23 Април, 2024
0.0281

ИНТЕРВЈУ Деспотовски: Потребно е да се зафатат платите на јавниот сектор, за да се солидаризира со приватниот

Објавено во: Економија, Интервјуа 04 Мај, 2020

Добивај вести на Viber


Направивме анализа на годишните сметки на скоро 400 микро, мали, средни и големи компании корисници на средства на Фондот за 2019, споредено со предходните години. Бројките се повеќе од охрабрувачки. Овие компании, во просек, пораснале за 8 отсто во однос на приходите и 72 проценти во однос на добивката споредено со растот од претходните години. Значи, со финансиска поддршка од Фондот реализирале инвестиции што ги направиле не само подоходовни, туку попродуктивни и поконкуретни

Нов инструмент за Технолошки развој – итна поддршка, подготви Фондот за иновации и технолошки развој и го достави до Светска банка на одобрување. Првиот човек на Фондот, Јован Деспотовски во интервју за Фактор вели дека очекува до крајот на мај да заврши и постапката за обезбедување на согласност од Владата, по што ќе биде објавен и јавен повик. Засега, првично обезбедија околу 2,5 милиони евра, но Деспотовски очекува и дополнителни средства. Самиот преку Фондот иницираше анкета на компаниите кои се кориници на пари, за ефектите од кризата предизвикана од пандемијата кои покажале дека 70 отсто од анализираните наведуваат дека се под барем еден ризик. Инаку, она што охрабрува е што е светла точка во домашната економија е што корисниците на Фондот досега имаат раст на приходите за 8 отсто и 72 проценти во однос на добивката споредено со растот од претходните години.

Ве прашувам прво според вас, каква ќе биде суштината на економската криза во светот по оваа пандемија? Човештвото се покажа неподготвено да одговори на вирусот во време кога прави планови за многу посериозни подвизи, ќе биде ли подготвен светот да одговори на економскиот удар? Каде ги лоцирате најголемите проблеми?

Деспотовски: Големите економии, па и светот во целина, дефинитивно имаат и знаење и капацитет да се справат со оваа криза. Потребите, а со тоа и побарувачката за добра и услуги можеби се менуваат, но секако нема едноставно да исчезнат, ниту пак мислам дека луѓето целосно ќе се затворат и ќе се сведат на минимум преживување.

Сепак, постои сериозен ризик за неповратна загуба на време. Денес, Европската централна банка вели дека во најлошото сценарио ќе требаат 3 години да се врати нивото на економски развој на еврозоната од крајот на 2019 година. Значи, ќе се врати секако, но имаме загубени три години. Што е навистина многу. Можеби од перспектива на Македонија три години и не се премногу во споредба со 11 или повеќе загубени во неповрат, но верувајте дека времето чини многу.

Второ, се нарушува вербата на луѓето во иднината и останува одредено ниво на страв, што секако влијае врз економијата, но многу повеќе врз општеството. Економски гледано, поголемото ниво на претпазливост ќе предзвика одложување на повеќе одлуки за трошење/инвестирање. Како на ниво на семејство, така и на ниво на компании, вклучително и најголемите, кои истотака се водени од луѓе, а не од машини. Тука, според мене, клучен е одговорот и однесувањето на државата и политиката. Токму државата мора со своето однесување да придонесе оваа доверба на луѓето кон подобра иднина, кон Свет што е поготвен да се справи со сите предизвици не само да се врати, туку и да се зајакне.

И под одговор не мислам само на економски пакет мерки за поддршка, туку искрен однос и вистинска солидарност на јавниот кон приватниот сектор.


Проекциите за големината на економските последици се уште трпат измени поради продолжението на пандемијата. Македонските фирми се погодени, а Владата предложи сет мерки за помош. ФИТР направи анализа на домашни компании за ризици и мерки кои би ги презеле за справување со кризата – 70 отсто пријавиле дека ќе имаат ризик по работата, 60 отсто очекуваат државна помош.  Кои други резултати ги добивте и каде ги позиционирате впрочем клучните ризици во следниот период?

Деспотовски: Пред неколку дена излеговме со првични податоци од едно истражување што го правевме за ризиците од кризата врз бизнисот. Беа опфатени околу 270 микро, мали и средни компании што се најдоа „затекнати“ во различни фази на два јавни повици на Фондот, започнати пред кризата. Овие компании вработуваат над 2.000 луѓе и за нив изготвивме еден прашалник, врз основа на кој можат да предложат и мерки за прилагодување на своите инвестициски планови кон изменетите услови на пазарот. 70 отсто од овие компании пријавија постоење на барем еден од наведени шест групи на ризици. 59 проценти од компаниите предлагаат и очекуваат некаква поддршка од државата за справување со последиците од кризата. Од наведените ризици, убедливо најголем дел од фирмите (околу 60%) пријавиле ризик со пазарот и генерирање на приходи. Нешто помалку пријавиле проблем со финансиските капацитети, па со организацијата на работењето. Токму она што го реков и предходно – нарушената доверба на луѓето, која силно ги определува и одлуките за инвестирање и потрошувачка (пазарот) е најголемиот елемент во економската криза. И токму начинот на реакција на државата и политиката ќе влијае врз тоа колку брзо оваа доверба ќе се врати и колку побрзо луѓето, фирмите ќе се вратат на потребите и побарувачката кои реално постојат. Можеби изменети и прилагодени на пост-кризниот период, но дефинитивно постојат и секако не помали по обем. 

Се тврди дека малите и средни компании кои ќе имаат позитивен резултат во 2020 и во 2021 година ќе бидат херои на нашето време. Се предвидува значаен раст на неликвидноста. Како да се спаси домашното стопанство?

Деспотовски: Не мислам дека „спасување“ е термин што овде треба да го користиме. Ставот дека државата ја „спасува“ економијата неизбежно води кон подредена улога на економијата во однос на политиката на среден и долг рок. Напротив, реков и ќе повторам дека клучот за брзо заздравување е во солидарноста на јавниот со приватниот сектор. Парите на државата не се „наследени“ ниту пак донесени од политичарите. Овие ресурси се генерирани од економска активност и заради постоење на „договор“ помеѓу економијата и државата, истите се дадени на управување на институциите за точно утврдени намени.

Во услови на постоење на криза и проблеми за приватниот сектор нормално и логично е институциите солидарно да ги споделат овие генерирани ресурси. И тука никој не спасува никого, туку едноставно соработуваме и си помагаме за да излеземе од ова побрзо. И, затоа не мислам дека поддршката треба да застане со она што е направено досега. Можеме и мораме повеќе.

Мислам дека некако многу брзо „протрчавме“ преку предлогот за солидарно зафаќање на дел од платите во јавниот сектор и нивно искористување за поддршка на приватниот сектор. Лично, не се согласувам службениците да одат на минималец, како функционерите. Но, истотака не се согласувам со  кратење на пари од капитални инвестиции и програми за финансиска поддршка на компаниите. Дефинитивно има и потреба и оправданост да се разговара за предлогот за солидарно зафаќање од платите во јавниот сектор. И реално да се измери до кое ниво, во кој износ и за кој период треба да се однесува една ваква мерка. Оваа мерка најдобро ќе ја покаже солидарноста на јавниот со приватниот сектор. И, верувајте, многу ќе придонесе да се воспостави или зајакне, сеедно нивото на разбирање и доверба, што секако е предизвик и за многу други општества, не само нашето.

Еден вистински чекор во ваква криза може да донесе многу понатаму и затоа ни требаат храбри одлуки. Впрочем, политичарите не добиваат доверба на избори за да прават тоа што им се допаѓа на луѓето во моментот, туку тоа што е добро за сите на подолг рок.


Каква поддршка впрочем треба да им се понуди на фирмите и какви иницијативи за справување со последиците од кризата вие преземавте? Објавивте дека креирате мерки за recovery фазата и за тој пост-кризен период – каква е суштината на тие мерки?  Кои се новите инструменти кои се наманети за фазата на задравување и во која етапа се?

Деспотовски: Веќе пренаменивме 4,5 милиони евра од тековни повици за инвестициски предози што ќе одговорат на изменетите пазарни услови. Покажавме флексибилност и ги искористивме сите правни механизми да им овозможиме на апликантите (околу 270 микро, мали и средни компании) да се „одглават“ и да се прилагодат. Очекувам до крајот на мај одлука за финансиска поддршка за некаде околу половина од нив, со обем на инвестиции од околу 12,5 милиони евра, од кои 8 милиони ќе бидат средства на фирмите.

Врз основа на разговори со стопанските комори, изготвивме нов иструмент за Технолошки развој – итна поддршка, што е веќе доставен до Светска банка на одобрување. Очекувам до крајот на мај да заврши и постапката за обезбедување на согласност од Владата, по што ќе објавиме јавен повик. Засега, имаме обезбедено првично околу 2,5 милиони евра, но очекувам и дополнителни средства. Логиката на итната поддршка е да се комбинираат мерките за обезбедување на ликвидност (плати) со мерки за брзо прилагодување на компаниите (ре-организација на процесите, воведување на ИТ системи и дигитални алатки итн). Верувам дека поддршката за ликвидност мора да ја надополниме со мерки за прилагодување, што ќе обезбедат постепен излез од кризата. Едноставно, се обидуваме да наметнеме размислување за денот потоа. Во рамки на овој инструмент, фирмите ќе аплицираат за финансиска поддршка до 1, 2 и 4 милиони денари (согласно големината на фирмите), до 70 отсто од предложените проекти. Механизмот за поврат е многу едноставен - 15 проценти од бруто добивката на фирмата во првите 3 години по завршување на проектот. Нудиме фер договор: оние што ќе успеат и ќе остварат добивка ќе уплатат средства назад, за да може да обезбедиме континуитет во финансирање на програмите за поддршка на економијата. Оние кои нема да успеат да генерираат доволно добивка за поврат на средствата ќе бидат ослободени од обврската по третата година, без никакви натамошни обврски кон Фондот или државата. Реков, нудиме фер договор за економско заздравување, базиран на солидарност на јавниот со приватниот сектор. 

Во изготвување е и нов инструмент за Технолошка екстензија – структурно прилагодување. Овој инструмент ќе подразбира изготвување на план за структурно прилагодување на компаниите за еден подолг временски период. Проектите ќе бидат насочени кон ре-организација на процесот на производство, нови или прилагодени производи и услуги, нови рути за обезбедување на суровини, пристап до нови пазари. За овој инструмент следат финални консултации со Светската Банка, по што ќе објавиме и повеќе детали.


Правиме напори во јуни да следи и нов повик за старт-ап компании. Наша првична цел е до крајот на годината, вклучително и со повиците што се во тек, да поттикнеме инвестициски циклус од 35 - 40 милиони евра во приватниот сектор. Реални пари, за реална поддршка за микро, малите и средни компании. Секако, доколку овие мерки поттикнат интерес и квалитетен одговор од компаниите, ќе биде и мој предизвик и заложба да бараме дополнителни средства.

Со малку повеќе храброст и поглед кон денот потоа можеме да зборуваме и за една амбициозна цел од 100 милиони евра инвестиции во приватниот сектор до крајот на годината. Заради принципот на ко-финансирање, секогаш имаме сопствено учество на компаниите во овие проекти, па еве простор и за деловните банки да се вклучат повеќе во финансирањето на економската обнова на државата. Имаме механизам за финансирање базиран на солидарност и фер договор, имаме резултати во изминатиот период што потврдуваат дека ова функционира, така што со малку повеќе храброст и вложување, можеме да го направиме ова.

Фондот досега објави неколку огласи и поддржа компании од неколку инструменти. Имате ли анализа за тоа какво е досегашното работење на корисниците на Фондот?

Деспотовски: Имаме. Направивме анализа на годишните сметки на скоро 400 микро, мали, средни и големи компании корисници на средства на Фондот за 2019, споредено со предходните години. Бројките се повеќе од охрабрувачки. Овие компании, во просек, пораснале за 8% во однос на приходите и 72% во однос на добивката споредено со растот од предходните години. Значи, со финансиска поддршка од Фондот реализирале инвестиции што ги направиле не само подоходовни, туку попродуктивни и поконкуретни. Фондот во 2019 година, врз основа на склучени договори со компании корисници исплатил некаде околу 10,5 милиони евра средства на државата и Светската Банка. Во истата година, компаниите корисници на средства уплатиле во Буџетот на државата скоро 13 милиони евра на име на данок на добивка, персонален данок и придонеси. Значи, за само една година фирмите уплатиле 25% повеќе пари назад кон државните фондови.

Ова се домашни, македонски компании, кои и по завршување на државната поддршка ќе ја задржат постигната продуктивност и профитабилност, со што позитивните ефектите од инвестициите врз државниот буџет ќе продолжат. Овие резултати се должат и на моделот на финансирање што Фондот го развива. Не бараме задолжителен поврат. Нема гаранции, хипотеки, меници. За нас е важен капацитетот на компаниите (и нивниот минат учинок), како и квалитетот на инвестициските планови што се предлага. Сакаме да продолжиме заеднички да креираме успешни приказни, бидејќи од нив добивка има и државата, а тоа значи секој еден граѓанин!

Нема ксмет ако ние по секоја цена си ги вратиме парите назад, а компаниите пропаѓаат. Со таков пристап, прашање е на време кога и ние ќе пропаднеме. Ризик постои секогаш, но јас лично, и тимот со кој работам остануваме целосно посветени на успехот на „проектот“ ФИТР.

Направивте и Инцијатива - Регионален фонд со РСС и WEF. За што станува збор?

Деспотовски: Регионалниот совет за соработка, со пари од ЕУ, финансираше студија за формирање на регионален бизнис акцелератор. Во рамките на оваа студија, Фондот беше посочен на успешна приказна, модел од кој треба да учат останатите земји од регионот. На средбата што се одржа во Тирана во почетокот на март, се охрабривме и предложивме наместо национални фондови, што оперираат на ограничени пазари, да креираме еден поголем – регионален фонд за иновации. Реакцијата на присутните министри и бизнис лидери од регионот беше доста позитивна. На следната средба одржана минатата недела, го презентиравме моделот на ФИТР пред истиот состав на луѓе и институции, по што договорено е Регионалниот совет за соработка, Светскиот економски форум, Фондот за иновации од Белград и ФИТР да изработат модел за организирање на новиот Регионален фонд.

Следната недела веќе следат разговори и со преставници на Европската Комисија (ЕК) кои изразија интерес за проектот. На крајот на мај ќе го презентираме првичниот модел, а наша цел е веќе на есен да излеземе со првиот повик за финансирање на проекти. Преку Регионалниот фонд целта е регионот да стане поатрактивен за инвеститорите, да привлечеме поголеми средства од ЕУ, Светската банка и други меѓународни финансиски институции. Но, она што е особено важно е што поголеми приватни фондови, кои досега ги избегнуваа земјите од регионот бидејќи пазарите беа мали и фрагментирани (од  2 до 5 милиони луѓе одделно) сега веќе се интересираат за вложувања во Фонд што ќе покрие пазар од 25 милиони. 

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

Ангелоски: Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела

Ангелоски: Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела

Пазарен и трудов инспекторат утре ќе контролираат кој работи

Пазарен и трудов инспекторат утре ќе контролираат кој работи

КОЈ ПЛАТИ 93 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 55 АКЦИИ - „Реплек“ станува сѐ поинтересен за инвеститорите

КОЈ ПЛАТИ 93 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 55 АКЦИИ - „Реплек“ станува сѐ поинтересен за инвеститорите

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ЧИСТЕЊЕ, ГОТВЕЊЕ, ПЕГЛАЊЕ: Жените кои се презафатени или имаат стари родители бараат куќни помошнички

ЧИСТЕЊЕ, ГОТВЕЊЕ, ПЕГЛАЊЕ: Жените кои се презафатени или имаат стари родители бараат куќни помошнички

СО „ПОЗАЈМИЦИ“ СЕ ГАСАТ ШТРАЈКОВИ И ПРОТЕСТИ ВО ДРЖАВАТА: Заеми се земаат од подоховни акционерски друштва

СО „ПОЗАЈМИЦИ“ СЕ ГАСАТ ШТРАЈКОВИ И ПРОТЕСТИ ВО ДРЖАВАТА: Заеми се земаат од подоховни акционерски друштва

ВО РЕГИОНОТ: Сакаат да ја вратат платата во плик

ВО РЕГИОНОТ: Сакаат да ја вратат платата во плик