26 Април, 2024
0.0364

ИНТЕРВЈУ ПЕТРИНИН: Капитал банка е здрава банка, поддржувач на реалниот сектор

Објавено во: Економија, Интервјуа 21 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Меѓу банките, Капитал банка е таа која има највисока стапка на адвекатност на капиталот. Во време кога банкарскиот сектор во земјава се соочи со затворање на една банка разговараме со претседателот на Управниот одбор на Капитал банка Цветан Петринин. Вели дека работат на исполнување на стратешките цели преку мобилизирање на слободни пари од граѓаните и правните лица, но и понуда на високо квалитетни финансиски производи по конкурентни и прифатливи цени. Петринин тврди дека банкарскиот сектор е стабилен и по одземањето на дозволата од Народната банка на Еуростандард банката.


Анализа на извештаите на Народната банка покажува дека Капитал банка има највисока стапка на адекватност на капиталот од сите банки кои егзистираат во домашниот банкарски сектор. Со каква стартегија влегувате во работата од овој аспект?

Петринин: Нашата мисија е достигнување на највисок стандард на финансиски услуги, поддршка во остварување на зацртаните лични и бизнис цели на клиентите, истовремено градејќи долгорочни релации и взаемна корист. Веруваме во подобрување на просперитетот на нашите клиенти, нашите вработени и акционери, преку овозможување нови вредности на оние кои ги опслужуваме.

Остварувањето на нашата стратешка цел го исполнуваме преку мобилизирање на слободни парични средства од физички и правни лица, понуда на високо квалитетни финансиски производи и услуги за нефинансиските друштва и домаќинствата по конкурентни и прифатливи цени, со остварување на максимална добивка за акционерите, клиентите и нашите вработени се како при прифатливо ниво на ризик.


Зошто е толку важно  да се задржи стапката на адекватност, што тоа значи за банката и за граѓаните?

Петринин: Еден од клучните предуслови за остварувањето на долгорочните стратешки цели секако претставува адекватното ниво на сопствени средства во зависност од видот и обемот на финансиските активности и висината на ризиците кои произлегуваат од истите. Стапката на адекватност на капиталот претставува клучен показател кој ја одразува способноста на банката да апсорбира разумен износ на потенцијална загуба при вршење на финансиските активности, а со тоа и основа за заштита на вложените средства на депонентите .

Стапката на адекватност на капиталот впрочем е клучен показател за финансиската стабилност на банката, проблем поради кој во моментов една домашна банка се соочи со одземање на дозволата. Има ли опасност, според вас од прелевање на некаква криза во банкарскиот сектор од овој аспект односно дали оваа ситуација може да се рефлектира на секторот кој се покажа стабилен и во финансиски кризи?

Во оваа смила има ли некои опасности за банкарскиот сектор? 

Петринин: Високото ниво на ликвидност на банкарскиот систем , исклучителниот квалитет на сопствените средства на банките како и солвентноста која двојно повисока од законски минималното утврдено ниво укажуваат на состојбата во која се наоѓа банкарскиот систем во земјата. Стабилноста на комерцијалните банки овозможува висока респонзивност на барањата и потребите на населението и компаниите.

Време е на објавување на полугодишните извештаи, а ова е година во која Пандемијата на Ковид19 беше голем предизвик за сите. Прво каков е одразот на оваа криза на банкарскиот сектор и генерално на банките во земјава и како вие го почувствувавте во работењето?

Петринин: Секако дека корона кризата беше и сеуште е голем предизвик за целото опкружување. Негативното влијание неизбежно има ефекти и врз  активностите во банкарскиот систем како и на целата екомонија, но благодарение на претходно споменатите индикатори за стабилност на банкарскиот систем, истиот успеа успешно да се избори со првичниот удар на корона кризата.

Од друга страна, нашата банка, исто како и останатите, им овозможи користење на своите клиенти пакет мерки за олеснување на отплатата на кредитните обврски со цел ублажување на последиците од кризата , кои од своја страна допринесоа за синхронизирање на можностите и потребите на клиентите со  неопходните финансиски процеси на банката што во ниеден момент да не ја намали или загрози стабилноста на банката. Следејќи ја  нашата визија за градење на партнерски однос со нашите клиенти, однос кои ќе се темели на взамена корист и долгогодишна соработка, резултираше да и во услови на криза заедно со нашите клиенти се справиме со негативните последици од корона кризата.


Какви се финансиските показатели во овој период и со каква проекција влегувате во плановите за следниот период? Правевте ли некои корекции на очекувањата за годинава?

Петринин: Во првата половина од годината Капитал банка евидентираше позитивен финансиски резултат, кој споредено во истиот период ланибележи значајно подобрување. Како основа за остварување на позитивните резултати претставува зголемување на активата за 10 отсто во однос на претходната година пред се како резултат на зголемување на кредитното портфолио на физички лица .

Од друга страна пак остварен е пораст и на депозитната база за 13 проценти споредбено со претходната година и тоа најголем пораст е остварен кај депозитите на финансиските институции и компаниите, додека пораст во помала мера е остварен  кај депозитите на физичките лица.

И покрај специфичната непредвидлива ситуација со која се соочува целокупната економија, во моментот резултатите на банката се воглавно согласно предвидените проекции, но секако не е исклучена можноста од ревидирање на планираниот бизнис доколку дојде до значителни промени во околности на делување.

Капитал банка е фокусирана на кредитирање на компаниите. Во услови на криза, тие впрочем се соочија со проблеми со ликвидноста. Може ли банките да бидат мотор на заздравувањето на домашната економија?

Петринин: Реалниот сектор е прв изложен на ударот на неповолното пазарно опкружување . Особено малите и средни компании кои заземаат голем процент во вкупната економска сила на државата  во услови на кризна состојба први се соочуваат со негативните ефекти од неповолната промена на пазарот. Банкарскиот сектор како крвоток на секоја економија и како поимун дел од економскиот организам секако претставува поддршка на ликвидноста на компаниите, која е неминовна за полесен излез од кризата.

Какво е кредитното портфолио во моментот, има ли зголемување на нефункционалните пласмани и може ли тој домен да биде канал на прелевање на кризата од реалниот сектор на банкарскиот?

Каков е квалитетот на издадените кредити во Капитал банка?

Петринин: Во изминатиот период, следејќи ги мерките кои беа донесени од страна на Владата и од нашиот регулатор, Народната Банка, а истовремено познавајќи ја структурата и динамиката на сервисирање на кредитните обврски на нашите клиенти, Капитал Банка презеде мерки за  олеснување на отплата на кредитните обврски, кои резултираа со одржување на нефункционалните пласмани на ниво без значајни турбуленции.

Воспоставената пракса на прудентно однесување,доброто корпоративно управување следено со надзор воспоставен од страна менаџментот и кадровскиот потенцијал приндонесоа нефункционалното портфолио во изминатата година да бележи тренд на континуирано намалување, кое е особено изразено кај портфолиото на правни лица при што истото е намалено за 47 проценти споредено со претходната година.


На какви кредитни производи ќе се фокусирате во иднина?

Петринин: Позицијата на Банката на пазарот е помеѓу малите банки, со фокус на сегментот на мали и средни претпријатија како и сегментот на населението. Банката ја постигнува својата цел како банка со добар квалитет на услуги, динамична и свртена кон клиентите.

Во изминатиот период, Банката започна со интензивирање на работата со население преку воведување на продукти кои ќе бидат нови и единствени на пазарот, со цел да се зголеми учеството на пазарот, како во однос на кредити на физички лица, така и во однос на депозити на физички лица.

Банката и понатаму ќе биде насочена кон подржување на сегментот на микро, мали и средни претпријатија, како најдинамичен сегмент со висока апсорпциона моќ, преку финансиска поддршка на нивното работење.

Кризата придонесе за зголемување на процесот на дигитализација, кои новитети вие ги воведовте?

Петринин: Дигитализацијата е новата нормална реалност. Изминатиот период беше вистински тест за сите нас, стручните лица во својот делокруг на работење вложуваа големи напори за успешно, брзо и оптимално прилагодување виртуелното работење, размена на податоци, состаноци и опслужување на клиенти. Капитал банка повеќе од две години нуди онлајн кредитирање без физичко присуство на клиентите во банка, а минатата година инвестираше во понова верзија на електронско и мобилно банкарство за физички лица, а се работи и на развивање на дигитално опслужување и на правни лица за кредитирање и факторинг.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката