27 Април, 2024
0.0317

Интервју со Иван Штериев главен извршен директор на Македонска берза – Секјуратизацијата во функција на зголемување на пазарната понуда

Интервју Штериев: Ќе имаме возбудлива година на Македонска берза со нови услуги

Објавено во: Финансии 02 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Македонската економија бележи лоши резултати во целата 2017 година што се должи претежно на политичката и општествена криза, а таквите состојби придонесоа за влевање несигурност кај инвеститорите и успорување на растот. Генералниот впечаток е дека можеше да се постигнат многу подобро резултати на сите полиња, вклучувајќи го и пазарот на капитал каде има раст што е секако, позитивна точка за градење на поголем успех во 2018 година. За предизвиците на берзата во изминатата, како и за стратегиите за развој во 2018 на пазарот на капитал разговараме со Иван Штериев, директорот на Македонска берза.

Фактор: Како ја оценувате 2017 година за Македонска берза и што може да одвоите како најпозитивен момент и кој беше најголемиот предизвик?

Штериев: Општ впечаток е дека во 2017 година продолжи и се потврди позитивниот тренд на берзанското работење што започна минатата година мерено преку сите класични статистички показатели. Вкупниот промет според последните пресметки изнесува 76,2 милиони евра, што е пораст од 55% во однос на 2016 година. Просечниот дневен промет е околу 200 илјади евра, што е пораст од 25,2% во однос на ланскиот дневен просек. Тргувањето со акции во БЕСТ системот е пораснато за 47%, блок трансакциите имаат голем пораст од околу 170%. Ако сакате да направиме компарација со периодот од последните пет година ова е втор најдобар вкупен резултат, а ако го анализираме тоа што е суштина на берзанското работење, односно класичното тргување во БЕСТ системот, имаме најголем промет во последните пет години. Дополнително, кај ценовните движења имаме раст од околу 17% на МБИ10 индексот на годишно ниво. Оттука, растот е видлив, иако треба да се има предвид дека бенчмаркот од претходните години не беше многу висок. Значи, движења статистички се подобри, но апсолутните бројки се сеуште многу пониски од рекордните историски нивоа. Патем, нас многумина не гледаат не како компанија, туку само како пазар. Тоа е во ред, но секако предизвици имаше и за Македонска берза како приватно акционерско друштво. Како компанија Македонска берза има ограничени кадровски ресурси од само петнаесетина вработени, со лимитирани приходи поради повеќегодишните мали промети и мал обем на тргување. Во такви околности предизвик е како ефикасно и квалитетно да се обезбедуваат сите потребни услуги за брокерските куќи и котираните компании и ефикасно да се одржуваат сите софтверски и информациски системи што се предуслов за тоа. Годинава воведовме и нови алатки како Е-Трејдер што овозможува тргување на клиентите преку Интернет. Сите наши услуги мора континуирано да ги нудиме со соодветно ниво на квалитет.

Фактор: Долго време Македонија е во политичка криза, како овие тензии во државата се одразија врз инвеститорите на берзата, но и врз вредноста на самите компании?

Штериев: Пазарот и сите учесници на него беа соочени со голем предизвик поради влијанието на неекономските фактори, односно специфичните и турбулентни политички состојби низ кои помина државата, особено во март и април кога беше кулиминацијата на политичката криза. Тогаш имавме надолна линија на движење и на тргувањето и на цените. Во март индексот забележа – 2%, во април беше – 4%, за потоа индексот на месечни нивоа повеќе месеци да се зголемува. Со други зборови, пазарот во целина овој предизвик го преброди на вообичаениот начин, односно освен негативните реакции по стабилизацијата на политичките состојби веднаш реагираше позитивно. Ако се гледаат вредносните промети, од пролетта наваму дојде до континуирано зголемување, а најмногу се тргуваше во БЕСТ системот во јули. Вообичаено е кога има некој позитивен пробив во општеството да расте и оптимизмот на инвеститорите на берзата и обратно кога има несакани случувања, негативно да реагира берзата. Финансиските резултати на котираните компании, ако ги гледаме првите 9 месеци од 2018 година, се слични како претходната година, од 107 котирани компании кои доставиле извештаи нивните профити, без пресметани загуби, изнесуваат 9,3 милијарди денари, што е речиси идентично како лани кога вкупниот профит на компаниите изнесувал 9,4 милијарди. Уште повеќе за одбележување е порастот на вкупната добивка на компаниите од МБИ10 индексот во износ од 6,1 милијарди денари наспроти ланските 5,9 милијарди. Од аспект на пазарната капитализација на котираните компании, односно колку тие моментално вредат на пазарот, нормално е дека со движењето на ценовниот индекс во нагорна линија доаѓа и до зголемување на пазарната вредност на компаниите, па така сите котираните компании сега имаат капитализација од 135.5 милијарди денари што е пораст од над 17%.

Фактор: Време е да размислува и за стратегии и плановите во наредната година. Неодамна ја презентиравте алатката Е-трејдер. Како ќе се развие апликацијата?

Штериев: Берзата самостојно ја обезбеди и финансираше апликацијата Е-Трајдер и ја дистрибуираше истата на своите членки – банки и брокерски куќи. Таа е важна за развој на пазарот бидејќи фалеше такво нешто кај нас. Искуството на другите пазари од регионот коишто вовеле вакви апликации е позитивно, односно редовно доаѓало до маргинален пораст на тргувањето. Со оваа апликација се подобрува можноста за следење на берзата од страна на инвеститорите и се зголемува брзината на давање на налози за тргување. Најавуваме дека во 2018 година ќе пуштиме во употреба и мобилна верзија на апликацијата Е-Трејдер, што дополнително ќе ја олесни и прошири нејзината употреба. Истовремено, Берзата ќе настојува да развива самостојно или со партнери нови дигитални услуги и да ги следи модерните трендови. Следната година ќе се обидеме да лансираме и платформа за т.н. crowdfunding, со цел да им понудиме услуги на компаниите кои моментално не се акционерски друштва, односно да создадеме инфраструктура за финансирање и поддршка на мали ДОО - стартапи и иновативни компании. Нешто слично направи Загребската берза со формирање на компанијата Founderbeam South East Europe. Токму со нив сме во иницијални разговори, па се надеваме дека во 2018 година нешто слично може да се имплементира и во Македонија. Предуслов за ова е да добиеме поддршка од регулаторите на финансиските пазари.

Фактор: Дали МБИ10 индексот станува релевантен за инвеститорите особено институционалните кои очекуваат приноси на долг рок?

Штериев: Во овој сегмент навистина имаме што да истакнеме како значаен настан во 2017 бидејќи еден од македонските инвестициски фондови го лансираше првиот фонд кој ги реплицира ценовните движењата на акциите на компаниите застапени во МБИ10 индексот. Меѓу другото, и ова беше сериозен импулс што придонесе да дојде до зголемување на прометот на берзата. Особено што овој фонд навистина имаше добар стартен тајминг токму кога цените почнаа да растат, така да инвеститорите кои се одлучија за оваа варијанта треба да бидат задоволни. Неодамна и од една од соседните земји се пројави интерес за добивање на лиценца за формирање друг фонд врзан со МБИ 10 индексот којшто потоа ќе се пласира на инвеститори во странство. Како што е познато во светот пасивните инвестициски стратегии врзани за етаблирани ценовни индекси се многу атрактивни за инвеститорите и очигледно на нашиот пазар се отворa и тоа поглавје.

Фактор: Какви се вашите оценки за задолжителната котација на Македонска берза, очекувате ли таа да продолжи? 

Штериев: Задолжителната котација беше мерка која се воведе во 2013 година и таа истекува во април 2018 година. Како што коментиравме и кога мерката стапи во сила јасно е дека тоа е атипична и непазарна мерка, но во условите во кои ние функционираме како пазар на капитал истата се покажа одлична, особено од аспект на транспарентноста и достапноста на податоците за компаниите. Ако во 2013 година имавме над триесетина котирани компании, сега имаме над сто.  Транспарентноста во нивното работење е многу поголема, а достапноста на податоците е многу лесна, сите тие редовно објавуваат информации преку нашиот софтверски систем SEI Net кои се бесплатни,достапни на Интернет за анализа од страна на сите акционери, инвеститори, аналитичари, медиуми и академска јавност.  Од аспект на тргувањето, од 80-тина компании кои поради задолжителната котација дојдоа на берза на годишно ниво се тргуваат помеѓу 50 % до 65% од нив. Воглавно се тргуваат акции на десетина компании коишто имаат странски сопственик - мајка компанија од истата индустрија. Се покажа дека токму тие се привлечни за инвеститорите, иако има релативно мал број на акции во слободен оптек. Овие компании се добро управувани и се дел од меѓународни синџири, прават одлични профити и делат дивиденди. Три од нив влегоа и во индексот МБИ10 - Македонски Телеком, НЛБ банка и Стопанска банка Скопје. Значи, од оваа мерка произлегоа доста позитивни ефекти, примарно во делот на зголемување на транспарентноста на компаниите, но и во делот на динамизирање на тргувањето кај одредени акции.

Според нас оваа мерка треба да продолжи уште одредено време, барем до влегување во сила на новиот сет закони поврзани со пазарот на капитал со коишто ќе се изврши целосно усогласување со европските регулативи.

Фактор:  Како ќе го коментирате задолжителниот паушал кој го издвојувате за Комисијата за хартии од вредност  за сите компании без оглед дали нивните акции се тргуваат или не? 

Штериев: Висината и начинот на пресметка на надоместот за надзор што Берзата и го плаќа на Комисијата за хартии од вредност веќе подолго време е проблематично прашање. Тој регулаторен надоместок е многу висок споредено со други слични надоместоците во регионот и моментално не зависи од реалните приходи на Берзата. Ова прашање подолго време го иницираме пред надлежните институции и навистина очекуваме во блиска иднина да дојде до разрешница којашто ќе значи системско, издржано и праведно решение за сите страни.

Фактор: Може ли да очекуваме да се појават нови компании на Македонска берза и што е потребно за таков исчекор?

Штериев: Не треба премногу да бидеме разочарани што нема нови котации на берзата затоа што таа состојба е природна и произлегува од начинот на кој се креираа пазарните економии во сите посттранзициски земји.  Секаде во поширокиот регион банкарското финансирање е доминатно и тоа така ќе остане, но тоа не значи дека вратата на пазарот на капитал не треба да ја држиме отворена за похрабрите претприемачи и бизнисмени. Очигледно е потребно време некој да се упати кон оваа врата. Во последно време, може да се почувствува и во регионот и кај нас дека како да почнува нова етапа за посериозно размислување од страна на компаниите за излегување на берза. На пример, Белградска берза неодамна лансираше проект поддржан од ЕБРД наречен IPO GO што ќе подразбира систематска активност во овој правец во наредниот период. Берзата во Загреб лансираше специјален сегмент за мали и средни претпријатија, применувајќи притоа доста иновативен концепт. Ние слични нешта сме правеле во неколку наврати во минатото и самостојно и заедно со меѓународните финансиски институции. Во моментов преговараме со една компанија која засега не можеме да ја откриеме, но тоа е најсериозен проект во овој домен кој сме го имале досега и доколку компанијата реши да го заврши процесот до крај, во 2018 година можеби би го имале првото вистинско IPO во Македонија. Уверени сме дека еден ваков позитивен исчекор би влијаел и врз други претприемачи кои можеби несвесно „чекаат“ ваков успешен пример за и тие потоа да постапат на ист начин.

Фактор: Постои ли надеж дека на Македонска берза ќе може да се тргува и со други видови на хартии од вредност и финансиски инструменти со цел да се подобри пазарот на капитал?

Штериев: Ако зборуваме за финансиски деривати нерелано е да се очекува на мали пазари како нашиот некој да лансира вакви продукти, успешно да го организира тргувањето со нив и да се најдат соодветни заинтересирани инвеститори. Сето ова е поврзано со поголеми ризици и веројатно бара поголеми бројки во окружувањето. Ако се гледа регионално, на пример, во екс ју државите никаде нема тргување со такви финансиски инструменти. Но, во делот на проширувањето на пазарната понуда постојат и други можности. Меѓу нив е некој да се одлучи да направи проект за т.н. секуратизација на определени активи. Да речеме трансформација на тековни должничко-доверителски односи во соодветни хартии од вредност со кои ќе може пазарно да се тргува во иднина. Или преку пример, доколку некоја државна институција има долг кон приватни субјекти и поради која било причина не може навремено да го сервисира може да изведе репрограм, со паралелно издавање на хартии од вредност преку кој со формален документ ќе се гарантира долгот и новиот период на отплата. Со тоа доверителите, сега иматели на преносливи хартии од вредност, наместо да чекаат исплата од државата, ќе можат да ги продадат хартиите од вредност на пазарот со дисконт, а тој што ќе ги купи ќе биде задоволен и подготвен да почека до исплата на долгот. За вакви проекти е потребна институционална поддршка бидејќи е потребна измена на прописите, но дефинитивно постои потенцијал. Впрочем, во актуелниот проект на ЕУ наречен Capital Market Unionчија цел е дополнително да се развие европскиот пазарот на капитал (кој споредено со американскиот е многу понеразвиен) еден од главните столбови е токму помасовната употреба на техниките на секјуратизација. Во таа насока е и издавањето на т.н. „покриени“ обврзници што во последно време стануваат се популарни на некои европските пазари во појавување, на пример, балтичките држави или регионот на поранешниот СССР.

Фактор: Што е потребно за инвеститорите да стекнат поголема доверба и да купуваат акции наместо да ги штедат парите во банките со ниски каматни стапки?

Штериев: Би сакале да истакнеме дека според статистиката македонските физички лица во последните 5 години ја препознаваат можноста за инвестирање во хартии од вредност на берзата, посебно во акции (ако се земе во предвид дека структурата на овогодишниот промет по финансиски инструменти е 96% акции, а 4% обврзници). Според податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност коишто берзата редовно ги објавува во своите билтени се гледа дека има дуплирање на учеството на македонските физички лица во куповната страна на берзанскиот промет. Од 20% во 2012 година ова учество се зголемило на 40% што е еден нагласен нагорен тренд. Значи, има лица кои увиделе дека е исплатливо да инвестираат во хартии од вредност на компании кои добро работат и имаат ликвидност на берзата, особено во услови на ниски каматни стапки за штедење кај банките. Од друга страна, физичките лица се „најплашливите“ инвеститори и за тие да бидат поактивни потребен е поголем оптимизам во општеството. Како и да е, како што спомнавме на почетокот оваа година повторно бележиме тренд на пораст на прометот. Статистиката покажува започнат тренд  на враќање на довербата во пазарот на акции кај физичките лица. Исто така, стасана е нова генерација која не биле присутна на пазарот пред десетина години кога по бумот на берзата следеше големо разочарување, корекција и пад на цените и повеќегодишна хибернација. Од тогаш поминаа десет години и оваа генерација го нема тоа колективно негативно искуство, па за очекување е дека тие ќе бидат поагилни инвеститори што може да придонесе за позитивен левериџ во берзанската динамика во иднина.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ЗА СМЕСТУВАЊЕ ВО ПОДРУМ БАРААТ ДУРИ 1.300 ЕВРА: Нудат непостоечки апартмани, Грција годинава пресолена, посебно сега за празниците

ЗА СМЕСТУВАЊЕ ВО ПОДРУМ БАРААТ ДУРИ 1.300 ЕВРА: Нудат непостоечки апартмани, Грција годинава пресолена, посебно сега за празниците

НАВАЛА ОД СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ ВО ХРВАТСКА: Годинава се очекуваат над 200 илјади

НАВАЛА ОД СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ ВО ХРВАТСКА: Годинава се очекуваат над 200 илјади

ЧИСТАЧКИ И НЕГУВАТЕЛКИ РАБОТАТ ЗА МИЗЕРНА ИЛИ НИКАКВА ПЛАТА: Најчесто работат на црно, без никаква заштита

ЧИСТАЧКИ И НЕГУВАТЕЛКИ РАБОТАТ ЗА МИЗЕРНА ИЛИ НИКАКВА ПЛАТА: Најчесто работат на црно, без никаква заштита

И ВО ПЕНЗИЈА НА РАБОТА: Сè повеќе трговски синџири бараат исклучиво пензионери

И ВО ПЕНЗИЈА НА РАБОТА: Сè повеќе трговски синџири бараат исклучиво пензионери

И СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА ПОТВРДУВА: Се разгледува можноста за присоединување кон Комерцијална банка

И СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА ПОТВРДУВА: Се разгледува можноста за присоединување кон Комерцијална банка

Е СЕГА Е НАВИСТИНА СЕРИОЗНО: Комерцијална банка почнува длабинска анализа на Стопанска Битола за да се одлучи за можно присоединување

Е СЕГА Е НАВИСТИНА СЕРИОЗНО: Комерцијална банка почнува длабинска анализа на Стопанска Битола за да се одлучи за можно присоединување

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈСТАРАТА МАКЕДОНСКА БАНКА СЛАВИ 80 ГОДИНИ, А ИМА И УБАВА ВЕСТ - еве како оствари чист профит поголем од 14 милиони евра

НАЈСТАРАТА МАКЕДОНСКА БАНКА СЛАВИ 80 ГОДИНИ, А ИМА И УБАВА ВЕСТ - еве како оствари чист профит поголем од 14 милиони евра

„НОЌЕВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА ДВЕ ИЛЈАДИ ДИНАРИ“: Еве како српски „Б92“ им го претстави македонскиот бисер на Србите

„НОЌЕВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА ДВЕ ИЛЈАДИ ДИНАРИ“: Еве како српски „Б92“ им го претстави македонскиот бисер на Србите