13 Октомври, 2024
0.0314

Светлана Киревска, Регионален центар - Фондација за поддршка и развој на мали и средни претприемништва

Интервју Киревска: Со менторски услуги до поголема продажбата и освојување нови пазари

Објавено во: Интервјуа 29 Март, 2023

Добивај вести на Viber

Анализa на компаниите и на опкружувањето во кое работат, со цел носење квалитетни деловни одлуки со кои ќе се зголеми ефикасноста во работењето. Ова се дел од менторските постапки што придонесуваат кон подобрување на работата на компаниите. Кои се придобивките од менторската поддршка, како таа придонесува за раст на компаниите и подобрување на нивното работење, но и како да се направи промена во ставот на сопствениците и менаџерските приоритети со цел раст на бизнисот, разговараме со Светлана Киревска, директорка на Фондацијата за поддршка и развој на мали и средни претприемништва.

Кои се придобивките од бесплатните менторски услуги и што добиваат компаниите во текот на менторските услуги?

Киревска: Агенцијата за поддршка на претприемништвото – АППРСМ и нејзината мрежа на регионални центри за развој на малите и средни претпријатија преку Програмата за зајакнување и проширување на менторските услуги за микро, мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија, поддржана од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA, работат заедно на воспоставување систем на стандардизирана поддршка на претпријатијата користејќи ги искуствата од Јапонија, регионалните и локалните знаења за унапредување на работењето на бизнисите. Стандардизираните менторски услуги го зголемуваат и го подобруваат квалитетот на работењето за новооснованите и зрелите претпријатија, обезбедувајќи притоа поддршка за нивен постојан и сигурен раст, зголемување на производството, истражувања на пазарот со цел влез на нови пазари и поголем извоз.

Во текот на менторскиот процес клиентот и менторот го разгледуваат севкупниот процес на работење на компанијата, го анализираат опкружувањето во кое работи и заедно ги дефинираат точките што се од најголем интерес за интервенција, со цел носење квалитетни деловни одлуки со кои ќе се зголеми ефикасноста во работењето. Тоа претпоставува и дефинирање на планот на активности со кој менаџерите ќе направат обид да ја менуваат својата работна околина и процесите во работењето, да ги решаваат проблемите, фокусирајќи се на остварување на бизнис целите на претпријатието. Со овој пристап сопствениците стекнуваат сознанија за неискористениот потенцијал на претпријатието и ги идентификуваат  акциите што овозможуваат зголемување на продажбата и/или на профитот.

Зошто сметате дека се важни менторски услуги за унапредување на бизнисите?

Киревска: Работиме во средина во која претприемачите постојано бараат некој вид поддршка, најчесто финансиска, при што доминантен е нивниот став дека нема деловна средина што ги поддржува во работењето. Тоа е, всушност, и најголемата можност и предизвик на секој ментор: при утврдување на моменталната ситуација во која се наоѓа менторираната фирма заедно со раководниот тим на фирмата да се утврдат не само внатрешните проблеми во претпријатието туку и скриените резерви за раст, да се дефинираат стратешките цели за раст и развој, но и активностите за надминување на дел од проблемите преку искористување на потенцијалот на постојните капацитети, преку поголема продажба на постојните производи и услуги, или преку јакнење на вештините и знаењата на вработените.

Притоа, менторската поддршка треба да направи промена во ставот на сопствениците и менаџерите приоритет во работењето да се даде на остварување на поставените бизнис цели, а не само на решавање на проблемите.

Во практика, кога е најпотребно да се користат менторските услуги?

Киревска: Стандардизираните менторски услуги можат да се користат во секоја ситуација, но пред сè кога претприемачите се одлучни во тоа да работат на максимизирање на потенцијалите на претпријатието и сакаат да се фокусираат на подобрувањето на своите услуги или на воведување нови производи или услуги, на подобрување на работните процеси или на освојување нови пазари. Во соработка со менторот ќе се дефинираат идните развојни активности, планови или проекти за постигнување на поставените цели, а менторот ќе понуди и различни видови помош за нивно спроведување. Таа помош и поддршка е, пред сè, во вид совети за пристап до различни видови финансиска и нефинансиска помош, која може да се обезбеди од националните програми за поддршка на МСП, од постојните кредитни линии што ги нудат банките и/или од средствата на проектите на меѓународната заедница.

Од досегашното искуство што го имате стекнато, може ли да ни посочите кои се придобивките од ваквиот тип услуги?

Киревска: Менторството влијае директно врз подобрувањето на внатрешното работење и интерните процеси на компанијата, но и врз нејзиното надворешно претставување пред клиентите и деловните партнери. Најчесто добро направената дијагностика на моменталната состојба на претпријатието и дефинираните приоритети се доволни да се промени фокусот на работењето и да се овозможи напредок и поголем раст на бизнисот.

Како користењето на менторски услуги резултира на пазарот и какви влијанија има врз економијата на државата?

Киревска: Прво морам да кажам дека постојат неколку причини зошто Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA ги поддржува малите и средните претпријатија и менторските услуги, но основната секако е дека постои огромна мотивација и потенцијал за поддршка на процесот на економски и социјален развој на Република Северна Македонија, на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ, преку помош во развојот на приватниот сектор.

Јапонија како една од високоиндустриските развиени земји во светот, својот развој го должи на поддршката на секторот за мали и средни претпријатија и нивниот раст и развој. Нивното искуство, кое сега го пренесуваат овде на Балканот, кажува дека зајакнувањето на МСП е суштинска алатка за развој на секоја економија. Тоа значи дека ако 99 отсто од македонските компании се мали и средни претпријатија, потребни ни се МСП за развој на нашата економија, но добро осмислен системски пристап во унапредување на нивното работењето, како и вешти обучувачи со цел зајакнување на МСП и нивна интернационализација. За таа цел АППРСМ обезбедува средства од државниот буџет за спроведување на овие услуги.

Програмата иако трае само шест години, на ниво на компании овие резултати се веќе мерливи и во повеќето фирми може да се забележат подобри финансиски резултати, зголемен број вработени и секако поголема видливост на фирмите на пазарот.

Во тек е јавен повик за менторски услуги, дали веќе има интерес од компаниите за нивно користење и кој сè може да се пријави на повикот?

Киревска: Отворениот јавен повик завршува в петок, на 31 март и може да се каже дека годинава интересот  е малку поголем во однос на изминатите години. Сè уште е тоа во фаза на барање дополнителни информации околу процесот на менторирање, но се надеваме дека ќе има доволен број апликации и успешно менторирани фирми.

Во менторството се вклучени и искуства од Јапонија. Колку нивното знаење придонесува во нашата земја и во начините на кои се водат бизниси кај нас?

Киревска: Програмата користи стандардизирана методологија што е успешно адаптирана за Европа и соодветно приспособена кон специфичните потреби на економиите во регионот. Разликите во процесот на менторирање не се големи, но нешто што кај нас недостасува, а што според нивните искуства е најголем приоритет и што упорно се обидуваат да го наметнат и во нашите мали и средни претпријатија, е потребата од постоење долгорочни планови, вклучување и континуирано едуцирање на вработените во текот на работните процеси во претпријатието. Имено, преку обуките за КАИЗЕН, кој е еден од најважните аспекти на јапонската филозофија за менаџмент, јапонските ментори се обидуваат да ги поттикнат и нашите претприемачи и нивните вработени да ја преземат одговорноста и да го зголемат вкупниот број квалификувани деловни луѓе преку нивните деловни активности. 

Кој е Вашиот совет за компаниите, зошто треба да ја искористат можноста што се нуди со менторството?

Киревска: Секако, препораката е да се пријават на повикот и да ја искористат можноста преку бесплатна професионална поддршка да го унапредат своето работење. Нашето досегашно искуство покажува дека ефектите од овој тип советување се големи и дека фокусирањето на клучните точки за развој најчесто обезбедува видливи резултати.

Преку менторството, сопствениците и менаџерите на компаниите добиваат партнер и советник со кој заеднички ја дефинираат моменталната состојба во која се наоѓа фирмата, како и предизвиците со кои таа се соочува, и ги дефинираат целите и активностите што заедно со менторот активно ја следат нивната имплементација, заради надминување некои од веќе дефинираните проблеми или потреби.

Петранка Огнаноска

Можеби ќе ве интересира

Теодор Тодоровски: Пионер на P2P инвестирањето во Македонија

Теодор Тодоровски: Пионер на P2P инвестирањето во Македонија