26 Април, 2024
0.0300

Интервју Река: Албанците се уморени од комерцијалниот патриотизам, чекам гласови од сите

Објавено во: Македонија, Интервјуа 09 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Албанската опозиција полага големи надежи во кандидатурата на професорот Блерим Река кој е единствен кандидат од албанско етничко потекло, но уште на самиот старт на кампањата покажа дека се залага за сосема нов концепт на Република за сите, за еднаквост без оглед на партиската, етничка или верска определба. Исто така и неговата кампања помалку ги вклучува челниците на албанската опозиција, па успева да покаже дека има сосема независни и сопствени ставови, втемелени во долгогодишното искуство како професор, но и практичар со креирање на многу важни документи, на пример учество во Рамковниот договор и Уставот на Косово. Главна заложба на Река е да трча за претседателската функција како независен кандидат со натпартиски гледишта, а секако ќе се обиде да освои симпатии и кај македонскиот корпус на гласачи. Сосема кратко и уверено одговара дека ќе биде дел од вториот круг, па затоа и воопшто не се осврнува на можни изборни математики доколку дојде до гласање на 5 мај, како и евентуална поддршка на другите кандидати. Смета дека реториките на лажен патриотизам и неконтролиран национализам од партиите и кај Македонците и кај Албанците придонесоа само за испразнување на земјата, како и на криминално владеење кое мора да биде сопрено со една нова политичка идеја базирана на правото.

Фактор: Кој беше мотивот да влезете во претседателската трка поддржан од БЕСА и АА. Вие ќе бидете единствен етнички Албанец кандидат иако двете големи коалиции тврдат дека токму тие го имаат најдобриот натпартиски и консензуален кандидат за претседател на РСМ?

Река: Веќе долг период, интелектуалците ги критикуваат дека не сме доволно политички гласни и дека само формално реагираме, без да се осмелиме да влеземе во политиката. Затоа решив да излезам од виртуелниот свет на критиката, и да преземам одговорност во реалниот свет на политиката. Фактички, беше желбата да направам нешто добро за државата, во која граѓаните веќе ја изгубија перспективата, и во се поголем број ја напуштаат земјата. Четвртина од нашите граѓани веќе ја напуштија Македонија, а проценките се дека до наредната декада, ќе ја напуштат уште толку. Ако не ја реформираме државата во една вистинска Република, како правна држава; ќе завршиме во празна држава.


Фактор: Вие сте еден од креаторите на Рамковниот договор, на Уставот на Косово и на многу значајни документи, студии и истражувања. Како денес го гледате Рамковниот договор, најкритикуван е за партиските вработувања, а некои пак тврдат дека се уште не е целосно спроведен. Функционираме ли денес подобро како мултиетничка демократија?

Река: Не. Мојот прв приоритет ќе биде довршување на концептот на мултиетничка република, кој што досега постоеше само во содржина, (мултиетничко општество), но не и како форма (мултиетничка држава). Ова демографска содржина треба да се институционализира во форма на мултиетничка Република. Од 2019, Северна Македонија не може да се води со еден таков договор кој што и го инаугурираше статистичкиот клуч од 20%, а за 20 години не даваше можност за официјализација на Албанксиот јазик, а згора на ОРД се внесе во Преамбулата на Уставот на РСМ, со што статистичкиот клуч уште повеќе се конституционализира. Наместо промена на уставот, прво треба да се промени менталитетот на доминантни и доминирани нации. Државата не може да се третира како приватна сопственост. На Македонија и е потребен државен патриотизам, а не етнички национализам. Но, сега земјата има државотворен дефицит, а националистички суфицит. Републиката може да биде стабилна од внатре, само ако се задоволни сите кои што живеат во неа. Вистинскиот македонски патриот е тој што ја сака својата држава, и кој што во Албанците не гледа субверзивни елементи. Со промена на менталитетот, може да се промени уставот а со тоа и системот на владеење.

Фактор: Од резултатот кој ќе го остварите на овие избори албанскиот опозициски корпус ќе го црпи легитимитет да го нападне ДУИ и по речиси 20 години да го симне од власт. Кои се според вас најголемите грешки на Ахмети и време ли е за нова албанска партија која ќе го преземе приматот?

Река: Албанските партии што се на власт не нудат општество за сите. Ние сакаме држава за сите, а денес државата не е за секого. Ние не треба да станеме машина за гласање, имаме моќ да избереме за кој сакаме да гласаме. За Републиката, каде владее правото, а не на поединецот, против заробената, приватната и празната држава, против корупцијата, непотизмот и селективната правда, посебно против трговијата со гласови.


Фактор: Има ли простор кај албанските опозициски партии еднаш да го променат концептот и на избори да им се обратат на гласачи од сите националности наместо да се повикуваат само на албанските гласачи, нели е тоа пречка за заедништвото и надминувањето на етничките бариери?

Река: Сметам на гласовите на сите граѓани, кои веруваат во Евроатланска и мултиетничка република. Како е можно наши сограѓани да просперираат надвор – а не дома? Затоа, ни треба вистинска Република, на која ќе и веруваат граѓаните, а не држава- банкомат на нетранспарентно трошење на нашите платени даноци.

Фактор: Веќе се појавија првите анкети според кои добивате солидно конто на гласови пред се гледано од албанскиот корпус на гласачи. Дали тоа е одраз на незадоволство од актуелната албанска „власт“ (ДУИ и Алтернатива) или пак од недоволната доверба кон кандидатите Пендаровски и Силјановска?

Река: Не знам од кои анкети ги црпите овие податоци, јас исто така имам една анкета според која 57 отсто од членовите на ДУИ ќе гласаат за мене. Значи овие анкети се релативни, статистички податоци и затоа јас сега не би бил заложник на статистиката. Времето ќе покаже кој за кого ќе гласа, и затоа не сакам хипотетички да прогнозирам каков ќе биде резултатот или кои гласови ќе ми припаднат мене.

Фактор: Дали албанските политичари можат да ги надминат вечните теми на големи национални политики, зарем граѓаните Албанци не се изморија од партиските машинерии кои ловат гласови, а не придонесуваат суштински да се подобри секојдневието, животот на обичниот граѓанин кој сака правда, сигурност, нови работни места и можности, повисоки плати, инвестиции и инфраструктура и мир?

Река: Албанците се уморни од комерцијалниот национализам, или од тендерскиот патриотизам. Но не сите, албански партии се националистички партии. Дел од албанските партии се партии кои сѐ гледаат низ призмата на тендерот и на парите.

Фактор: Размислувате ли за вториот круг на претседателските избори, дали тогаш ако не успеете да го минете првиот праг ќе дадете отворена поддршка за еден од кандидатите?

Река: Јас ќе бидам во вториот круг.

Фактор: Постои ли ризик за неисполнување на цензусот за овие избори и создавање на нова политичка криза која би се решила со можни уставни измени. Што би направиле вие како политичар од една страна и професор по право од друга страна?

Река: Се надевам дека во земјава ќе владее правото и судството, истовремено, конечно мора да имаме независно судство, но веќе две години, преку партиски договори не се постигнува нешто што наликува на тоа. Ако имаме вистинска република, таа ќе ги реши етничките проблеми. Но ние, за жал, 30 години од независноста, не успеавме да изградиме република, државата ја водеа поединци или кланови, и да, не можеме да добиеме датум за преговори со ЕУ со непотизам, корупција, инструментализирано судство, имунизирани пратеници, амнестирани криминалци. Ние имавме една стратешка геополитичка цел. А тоа беше да бидеме што побргу членка на НАТО. И заради тоа ние направивме и некои непринципиелни компромиси. Направивме амнестија за да добиеме двотретинско мнозинство за да се промени Уставот, а сето тоа како предуслов за Грција да го ратификува Договорот од Преспа. Тоа веќе заврши и јас мислам дека веќе Владата нема алиби за нови политички тргувања. Нема веќе алиби, ни изговор за нови политички договарања, а пред се сигурно не за статусот и иднината за компетенциите за Специјалното јавно обвинителство. СЈО е еден од главните столбови за функционирање на правната држава во земјата. Ако и овој последен правен столб ни побегне, или ако и овој последен гарант на правната држава го изиграме со меѓупартиски, меѓулидерски договори, мислам ова ќе биде крај на владеење на законот, и ќе биде впрочем тоа на што јас и се противам не може државата да функционира врз основа на волјата на двајца лидери.


Фактор: Стравувате ли дека ќе има обид да бидете маргинализирани во јавноста и да се наметне став дека битката ќе биде меѓу Силјановска и Пендаровски кои сигурно одат во втор круг?

Река: Jaс ќе бидам во вториот круг. Не гледам причина зошто македонските граѓани, т.е. граѓаните од македонска етничка припадност да не гласаат за овој концепт. Затоа, со самиот факт дека мојот концепт е за републиката, значи за државата, што значи за оваа држава во постоечките граници, за територијалниот интегритет, сувереноста на оваа држава. Како тогаш не можам да добијам гласови од граѓаните, кога не правам никаква дискриминација на никаква основа. Јас мислам дека за сите граѓани ќе има подобар живот, ќе има подобра перспектива, ако почне со владеење на законот. Во спротивно, ние сме на пат за десет, 15 години да бидеме половична држава, или празна држава, затоа што луѓето, граѓаните, ја губат перспективата во државата и како што гледате масовно се иселуваат. А зошто се иселуваат, па заради корупцијата, непотизмот, политизираното судство, заради некои видови кои веќе не можат да функционираат во една права држава. Тоа треба да го запреме што побрзо. 


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

БУГАРСКИ ДНЕВНИК: Странска интервенција од неочекуван правец ги смени македонските избори

БУГАРСКИ ДНЕВНИК: Странска интервенција од неочекуван правец ги смени македонските избори

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката