29 Септември, 2020
0.0340

Интервју Зекири: Мора итно да се свика Собранието, неразбирливо е како Талат Џафери и опозицијата немаат слух

Објавено во: Македонија, Интервјуа 27 Април, 2020

Политичките интриги повторно стануваат интересни со најавите за свикување на Собранието по поведената иницијатива од страна на СДСМ и неколку партии меѓу кои и БЕСА, како и можни брзи избори по укинувањето на мерките за ограничено движење. Пратеникот Мухамед Зекири кој ја застапува идејата дека Собранието треба повторно да се свика смета дека Уставот тоа го дозволува. Актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери со кого Зекири има особени несогласување нема потреба да биде разрешен, бидејќи неговиот мандат секако истекува и тој повеќе нема да биде на оваа функција. Зекири вели дека овие маневри не се обид за политиката повторно да стане актуелна по два месеца на борба со пандемијата со КОВИД-19, а за досегашните мерки на Владата вели дека е направено се што е потребно. Политичките несогласувања кои ги имаат со коалициониот партнер ДУИ не се одразуваат на справувањето со кризата, додека пак опозицијата која иако критикува има своја одговорност и свои министри кои треба да дадат придонес во справување со состојбата.

Повеќе од еден месец на сила е вонредна состојба за справување со пандемијата со КОВИД-19. Ако направите пресек сметате ли дека досега воведените мерки и ограничувања даваат резултат?

Зекири: Апсолутно сите мерки кои ги презедоа надлежните институции ги дадоа очекуваните резултати. Ако ги гледаме само мерките за ограничување на движењето, можеби разбирлива е нервозата кај дел од граѓаните затоа што за прв пат во нашата земја се преземени такви мерки, односно се применува полициски час. Но, сето тоа е со намера да се заштитиме од невидливиот непријател. Да беше свеста на граѓаните поголема можеби ќе немаше и потреба за такви рестрикции, но за жал голем дел несериозно и неодговорно се однесуваа во крајно сериозната ситуација со која се соочуваме не само ние, туку целиот свет. Ќе ги земам за пример една Германија или Швајцарија каде нема полициски час, но таму сепак не можете да видите граѓани да се расшетани низ улиците или парковите. Се надевам дека сега, откако почнаа да се намалуваат рестрикциите, граѓаните кај нас ќе се покажат посвесни и ќе ги почитуваат препораките за држење дистанца, носење на заштитна опрема и забраната за групирање. Сето ова е за нивно и наше добро.

Од друга страна пак, критиките се дека владата сега има неограничена моќ и работи практично без надзор, а опозицијата обвинува за несоодветно постапување и носење на одлуки. Дали власта добро ја менаџира ситуацијата?

Зекири: Прво мора да посочиме дека таа опозиција која обвинува дека владата несоодветно постапува по носење на одлуки, и самата актуелно е дел од неа. Има свои министри и може да допринесе во целиот процес наместо да се жали и да бара влакно во јајцето. Според досега прикажаното, владата успешно ја менаџира ситуацијава. А, што се однесува до критиките дека владата во вонредна ситуација има неограничена моќ - па токму затоа како пратеничка група покренавме иницијатива согласно Уставот за итно да се свика Собранието.

Присуството на верниците во храмовите и одржувањето на богослужби многумина го критикуваа за неодговорно, односно дека и за верските организации како МПЦ и ИВЗ потребно е да важат истите правила како и за останатите во време на криза. Изминаа велигденските празници, а се ближат рамазанските празници, очекувате ли нови несогласувања?

Зекири: Мора да направиме тука мало разграничување на неодговорното однесување на МПЦ од една и ИВЗ од друга страна. За жал, за време на велигденските празници и покрај апелите и пропишаните мерки, тие не се почитуваа. Имаше одреден број граѓани кои сепак решија да ги посетат црквите.

Што се однесува до верниците од муслиманска вероисповед, џамиите повеќе од еден месец се целосно затворени и продолжуваат да бидат и сега кога веќе започна и месецот на постот, Рамазан. Се надевам и уверен сум дека верниците ќе продолжат да бидат одговорни и молитвите да ги практикуваат во своите домови. Единствен „испад“ и неодговорно однесување од страна на ИВЗ беше изјавата на поглаварот Реџепи, кој се обиде да условува заканувајќи се дека ќе ги отворел џамиите доколку владата финансиски не ги помогне и нив. Неговата изјава наиде на остри критики на пошироката јавност и секако верниците се многу посвесни од него за ситуацијата низ која поминуваме.

Дали во справувањето со кризата постои недоразбирање со коалициониот партнер ДУИ, а со тоа и тешкотии во носењето на неопходните мерки, една од нив како идејата за намалување на платите до износот на минималната за целиот јавен сектор беше блокирана токму од интегративците?

Зекири: Недоразбирања нема - барем што се однесува до мерките за справување со пандемијата.

Се најавува можно свикување на Собранието кое претходно се самораспушти. Има ли уставни можности за оваа иницијатива и зошто токму сега, а не на почетокот на воведувањето на вонредната состојба?

Зекири: Уставот тоа го овозможува во член 63 став 4 кој што вели дека при воена или вонредна состојба може да биде продолжен мандатот на пратениците. Токму затоа собравме доволен број потписи и побаравме од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да свика седница. Но, за жал тој нема слух да го направи тоа, од само нему познати причини. А, уште позачудувачки е ставот на ВМРО-ДПМНЕ која исто така е против свикување на собраниска седница. Инаку, Талат Џафери заборава дека по негова иницијатива во 2016 година иако Собранието беше распуштено, тие повторно се вратија во собраниските клупи. Прашањето е сега кога бил во право Џафери, тогаш или сега кога имаме и вонредна состојба и Уставот ни овозможува продолжување на мандатот на пратениците.

Ќе побарате ли разрешување на спикерот Талат Џафери, вие и претходно имавте силни несогласувања со начинот на кој го води Собранието?

Зекири: Нема што да бараме, тој и онака е само вршител на должноста и тој е со истечен мандат и убеден сум дека веќе нема да го гледаме на таа позиција.

Политичарите како да станаа нерелевантни во екот на здравствената криза, а на сцена стапија лекарите, стручните лица, но и сите кои секојдневно се соочуваат директно со справување со КОВИД-19 кризата. Дали овие нови маневри се обид за реактуелизирање на политичките фактори?

Зекири: Апсолутно не, сега е време да се слушаат токму лекарите и стручните лица, а политичарите се тука да помогнат и да им ја олеснат нивната работа.

Се говори дека ако се стиши пандемијата ова лето може да се закажат повторно предвремените парламентарни избори. Дали се брза со една ваква одлука, или пак е само обид за подигнување на рејтингот на СДСМ и коалиционите партнери кога веќе е јасно дека пред избори нема да соработувате со ДУИ?

Зекири: Здравјето на граѓаните е пред сѐ и над сѐ за сите нас. Изборите ќе се одржат тогаш кога ќе биде укината вонредната состојба. Тоа впрочем и е договорено меѓу политичките партии. Во моментов сите процеси што се однесуваа на изборите се замрзнати. Кога и да решат надлежните дека треба да се прекине вонредната состојба, тогаш се одмрзнуваат и роковите за предвремените избори, односно почнуваат да течат преостанатите 24 дена до одржување на изборите.

Х.С.


Можеби ќе ве интересира

ЈАНКУЛОВСКА ВЛЕГУВА ВО ИДРИЗОВО: Видеото ги вжешти социјалните мрежи со недолични коментари

ЈАНКУЛОВСКА ВЛЕГУВА ВО ИДРИЗОВО: Видеото ги вжешти социјалните мрежи со недолични коментари

ТЕЖОК СЕПТЕМВРИ ЗА КНИЖАРНИЦИТЕ: Нема ученици, нема промет

ТЕЖОК СЕПТЕМВРИ ЗА КНИЖАРНИЦИТЕ: Нема ученици, нема промет

Најризичен период за корона вирусот ќе биде јануари, вели Филипче

Најризичен период за корона вирусот ќе биде јануари, вели Филипче

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Jaнкулоска однесена во Идризово, се појавија проблеми со платформата за онлајн учење

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Jaнкулоска однесена во Идризово, се појавија проблеми со платформата за онлајн учење

Заев вели дека не сакаат нов карантин

Заев вели дека не сакаат нов карантин

Заев кажа кој треба да го решава прашањето за Гоце Делчев

Заев кажа кој треба да го решава прашањето за Гоце Делчев

ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЈАНКУЛОСКА: Забавата на Заев со човечки судбини нанесува зло и штета на државата

ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЈАНКУЛОСКА: Забавата на Заев со човечки судбини нанесува зло и штета на државата

СКАНДАЛ: Полицајка се сликала полугола во униформа

СКАНДАЛ: Полицајка се сликала полугола во униформа

Jaнкулоска спроведена во затвор

Jaнкулоска спроведена во затвор