28 Март, 2024
0.0377

АКАДЕМИК ТАКИ ФИТИ ЗА ФАКТОР: Во третиот пакет мерки мора да се обезбедат нови кредитни линии за малите и средните фирми

Објавено во: Економија, Интервјуа 13 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

На економистите никогаш не им било потешко отколку денес да предвидат колку точно ќе биде погодена економијата. Под услов дека наесен нема да се случи нов силен бран на пандемијата од коронавирусот, земјава ќе ја заврши годината со пад на БДП од 3,5 отсто, прогнозира во интервју за Фактор академик Таки Фити. Открива дека Македонската академија на науките и уметностите била фокусирана на осмислувањето на економските мерки, но и на правните аспекти на вонредната состојба, како и на епидемиолошките модели на ширење на вирусот. Најмногу треба да не загрижуваат, вели, неповолните економски движења во земјите членки на ЕУ, особено на германската еконмија како наш најголем трговски партнер. За досегашните економски мерки со кои настапи Владата професорот смета дека се од арсеналот мерки кои ги применуваат и другите влади, се разбира со одредени варијации, но потенцира дека во следниот период тие ќе мора да се прошират, и да се обезбедат нови кредитни линии за малите и средните претпријатија. Разговаравме и за одлуката на Уставниот суд со која се вратија платите на функционерите, за која смета дека не е добро решение. Околу тоа, пак, како Владата досега менаџира со здравствената криза, академик Фити вели дека за него тоа е изненадувачки добро, додека во поглед на економската, е потребна поголема транспарентност. Професорот со свое видување и за очекувано брзо економско заздравување ако вирусот стивне, за ребалансот, за задолженоста...

Професоре Фити, меѓународните финансиски институции, но и Владата и Народната банка веќе излегоа со свои проекции за тоа колку годинава ќе влезе во минус домашната економија. ММФ предвиде пад од 4 отсто, Светска банка до 3,2 отсто, Виенскиот институт 5 проценти, додека, пак, Владата излезе со проекција за негативен раст од 3,4 отсто, а Народната банка 3,5 проценти. Како врвен економист, какви се Вашите лични очекувања?

Фити: Мислам дека на економистите и специјалистите за прогнозирање на економската активност, никогаш не им било потешко, отколку што  е тоа е случај денес, да излезат со релативно издржани проекции за идниот економски раст. Тоа е така, бидејќи станува збор за многу специфична криза, различна од другите кризи, вклучувајќи ја тука и Големата рецесија од 2007 - 2009 година, кои беа условени од дејството на економски фактори. Оваа криза е иницирана од здравствениот сектор, од пандемијата со КОВИД-19, и носи со себе бројни неизвесности и ризици. Економистите уште од пред 100 години знаат дека ризиците можат, барем до некаде, и да се предвидат и да се квантифицираат, но тоа не е случај со неизвесноста - не постои математички модел кој може во себе да ја вгради и предвиди неизвесноста. Оттука и прогнозите за движењето на БДП за македонската економија се различни и крајно неизвесни, а зависат од претпоставките што се вградени во моделите. Фактички сите прогнози поаѓаат од две различни сценирија, главно условени од должината на траење на пандемијата и од опфатот и ефикасноста на мерките на владите за справување со кризата. Базичното сценарио на Светската Банка претпоставува дека силината на пандемијата значајно ќе се намали до крајот на јуни, дека владата ќе ги напушти строгите ограничувања кои ја намалуваа економската активност, а економијата ќе зврши со пад на БДП од 1,4 отсто. Но, сега е јасно дека ова сценариоа е нереално. Песимистичкото сценарио, пак, кое е далеку пореално, поаѓа од претпоставките дека епидемијата ќе стивне дури кон крајот на месец август, кога и ќе бидат напуштени строгите рестрикции, дека заздравувањето на економијата ќе отпочне во четвртиот квартал на 2020 година и дека економијата ќе заврши со пад на БДП од 3,2 отсто. Но, и според ова сценарио македонската економија ќе има помали загуби во споредба  со останатите економии од регионот. Прогнозите на ММФ и на Виенскиот институт предвидуваат повисоки негативни стапки на раст. Јас мислам дека најреални се прогнозите на Народната банка (а слични се и оние на Владата) кои предвидуваат дека Македонија ќе ја заврши тековнава година со стапка на БДП од минус 3,5 отсто, но под услов дека наесен нема да се случи втор силен бран на пандемијата. Велам најреални, затоа што според мое мислење експертите на Народната банка добро ги процениле ефектите од кризата врз клучните компоненти кои го условуваат движењето на БДП - потрошувачката на домаќинствата, бруто инвестициите и нето - извозот (разликата меѓу извозот и увозот), а имаат и релативно јасни согледувања за промените во јавната потрошувачка (буџетот). Сепак, проекциите остануваат неизвесни и не е исклучено и ММФ и Светската банка, кон почетокот на јуни, да излезат со нови, уште понеповолни прогнози.

Дали врвната научна институција во земјава – Македонската академија на науките и уметностите, веќе има направено свои проекции и очекувања за падот на македонскиот бруто домашен производ, но и за другите макроекономски индикатори? 

Фити: МАНУ во изминатиов период, а и сега, во рамки на нејзината советодавна функција,  главно беше сосредоточена на осмислување на мерките (нивниот опфат и нивната ефикасност) за помош на економијата во раната фаза и потоа. Јас и колегата Беџети сме и членови на Економскиот совет на владата кој работи врз мерките во секторот на економијата. Владо Камбовски со својот тим работи на правните аспекти на вонредната состојба, претседателот Коцарев со својот тим работи на епидемолошки модели на ширење на вирусот, Александар Димовски со својот тим работи на биомедицински истражувања, со посебен осврт на секвенционирање на целиот геном на селектирана група вируси. Соработниците на Центарот за  стартегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ работат на спроведување на анкета со физички лица и со фирми, којашто би дала емпириски сознанија за перцепцијата на економските субјекти на Владините мерки за помош на економијата и за анализа на нивната издржаност и ефикасност.

НАЈМНОГУ ЗАГРИЖУВААТ СОСТОЈБИТЕ ВО ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Лоши економски прогнози излегуваат за целата светска економија и за развиените држави. Дали најмногу ќе не погоди падот на земјите кои се наши најголеми трговски партнери, или, пак, тоа што е намалена домашната потрошувачка? 

Фити: Прогнозите се лоши. Се очекува светска рецесија, при што светскиот БДП ќе заврши во негативна зона (-3 отсто). Се очекуваат, според тоа, негативни стапки на движење на БДП во најразвиените земји: САД (-5,9 отсто), (Германија -7,0 отсто), Франција (-7,2 отсто), Италија  (- 9 отсто), Шпанија (-8 отсто) итн. Негативните последици за македонската економија доаѓаат и од страната на домашната потрошувачка – личната потрошувачка ќе се намали за околу 4 до 5 отсто, инвестициската потрошувачка за околу 10 проценти. Но, се чини дека посилни негативни последици доаѓаат од намалувањето на странската побарувачка за македонски производи и услуги – извозот веќе значително се намалува, а прогнозите се дека во 2020 година тој ќе опадне за 17 отсто, а значајно се намалува и увозот, за околу 15 проценти. Она што посебно загрижува, поради што и истакнувам дека за нас се потешки  последиците од намалувањето на надворешно – трговската размена, се неповолните економски движења во земјите членки на ЕУ, кои се наше релевантно извозно подрачје (стапката на раст во земјите на Еврозоната ќе биде минус 7,5 отсто) и особено состојбите во германска економија, како наш најголем трговски партнер, со прогнозиран пад на економската активност од околу 7 проценти.  

Владата веќе излезе со два сета економски мерки, меѓу кои помош за фирмите за работните места од 14.500 денари, субвенции од 50 отсто на придонесите, како и бескаматни кредити. Сметате ли дека тие се добри за најпогодените компании и дека ќе им помогнат да ја пребродат кризата? 

Фити: Сетот на мерки со кои излезе Владата, во основа, е од арсеналот на мерки кои го употребуваат и останатите влади во светот, се разбира со нужни варијации од земја до земја. Последните анализи на ММФ покажуваат дека на расходната страна на буџетот најчесто употребувани мерки, надвор од здравствениот сектор, се: подршка на најпогодените сектори, трансфери за обезбедување на ликвидноста на фирмите, субвенционирање на плати и придонеси, таргетирани трансфери кон социјално најзагрозените семејства (особено зголемување на времетраењето на помош за невработеност), енергетски субвенции и јавни инвестиции. На приходнта страна на Буџетот најексплоатирани мерки се: одложување на плаќања на даноци на семејствата и фирмите, други видови на даночни олеснувања за семејствата и фирмите, вклучително и намалување на некои даноци, и сл. Во развиените земји за зголемување на ликвидноста на корпорациите се употребува и мерката  equity, односно купување на акции со што владите, привремено се стекнуваат со сопственост во фирмите во кои вложуваат. Најзначајниот дел од посочените мерки се применуваа и кај нас, но се разбира, во опфат детерминиран од реалните можности, односно од значајно смалениот фискален простор на земјата. Мерките се стандардни и ќе им помогнат на фирмите и на домаќинствата, но мислам дека е потребно, со нов пакет на мерки, тие да се прошират и по опфат и по структура.

Се најавува дека власта ќе објави и трет сет економски мерки за справување со коронакризата, кои би биле насочени кон поттикнување на приватната потрошувачка, домашната понуда и помагање на одредени сектори. Која е, според Вас, но и според МАНУ, клучната економска мерка, или мерки, кои ќе мора во наредниот период да ги преземе Владата, на што таа ќе мора да се сконцентрира?

Фити: Во третиот пакет на мерки што се подготвува, мислам дека посебно е значајно: да се обезбедат нови кредитни линии за потребите на малите и средните претпријатија од странски извори, преку државната Банка за подршка на развојот, кои би се пласирале под поволни услови – ниски, субвенционирани каматни стапки, подолги грејс периоди и подолги рокови на враќање на кредитите. Овие кредити треба да се пласираат преку комерцијалните банки кои треба да понудат ниски трошоци за нивна реализација. Значајни средства врз оваа основа, ако се сеќавате, Македонската банка за подршка на развојот своевремено обезбеди преку Европската инвестициска банка. Овие средства се многу значајни за втората фаза од кризата, кога ќе почне заживувањето на економијата. Владата треба да ги испита можностите за давање владини гаранции за кредити за поголемите фирми, кои имаат добра перформанса во работењето, но кои, поради кризата, западнале во ликвидносни проблеми. Споменативе мерки се добри затоа што краткорочно немаат директен ефект врз буџетскиот дефицит, иако, на пример, владините гаранции, по дефиниција, се составен дел на обврските на Буџетот. Со овие мерки можат да се избегнат среднорочни ризици на Буџетот, доколку не се доделат кредити на фирми кои подоцна не ќе бидат способни  да ги враќаат, односно доколку не „паднат“ дел од владините гаранции. Потребно е да продолжи и реализацијата на капиталните проекти (кои се веќе започнати и за кои се обезбедени средства за тековнава година). На страната на домаќинствата, најбитно е да се зголемат буџетските трансфери (вклучувајќи и кеш плаќања за најзагрозените домаќинства) за заштита од невработеност, за помош на семејства кои не остваруваат доход и сл. Значи, основно е овие социјални трансфери да се насочат кон најсиромашните слоеви на популацијата кои имаат највисока маргинална склоност кон потрошувачка (добиените средства веднаш ги употребуваат за покривање на егзистенцијалните потреби). Ова е и начин за засилување на т.н. автоматски стабилизатори на фискалната политика и за зголемување на ефикасноста на фискалните стимули.

АКО МОРА - ПЛАТИТЕ НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА НЕ СМЕАТ ДА СЕ КРАТАТ ЛИНЕАРНО

Дали сметате дека вработените во јавниот сектор требаше да бидат поштедени од намалување на платите, а сега тоа важи и за функционерите, по одлуката на Уставниот суд? 

Фити: Од аспект на солидарноста, идејата беше во ред. Но набрзо таа се исполитизира. Објективно, и кога политичките партии искрено мислат дека мерката е добра, во предизборен период калкулираат со нејзината имплементација, бидејќи јавната администрација (која кај нас е хипертрофирана) е значајно гласачко тело. Во секој случај, она што во иднина ќе се случува во оваа сфера ќе зависи од патеката и времетраењето на пандемијата. Ако мора да дојде до кратење на платите на јавната администрација тоа не смее да биде линеарно, бидејќи негативно ќе влијае врз поттиците на луѓето и особено врз поттиците на оние кои се стручни и добро ги извршуваат своите обврски. Во однос на другиот дел од прашањето, би рекол дека укинувањето на одлуката за намалување на платите на функционерите од страна на Уставниот суд не е добро решение. Јас разбирам дека владеењето на правото е принцип кој сите треба да го почитуваат. Но не разбирам, зошто требаше, во еден исклучително тежок период, кога е загрозено здравјето и кога се загрозени животите на граѓаните, а економијата е соочена со сериозни проблеми – губење работни места, банкрот на фирми итн, да не се почитува и еден од најзначајните економски принципи во даночната сфера -  принципот на вертикална еднаквост (правичност) при оданочувањето. Да потсетам, овој принцип, наједноставно кажано, вели дека нормално е и фер е, оние што се побогати, што имаат повисок доход и имот, а со тоа и поголем даночен капацитет, повеќе да партиципираат во полнењето на државната каса. Зошто, во услови кога немаме прогресивен даночен систем, тоа да не го направиме со предложената мерка за намалување на платите на функционерите која е од привремен карактер?

Професоре, дали лично според Вас, Владата добро менаџира со здравствената и со економската криза во земјава? 

Фити: Да, мислам дека дури и изненадувачки добро Владата и Министерството за здравство се справуваат во оваа тешка здравствена криза. Здравствените работници, врвни доктори, експерти од областа на епидемиологијата, инфектологијата, микробиологијата и др, помошниот персонал (медицински сестри, техничари, возачи итн.) вложуваат натпросечни напори за справување со кризата, за грижата за болните, за спасување на животи и сл. Се разбира, се јавуваат и одредени грешки и пропусти, нешто што во вакви состојби не може до крај да се избегне, но генерално, состојбата добро се менаџира. Но овие напори, не ќе ни донесат конечна победа на вирусот, ако ние граѓаните, доследно не ги почитуваме пропишаните мерки. Сите знаеме дека тие се тешки, дека социјалната дистанца не погодува сите, дека таа удира врз темелите на природата на човекот, врз природниот постулат, одамна спознаен  од страна на Аристотел, дека човекот, како мисловно суштество, е zoon politikon, коешто живее и комуницира во заедница со други луѓе. Но мора да се издржи. Што повеќе ги почитуваме пропишаните мерки, тоа побрзо и со помали последици, ќе излеземе од „канџите“ на опасниот вирус. Што се однесува до менаџирањето на економската криза, мислам дека е неопходна поголема транспарентност, и почеста консултација со експерти, добра комуникација и со меѓународните финансиски институции и сл, особено кога се работи за значајни прашања – ребаланс на буџетот, ново задолжување со еврообврзница и сл. Ова е особено важно во услови кога немаме Собрание, а дискрециските права на Владата се големи. Важно е и од аспект на донесување на решенија кои се стручно и научно добро поткрепени и издржани.

Што овие бројки, односно овие очекувања за пад на македонската економија, ќе значат конкретно за македонските граѓани и компании, на кој начин тие ќе бидат погодени и колку време ќе им биде потребно да се извлечат од кризата? 

Фити: Последиците и по граѓаните и по компаниите и за целата економија најдиректно се условени од времетраењето на пандемијата. Има еден момент поврзан со природата на оваа криза кој влева оптимизам. Имено, кај овој вид кризи, условени од епидемии и болести, најпрвин доаѓа до шок на страната на агрегатната понуда, односно до брзо, нагло, неочекувано опаѓање на производството, поради затворање на цели сектори (туризам, угостителство, јавен сообраќај, авионски сообраќај, производни капацитети во кои не може да се одржи социјална дистанца, а се поврзани со производство на лице место – во фабриките, прекинување на јавни настани исл.), кој брзо се пренесува и на страната на агрегатната побарувачка – воздржување од трошење и инвестирање. Но ако вирусот брзо стивне, производството и вработеноста брзо се повратуваат и економската активност заживува. Да потсетам, тоа не беше случај со Големата рецесија од 2007 – 2009 година, којашто како миксирана криза (финансиска и економска) се карактеризираше со бавно и тешко заздравување. Значи, економскиот циклус, во случајов со корона вирусот, би го добил обликот на латинската буква V - брз пад и брзо заздравување. Врз оваа логика базираат и оптимистичките прогнози според кои, заживувањето на економиите во светски размери ќе започне во втората половина на 2020 година и во 2021 година економиите ќе постигнат солидни стапки на раст. Врз оваа логика, се прогнозира дека македонската економија ќе почне да заздравува во последниот квартал на оваа година и дека растот на БДП во 2021 година ќе изнесува 4,7 отсто. Ако се случи ова сценарио, ќе се извлечеме со помали последици. Но, ако вирусот наесен се врати, состојбите се усложнуваат. Падот на економската активност ќе биде поголем, а последиците и по граѓаните и по фирмите потешки.

ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ЈАВНИОТ ДОЛГ Е НУЖНОСТ ОД КОЈА НЕ МОЖЕМЕ ДА ПОБЕГНЕМЕ

Невработеноста и сиромаштијата почнаа да се намалуваат во последниве години, што се сметаше како една од клучните придобивки за земјава. Дали тие после оваа економска криза предизвикана од коронавирусот, повторно ќе добијат разорни димензии? 

Фити: Со сценариото што претходно го опишав тоа не би се случило. Стапката на невработеност ќе се зголеми за дополнителни 1 до 2 процентни поени, бидејќи, сепак, дел од фирмите ќе настрадаат и ќе бидат изгубени и работни места. Тие последици ќе се ублажуваат низ социјалната политика, а следната година, ако растот повторно се врати и последиците полесно ќе се релативизираат. Надолното (песимистичко) сценарио, се разбира, ќе резултира со потешки последици. 

Министерството за финансии веќе почна да го крои ребалансот на буџетот, откако претходно прераспореди 100 милиони евра, кратејќи од некои ставки и пренаменувајќи ги за здравствените потреби. Каков треба да биде, според Вас, ребалансот на буџетот, колку пари и од каде треба да се скратат и каде да се насочат? 

Фити: Од економската теорија, но и од моето искуство како поранешен министер за финансии, знам дека секогаш кога се спроведува ребаланс на буџетот и се применува фискална строгост, треба да се утврдат јасни приоритети за тоа кои ставки ќе се кратат и да се анализираат ефектите на одредените буџетски варијабли (големини) врз еефикасноста, односно неефикасноста на фискалната политика. Неколку работи се посебно значајни: буџетските алокации, средства наменети за здравствениот сектор и за социјалната заштита, се основен приоритет и тие не само што не смеат да се кратат, туку, напротив, треба да се зголемат. Буџетските алокации за помош на фирмите треба дополнително да се зголемат со сосредоточување врз средства кои немаат краткорочни директни ефекти врз буџетскиот дефицит. Кај јавните инвестиции треба селектиран пристап. Инвестициите во крупната инфраструктура кои се во тек и за кои се обезбедени средства треба да продолжат да се реализираат. Категоријата капитални трансфери, која е хетерогена и во која се содржани позиции од типот згради, мебел, автомобили итн. треба ригорозно да се скрати. Истото се однесува за сите други видови непродуктивна владина потрошувачка – репрезентации, патувања итн. За финансирање на буџетскиот дефицит треба да се користат сите можни извори: средства од ММФ, од Светска банка, од ЕК и др, средства од домашни извори (од продажба на државни хартии од вредност, ако е неопходно и од позајмици од домашни комерцијални банки, од предвремена уплата на даноци од добри фирми, од зголемените акцизи на нафтата, итн.).

Јавниот долг на земјава заклучно со првиот квартал од годинава достигна 50,7 отсто, а очекувањата се дека со новите задолжувања што ќе мора да ги направи власта за да се справи со кризата, тој ќе се зголеми за минимум 5 процентни поени. Од Европската унија веќе излегоа со мислење дека нашата задолженост нема да стане супер висока, но веќе би можела да биде загрижувачка. Прашањето ми е – дали кризата ќе не втурне во еден должнички вител со кој во иднина тешко ќе се справуваме, и дали тоа значи дека тешко ќе добиваме заеми на комерцијалниот пазар, туку ќе мора да се обраќаме кај институционалните инвеститори? 

Фити: Македонија е земја, која за жал, во периодот по 2008 год, го изгуби фискалниот простор со непродуктивно трошење. ММФ предвидува пораст на буџетските дефицити и кумулирање на јавниот долг во светски размери, без преседан во досегашната економска историја. Предвидувањата се дека САД ќе ја завршат 2020 со буџетски дефицит од околу 15 отсто, земјите на Еврозоната со буџетски дефицит од околу 7,5 отсто, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија со буџетски дефицит меѓу 8 до 9 отсто и сл. Како резултат на тоа, јавниот долг во светски размери, во 2020 година во однос на претходната, ќе биде поголем за 13 процентни поени, во земјите на Еврозоната, исто така, за 13 процентни поени, а некои од нив (Шпанија, Италија и др.) ќе забележат многу повисок раст на јавниот долг. Во земјите со среден доход, јавниот долг ќе се зголеми за 9 процентни поени. Високоразвиените земји се во состојба, поради историски вонредно ниските каматни стапки (референтните каматни стапки на најголемите централни банки се движат околу нула) да се задолжуваат со ниски трошоци. Денес, околу 20 отсто од државните обврзници во развиените земји се издаваат со негативна каматна стапка. Таква привилегија немаат помалку развиените земји. Во Македонија јавниот долг, според мои пресметки, ќе се зголеми за дополнителни 5 до 7 процентни поени. Се разбира дека тоа е проблем за македонската економија (која веќе е во фаза постојано наново да се задолжува заради враќање на старите долгови), но, зголемувањето на буџетскиот дефицит и на јавниот долг е нужност од која не можеме да побегнеме. По надминувањето на кризата, основно е да продолжи финансиската консолидација, а уште е поважно да се поврати растот. Ако во иднина остваруваме раст меѓу 4,5 отсто до 5 отсто, во услови на ниски каматни стапки, кои такви ќе останат уште долг период, можеме да го намалуваме степенот на задолженоста на земјата (мерен како учество на долгот во БДП).

ИЗБОРИ ТРЕБА ДА СЕ ОРГАНИЗИРААТ БРЗО, ШТОМ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ ОДОБРАТ

Владата веќе објави дека го почнала процесот на издавање на еврообврзницата, процес кој според нив, треба да заврши до крајот на месецов. Колку средства очекувате дека ќе ни бидат одобрени, под кои услови односно каматни стапки, и дали тие ќе бидат доволни за да се одговори на сите потреби на државата? 

Фити: Јас  немам информации за тоа дали започнал и до каде е процесот за издавање на нова еврообврзница, но тука сакам да коментирам неколку работи. Прво, историски вонредно ниските каматни стапки на меѓународниот финансиски пазар го прават задолжувањето поевтино и од поширок економски аспект, бидејќи и истиснување на приватниот сектор од економската активност (т.н. crоwding – out  ефект)  во ваква констелација на услови, не е многу скапо. Теретот на долгот и неговото враќање, со пониски каматни стапки, е помал. Второ, иако каматните стапки покажуваат тенденција на намалување и во македонската економија, кога е во прашање задолжување на меѓународниот финансиски пазар, висината на каматната стапка за македонската економија е повисока, меѓу другото, затоа што таа го вклучува и ризикот на земјата. Трето, задолжувањето со нова еврообврзница е исплатливо само ако тоа се направи со каматна стапка којашто би била нешто пониска, или барем идентична, со среднорочните прогнози за раст на македонската економија (4 отсто).

Владејачката СДСМ смета дека избори треба да се одржат на 14 јуни. Дали, според Вас, тоа е соодветен датум, прво од аспект на здравствената состојба, а второ, дали еден изборен циклус во ваков тежок економски период, уште повеќе ќе ја забави економската активност? 

Фити: И овде е основно да не се политизира прашањето. Избори, без одобрение на експертите од здравствениот сектор, не можат и не смеат да се одржат. Од друга страна, со техничка влада, ситуација којашто од секогаш сум ја сметал за хермафродитно и неефикасно решение, а згора на тоа и без Собрание, не можеме нормално да функционираме. Оттука, избори треба да се организираат брзо, штом здравствените власти тоа ќе го одобрат. Одразот на изборите врз економијата е добро познат, но тоа е цената на демократијата, којашто мора да се плати. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат