26 Април, 2024
0.0291

Интервју со Митко Андреевски, советникот за енергетика на премиерот Заев: Концептот „Јужен поток“ веќе го напуштивме

Објавено во: Економија 20 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Митко Андреевски, советник за енергетика на премиерот Зоран Заев, во интервјуто за „Фактор“ вели дека Штип и Кавадарци се градовите кои се најблиску до гасифицирање при изградбата на магистралните гасоводи во Македонија, но суштината на она што тој го очекува од Владата е намалување на цената на оваа енергија преку диверзификацијата, односно остварувањето на повеќе алтернативни „патишта“ од каде што тој би доаѓал и со тоа да се намали ризикот и зависноста.

Андреевски, колку долго време се познавате со премиерот Зоран Заев и зошто токму вие сте одбран за надворешен советник за енергетика во неговиот кабинет?

- Со премиерот Заев се познавам 20 години уште од младинските денови. Јас сум соработник во Владата кој доаѓа од приватниот сектор и јас и натаму сум вработен во фирмата во која сум ја основал и таму сум генерален менаџер. Јас во Владата сум про-боно. Мојата цел е тука да помогнам во регионален контекст,. Тоа што сум го стекнал регионално како искуство сакам да го донесам тука и да помогнам. Моите приватни контакти ги ставам во функција на државата. Две години не сум земал ниту еден надомест за тоа што го работам, а од друга страна, јас сум посветен и на бизнисот. Сам си ги покривам патните трошоци, а исто така не ги прифаќам ниту советите дека губам време. Јас сакам да помогнам со сите нови технологии и можности што ги познавам. Порано мојата цел беше да направам град (Струмица) во кој ќе има дистрибуција на природен гас, а сега сакам тоа да биде на ниво на целата земја и таа да биде транзитна.

Досега целокупната количина на природен гас се увезува од Русија преку Меѓународниот коридор 8, а Владата работи на други алтернативи. До каде е поврзувањето?

- Гас добиваме само од една точка и тоа е од рускиот гигант „Газпром“. Не само Македонија, туку и целиот Западен Балкан се соочува со тој проблем, Доставата се случува преку Украина, Романија и Бугарија и завршува кај нас. Тоа е монополска позиција. Сведоци сме само колку Европската комисија водеше преговори со „Газпром“ но тие преговори не вродија со плод. Нашата репубика бара алтернативни начини. Ние денеска добивме охрабрување од E.ON, кој е 15 отсто сопственик на ТАП (Транс јадранскиот гасовод) и изрази подготвеност дека нивните планови се да донесат гас во Косово, Црна Гора и Србија од Азербејџан преку Грција. Очекувам дека за две до три години ќе имаме конкретни решенија. Концептот за Јужен Поток е напуштен, а беше промовиран од претходниот естаблишмент. Нам ни треба безбедно снабдување и конкурентност. Предноста на Македонија е што ќе стане дел од транзитирањето. Ќе има одреден дел од цената што ќе останува тука за пренос на тој гас. Важна е и сигурноста, за да не се најдеме во ситуација како Украина. Придобивките се повеќекратни. Секако, ќе има и намалени цени .

Го споменавте Транс јадранскиот гасовод. Кога Македонија ќе се поврзе со оваа алтернатива и ќе ја намали зависноста?

- Транс адријатскиот гасовод поминува низ Турција, Грција, Албанија и завршува во Италија. Нашето опкружување ќе транспортира големи количини. Тоа што ние го правиме со DESFA e поврзување во напредна фаза со Грција. Таму главниот проект е готов. Финансирањето од наша страна е обезбедено со 95 отсто. Треба и Грција да забрза. Нашите европски партнери од Берлинскиот процес ќе обезбедат и грант. Многу брзо ќе излеземе со заокружена финансиска конструкција и мислам дека брзо ќе оди тоа гасно поврзување. Проекциите се да биде готово во 2021. Тоa ќе биде во коридорот на самиот нафтовод Скопје - Солун. Нема да има административни бариери.. Завршена е и експропријацијата. Во меѓувреме ќе има и поврзување на Грција со Бугарија, сега со LNG терминалот преку Грција ќе оди гасот од југ кон север. Планирано е до декември тоа поврзување да биде готово. Додека да се изгради директната врска со Грција, тоа значи дека ние можеме да добиваме таков гас од Бугарија. Единствен проблем е тоа што до 2030 „Газпром“ го имаат закупено целиот капацитет меѓу нас и Бугарија и тие нема да допуштат. Но ние ќе се обидеме преку арбитража против монополската позиција, односно преку Брисел и ЕК да ослободиме дел од капацитетот.. Закупен е капацитет од 800 милиони метри кубни годишно, а ние користиме 300 максимум. 

Колку Преспанскиот договор и билатералните средби со грчките делегации го поттикнаа поврзувањето со Грција на ова поле?

- Првите контакти беа направени во полето на енергетика со Грција и договор да се обезбеди интерконектор уште на самитот во Давос лани. Ние први ги инициравме тие разговори. Преспанскиот договор за делот во енергетиката дава само поотворени шанси ЕУ да ги финансира овие проекти. Ние сме соседи со Грција и имаме заемни интереси во енергетиката и тие ги пласиравме кај политичарите . И едниот и другиот премиер се силно посветени дека тоа е првата точка каде што имаме заемен интерес, а со тоа и за заеднички настап кон трети земји. Нас ни треба врска со „Југот“. Гледајте каков регионален играч стана Грција. Имаат пристап до Турски тек, ТАП и до LNG терминал. Ќе имаат снабдување со природен глас од три различни места. „Гасен хаб“ имаат во Солун и натпревар на три понудувачи - Русиja, САД и Азербејџан. Склучуваат два до три договори и вадат т.н. медиум цена која е доста поевтина од нашата. Од друга страна земете ја Србија. Тие добиваат гас само од Русија, а за тоа плаќаат поскапо дури и од нас.

Финансирањето го следи истовремено и поврзувањето или постојат тешкотии да се најдат пари и поради тоа работата се движи во фази?

- Откако ќе се заокружи целата инвестиција, се нарачува физибилити студија која се одобрува. Сега е главниот проект. Се мери притисокот и се означува каде ќе бидат мерните станици. Сега се техничките аспекти. Додека траат тие технички аспекти, ние паралелно обезбедуваме финансиски средства. Тука се Европската банка и Берлинскиот процес на ЕУ, кои ги одобруваат заемите а откако ќе се соберат тие пари треба да се одлучи дали тоа ќе го гради една компанија-конзорциум и во двете земји до нивната граница. Тоа би било најдобро во интерес на времето, бидејќи ако ние стигнеме први,  другата земја ќе доцни, или спротивно. Но во моментов нема никаков проблем за тоа. Нафтоводот Скопје - Солун е така граден пред 20 години. Има можности, средства, политичка согласност, европска иницијатива, корпоративна желба. Лично се ќе направам да одблокирам какви било пречки, бидејќи за нас времето е многу важно.

Кои градови се најблиску до гасно поврзување и гасификација преку магистралните гасоводи Штип до Неготино, од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар?

- Внатрешната потрошувачка е мошне важна. Во овој момент административно и од аспект на завршување на проектот, најблиску до започнување на гасификацијата преку магистралните гасоводи е Штип. Таму има делница до станица 5, односно до самото предградие и ќе започнат тестирањата.. Треба да биде еден од првите градови, а втор е Кавадарци. Таму документирањето и проектирањето е во напредна фаза. Градот има и една друга предност - тоа што Еуроникел Индустри (поранешен Фени) е рестартиран и ќе биде голем потрошувач на гас. Што поголема потрошувачка на природен гас, значи и паѓање на маржата за другите градови и за населението. Колку повеќе троши индустријата, толку повеќе фиксниот дел од преносниот систем го амортизира за сметка на граѓаните, односно за домаќинствата. Многу важно е, исто така, и за каков тип на дистрибутивна мрежа станува збор.

Како ќе се стимулираат самите граѓани и претпријатија да ја прифатат оваа алтернатива ако знаеме дека почетоците секогаш се најтешки?

- Струмичкиот проект е направен од општината за училишта, индустрија и домаќинства. Тој веќе постои од 2011. Тотално е исплатен од самата разлика меѓу дизелот и природен гас. Тоа е дополнителна вредност. Луѓето не мора да се тераат на сила, туку важно е да им се дозволи избор. Ако сакаат нека останат потрошувачи само на струја, но тоа треба да биде на еколошка основа. Електричната енергија е еколошки директно, но индиректно се гори јаглен, кој загадува. Кога ќе бидеме подготвени во повеќе градови да донесеме гас, ние ќе треба да размислиме како да ги дестимулираме другите извори кои загадуваат. Но прво треба да се има избор. Една од тие мерки е на државата, односно Владата, која еве реши да го симне ДДВ-то од 18 на 5 отсто за парно греење. Од еколошки и финансиски причини државата одлучи да изгуби, но придобивките ќе бидат еколошки. Кога ќе имаме гас, можеби ќе ставиме еколошка такса на дрвото. Креативни политики во наредниот период неминовно ќе следуваат. Така, на пример, може да се стимулираат гасни бојлери. Од природен гас во истите да се создава топлина. Градот Скопје еве почна да субвенционира клима-уреди за загревање на домаќинствата, а граѓаните прво мора да докажат дека ќе го напуштат греењето на дрва.

Како ќе се омасови гасификацијата на домаќинствата. Во моментов само неколку стотици имаат приклучоци и тоа само во Струмица и Куманово?

- Ако побаравте од ЕВН Македонија приклучок, тој беше 500 евра, а сега Регулаторната комисија за енергетика го намали на 300. За природен гас, треба одредени уреди како регулатор и филтер, чие поставување треба да го финансираат домаќинствата. Но постои и за тоа начин. Постои модел каде што операторот на дистрибутивниот систем ги става на своја сметка и во еден период од пет години му ги одделува во сметката на домаќинот. Тој е моделот кој постои како можност и јас го преферирам. Подобро е кредитирањето да биде на тој начин, отколку да ги терате граѓаните да одат по банки. На рати со сметката за гас си го отплаќа самиот корисник и не му доаѓа како шок. Само останува да се види дали сите општини ќе имаат таков капацитет и дали ќе треба да се најде приватен партнер. Доколку некоја општина сама се пријави дека е способна нека повели самостојно, или тоа да биде јавно-приватно партнерство или третата можност - целосно приватен концесионер. Се зависи од тоа колку капацитет и посветеност има една општина и каква стратегија ќе направи.

Александар Кузмановски

Можеби ќе ве интересира

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката