27 Април, 2024
0.0323

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р. ВИКТОР КАМНАР: Апсолутно е неприфатливо досега во Македонија да нема ниту една вакцина

Објавено во: Интервјуа 08 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Вакциналниот процес против Ковид-19 во земјава е тотално потфрлање од страна на здравствените власти, оценува доц. д-р. Виктор Камнар од Клиниката за ортопедски болести во денешното интервју за Фактор. Смета дека е дефинитивно неприфатливо досега да немаме ниту една вакцина која е од исклучително значење и е единствен излез од пандемијата. Иако лично сведочи за неговата борба со болеста, нема да се вакцинира се додека има антитела и предност ќе им даде на неговите колеги кои 11 месеци беспоштедно се борат за спасување човечки животи. Како ортопедски хирург посочува дека на клиниката редовно се спроведуваат сите хируршки интервенции иако поради епидемијата намалена е динамиката на работењето. Д-р. Камнар дава и огромен придонес како професор на Медицинскиот факултет особено со објавувањето на две стручни книги од областа на ортопедијата. 

Речиси цела година изминува од почетокот на епидемијата во Македонија. Животот на граѓаните и приватно и професионално комплетно се смени. Компании, фирми, институции...сиот овој период изнаоѓаа начини како да се организира работниот процес сè со цел да нема засотој во работењето. Како фунционираше Клиниката за ортопедски болести, на почетокот беа стопирани сите операции?

Клиниката за ортопедски болести е вратена на редовниот принцип на работа извесен период, но заради сè уште актуелната криза со епидемијата на Ковид-19 во Македонија, имаме ограничена динамика во работењето. Тоа значи дека по сите направени консултации, прегледи, анализи, постои селекција на пациентите кои не се итни, кај кои не се потребни итни хируршки зафати. Таквите пациенти доаѓаат на Клиниката за ортопедија со претходно направен ПЦР тест, па потоа се прават оперативните интервенции и секако остануваат хоспитализирани онолку колку што е потребно. Што се однесува пад до итните пациенти, тие секако веднаш се примаат и се третираат во зависност од потребите. Тестовите за корона вирусот се прават тука, секако со запазување на сите протоколи на заштита за да го зачуваме здравјето на останатите пациенти, но и на персоналот. Работењето мора да има постојан тек, вели д-р. Камнар.

Речиси не постои клиника каде што дел од персоналот не се зарази со корона вирусот. Каква е состојбата на Клиниката за ортопедски болести и дали доколку имаше поголем број заразени од медицинскиот кадар тоа се одрази негативно на работењето?

Се разбира и ние не бевме исклучок од тоа. За жал, повеќето од здравствените работници на оваа клиника се разболеа од вирусот, без исклучок и доктори и среден медицински кадар, односно медицински сестри, болничари, друг среден медицински персонал. Тоа е секако заради природата на работата. И јас бев од оние кои ја прележаа болеста. Секојдневно доаѓаме во контакт со пациенти, па чудно би било дури и да не се заразиме, без разлика што навистина се почитуваат сите мерки на заштита. Но, морам да кажам дека во ниту еден момент тоа немаше последици на секојдневниот тек на активностите, особено и заради намалената динамика. Сите пациенти, и итни и оние кои може да почекаат за ортопедски интервенции беа и се соодветно згрижени и третирани, потенцира д-р. Камнар.

Вие сте и професор на Медицинскиот факултет. Во периодот на епидемијава се направи и целосна реорганизација на образовниот процес. Практично од лани во март учењето од училница, односно во случајов од амфитеатри се пренесе на разни интернет платформи, како вие ја држите настава, се прилагодивте ли на „новото нормално“?

Неблагодарно е да се споредува образовниот процес кој се одвива со физичко присуство и онлај, но и ние како професори, но и самите студенти се обидуваме да го дадеме максимумот. И на Медицинскиот факултет наставата се одвива онлајн, па и комбинирано би рекол и сметам дека навистина одлично се адаптиравме. Се разбира дека праксата е неизоставен дел од едукацијата на идните лекари, така што практичната настава ја организираме во помали групи со студентите и секако со запазување на сите протоколи на заштита од корона вирусот. Тука посебно би сакал да потенцирам дека  како наставници секогаш, а особено во услови кога има негација на мајчиниот јазик, наша обврска е да пишуваме и да објавуваме стручна литература на македонски јазик. Ние имаме огромно искуство и секако минат труд и пишувањето стручна литература  е со цел да го олесни учењето и да дадеме позитивен пример на идните генерации медицински лица. И покрај секојдневните хируршки и професионални обврски, во оваа насока можам слободно да се пофалам со објавување на две стручни книги од областа на ортопедските науки. Тие ќе бидат од исклучително значење за студентите по медицина, за вишите медицински сестри, како и за специјалистите од сродните науки на ортопедијата, вели д-р. Камнар.

Да се вратиме повторно на темата Ковид-19. Веќе споменавте дека и вие самиот го поминавте вирусот. Би сакале ли да споделите искуство за тоа како ја прележавте болеста, имавте ли извесни компликации или за среќа, како многумина, поминавте полесно?

Јас бев од оние пациенти со средно тешка клиничка слика. Немав некои изразени симптоми на болеста, но верувајте, воопшто не е едноставно кога знаете дека сте инфициран со вирусот. За последиците, веројатно уште ќе црпиме искуства. Во иднина секој поединец би имал што да додаде, но последиците ќе бидат спознаени и на глобално ниво. Се уште е рано да се говори на оваа тема, тука мислам на сериозните последици кои ќе ги претрпе светот од пандемијата, нагласува д-р. Камнар.

Да проговориме и за една од најактуелните теми во моментов, и тоа не само кај нас, туку воопшто во светот, а тоа е вакцинацијата. Ве прашувам како здравствен работник, како го оценувате целиот процес за отпочнување на вакцинацијата против Ковид-19 во Македонија?

Сведоци сме на отежната и временски различна динамика на вакцинација во регионот, најблиското соседство и во Европа. Истовремено гледаме дека нашиот северен сосед, односно Србија, од крајот на декември, и веќе од 19 јануари успешно ја спроведува имунизацијата и веќе таму се вакцинирани околу 500.000 луѓе. Кај нив започнуваат со аплицирање и на втората доза од вакцината, а на располагање на граѓаните се дури три, ако не и четири вакцини од четири зарзлични фармацевтски компании. Оттука, можам слободно да констатирам дека кај нас имаме тотално потфрлање во однос на вакциналниот процес и дека покрај секојдневните најави, вака ќе биде, така ќе биде, во земјава сè уште немаме ниту една вакцина, и немаме никаков резултат. Како здравствен работник сметам дека досегашното необезбедување на ниту една вакцина е апсолутно неприфатливо. Искрено се надевам дека оваа долгоочекувана имунизација и кај нас  ќе отпочне што е можно поскоро, бидејќи сме сведоци на голем број наши сограѓани кои прават напори да се вакцинираат во најблиските вакцинални пунктови во Србија, потенцира д-р. Камнар.

Како здравствен работник имате право да се вакцинирате меѓу првите, дали ќе го искористите вашето право и ќе ја примите вакцината против корона вирусот?

Јас веќе бев заразен со Ковид-19, што значи извесен период ќе имам антитела, односно заштита, заради што предност секако ќе им дадам на колегите кои досега за среќа не заболеа и мора да се заштитат. Личмо јас сум голем приврзаник на вакцинацијата, бидејќи сметам дека единствениот начин да се надмине кризната состојба, односно пандемијата е вакцинација во глобални рамери. Ќе се вакцинирам кога навистина ќе се создарат услови за тоа. Претходно ќе направам и серолошки тест и во моментот кога ќе имам намален број на антитела, ќе ја примам вакцината. Нема да се обидувам да се вакцинирам во Србија. Се надевам дека и во нашата Македонија ќе дојдат вакцините и ќе почне процесот за заштита на населението од ова светско зло. Ние како медицински лица сме обврзани да апелираме и за следење на протоколите за заштита, но и за подигнување на свеста за имунизацијата против корона вирусот и тоа и го правиме постојано, зошто, како што и претходно реков, тоа е единствениот излез. Истовремено, иако секогаш ќе постојат незадоволни пациенти, сакам да порачам во ниту еден момент не треба да биде заборавена заложбата и огромниот напор на сите медицински работници во сите овие изминати месеци за функционирање на здравствениот систем во Македонија, порачува д-р. Виктор Камнар.

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“