашите министерства продолжува и понатаму“, изјави министерот Димовски.
Во текот на утрешниот ден министерот Димовски ќе земе збор и на Самитот на министри за земјоделство, кој е дел од „Зелена недела“ .
Во фокусот на годинашниот Самит на министри е прифаќањето на фактот дека земјоделството игра клучна улога во исхраната на популација која на глобално ниво сè повеќе расте и дека е неразделно поврзано со искоренувањето на сиромаштијата, особено во земјите во развој. Исто така ќе се стави акцент дека инвестирањето во одржливо земјоделство и рурален развој е од суштинско значење за да се оствари правото на соодветна храна.