26 Април, 2024
0.0331

Интервју со Глигор Цветанов, Извршен директор Макпрогрес

Интервју Цветанов: Ќе организираме купувачки мисии за клиенти од Блискиот исток и Северна Африка

Објавено во: Економија 19 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Новата 2020 година започна со надеж дека државата има капацитет да тргне напред и набрзо да бидеме интегрирани во европското семејство, каде што ни е местото.За кондиторските производители предизвик и понатаму ќе биде одржувањето на конкурентноста на производството во услови на зголемување на трошоците на работењето врз основа на зголемени цени на суровините од кои посебно шеќерот, растителните масла и масти и какаото како и трошоците за вработените водени од порастот на платите, вели во интервју за Фактор, Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес. Неговaта компанија е една од најголемите извозници во овој сектор, а самиот како претсдател на Клубот на извозници во Стопанската комора вели дека во земјата треба да се посветува поголемо внимание за зголемување на извозот.

Завршува годината која по се требаше да биде најекономска досега. Каков е вашиот впечаток, од друга страна какви се очекувањата за следната?

Цветанов: Иако минатата година беше најавувана како најекономска година, кога ја резимираме можам да кажам дека оваа минатата година е на ниво на останатите години, во зависност од компаниите која повеќе која помалку, но некаде на некое вообичаено ниво. Чинам дека големите политички прашања кои се отворија и кои се решаваа посебно на надворешен план недоволно брзо се затворија и некако не донесоа брз поттик на економските процеси. Но во нареден период дефинитивно решавањето на тие прашања ќе имаат позитивен ефект врз економијата, а посебно после официјалното членство во НАТО и отворањето на пристапните преговори со Европската Унија. Генерално во прехрамбената индустрија постои стагнацијадо умерен пораст на компаниите кои пласираат на домашниот пазар што поради намалување на популацијата заради отселувањето а што поради се поголемата увозна конкуренција која уште повеќе го зголемува трговскиот дефицит на државата. Извозно ориентираните компании се тие што можат да повлечат и да направат посериозен економски пораст.

Во 2020 година имаме повторно изборен циклус кој ако помине во најдобар ред и ако брзо се формира влада сметам дека нема да има влијание на тековите во економијата. Оптимист сум дека оваа година би можеле да видиме подобар економски раст и просперитет посебно што имаме многу охрабрени домашни и странски инвеститори кои имаат проекти, планови и достапни средства за финансирање на истите.

Владата во мандатот предложи план за економски раст. Какви се досегашните ефекти?

Цветанов: Сметам дека мерките се ефикасни и дека на долг рок ќе им помогнат многу на сите компании кои инвестираат, а посебно на извозно ориентираните компании. Извозот дава неограничена можност за одење напред во економијата, и тоа со големи чекори. Извозниците имаат можност да ги користат мерките за поддршка на извозот и тоа финансиската помош за извозниците кои ќе генерираат пораст на извозот и мерката за финансиска подршка за откривање и отворање на нови пазари. Но, познавам и многу стопанственици кои се охрабрени од мерките на Владата, имаат средства, имаат пазар но се двоумат дали да инвестираат заради недостиг на квалификувани вработени кој претпоставуваат дека ќе биде уште поизразен. Затоа е важно да се работи на спречување на иселувањето, посебно на младите, нивно едуцирање и насочување за потребите на растечкиот пазар на труд. 

Вие сте претседател на Клубот на извозници. Доставивте иницијатива до Владата со која баравте финансиска поддршка и други реформиски активности за поддршка на саемските учества на компаниите. Имате ли досега некаков фидбек од таму?

Цветанов: Една од целите на постоење на клубот на извозници е надминувањето на проблемите кои во моментот претставуваат пречка за зголемувањето на извозот на домашните компании.Во јули годинава од име на клубот на извозници до владата доставивме иницијатива за промена на моделот на подршка на домашните компании за промовирање на извозот за учество на саеми и други промотивни настани за да се зголеми на извозот преку освојување на нови пазари и координиран настап на македонските компании на странски пазари.

Согласно постојниот систем повеќе различни државни институции се надлежни за организирање и поддршка на настап на македонски компании на странските пазари -  Министерство за економија, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Р.С. Македонија, а поддршката се реализира врз основа на повеќе различни закон и подзаконски акти и програми.

Вака фрагментираниот систем претпоставува и различни аминистративни постапки за остварување на поддршката, како и неможност за подолгорочно планирање од страна на компаниите на активностите поврзани со нивните настапи на странските пазари.

Имајќи ја во предвид вака организираната поддршка на бизнис секторот за промоција и поттикнување на извозот на македонските компании, а со цел зголемување ефектите, членките на Клубот на извозници по реализирана Анкета за изразување интерес за настап на саеми, констатираа дека поставениот систем треба да се реформира по неколку основи.

Прво,  да се определи една надлежна институција за обезбедување на финансиска и логистичка поддршка на претпријатијата кои настапуваат на саемите, со цел олеснување на процедурите за аплицирање за поддршка и намалување на административниот товар на фирмите изложувачи. Освен ова потребно е подолгорочно планирање на саемите на кој ќе се настапува, бидејќи за учество на светски реномираните саеми и за квалитетна локација на штанд на овие манифестации потребно е да се резервира изложбен простор најрано една година однапред, што бара системско планирање за саемски настап и промоција. Секако треба да се редефинира моделот на заедничко изложување на меѓународни саеми и на концептот „национален штанд“, како од аспект на дизајнот, атрактивноста и квалитетот на истиот, така и од аспект локациската поставеност. Истото значи да се исклучи критериумот најниска цена. Истовремено, потребно е на одредени саеми на кои се промовираат производи од различни дејности под името на земјата да се овозможат посебни изложбени простори во разични хали, соодветно на дејноста на која припаѓа изложувачот и да се исклучи опцијата на заеднички национален штанд.

Иницијативата се покренува со образложение дека ефектите од вложените средства на овој начин ќе резултираат со поизвесно зголемен интерес за настап на компаниите на странски пазари, што истовремено преставува основ за нови бизнис зделки и зголемен извоз доколку пазарите и саемите на кој се настапува се правилно таргетирани.

Досега повратно немаме добиено фидбек но нашата иницијатива ќе ја афирмираме повторно на новата влада која би требало да биде избрана во следната година.

Со какви предизвици се соочуваат македонските извозници?

Извозот во Кина, Русија и генерално кон Исток не е во голем прогрес, според официјалните податоци. Дали причината за тоа се административните бариери или такви се генералните потреби и побарувачката на самите тамошни пазари?

Цветанов: Генерално пазар на македонските извозници се пазарите во опкружувањето и пазарите на Европската Унија. Ова е така затоа што во главно тоа се наши традиционални пазари, близината и тоа што на овие пазари имаме регулирано бесцаринска соработка. Пазарите на средниот и далечниот исток имаат голем потенцијал бидејки се пазари со голема популација и сериозна растечка потрошувачка и претставуваат голем потенцијал за откривање, развој и позиционирање. Дали ќе бидеме успешни зависи од нас самите, како ќе се наметнеме и ценовно позиционираме. Конкурентноста во глобални рамки не ни е најдобра страна, мора да работиме уште многу на себе на подобрување на продуктивноста и конкурентноста за да може глобално да освојуваме повеќе пазари.

Како предизвик за одржување и подобрување на конкурентноста секако е важен и недостатокот на работна сила каква што му е потребна на бизнис-секторот. Овој се’ поизразен проблеммора да се решава и со краткорочни и со долгорочни мерки, а дел од нив се однесуваат на реформи во образовниот систем, пред се, во делот на обезбедување пофункционално средно стручно образование со примена на дуалните принципи на образование, зголемување на платите, подобрување на условите за работа со цел спречување на масовната миграција на младото работоспособно и образувано население.

Каква е ситуацијата со кондиторската индустрија во Македонија и дали има простор за зголемување на извозот на овие производи во странство?

Цветанов: Новата 2020 година започна со надеж дека државата има капацитет да тргне напред и набрзо да бидеме интегрирани во европското семејство, каде што ни е местото. За кондиторските производители предизвик и понатаму ќе биде одржувањето на конкурентноста на производството во услови на зголемување на трошоците на работењето врз основа на зголемени цени на суровините од кои посебно шеќерот, растителните масла и масти и какаото како и трошоците за вработените водени од порастот на платите.

За мала држава како што е Македонија извозот дефинитивно е најглавниот генератор на економскиот пораст. Затоа цел на кондиторската индустрија освен подобрување на позициите на домашниот пазар мора да биде и подобрување на позициите на извозните пазари.секој од нас е потребно да работи на подобрување на енергетската ефикасност, продуктивноста и автоматизацијата со цел да останеме конкурентни. Понатаму секој од нас потребно е да повеќе поработи на развој и лансирањена нови уникатни и иновативни производи кои се носат со променливите барања на потрошувачите во поглед на подобар нутритивен состав, компании кои имаат подобрена општествено одговорна свест во поглед на благодетите на вработените и на екологијата.

Преку клубот на извозници планирано е да направиме дополнителни напори да ја претставиме домашната индустрија преку организирање „купувачки мисии“ на потенцијални купувачи од земјите на Блискиот исток и на Северна Африка, а моја компаниска цел ќе биде успешно да се претставиме на самите во Келн, Њујорк и Париз кои се планирани во оваа година и дополнително да инвестираме и да работиме на подобрување на енергетската ефикасност, продуктивноста и автоматизацијата за да останеме конкурентни.

Може ли да се носат нашите кондиторски брендови против оние од регионот и воопшто од Европа во рамките на нашиот домашен пазар?

Цветанов: Сметам дека можат, а доказ за тоа се и успешните примери кои ги имаме. Од година во година извозот на кондиторски производи е во пораст, а растат и новите капацитети на производителите. Ако компаниите се успешни на странските пазари, прашањето е зошто да не може да бидат успешни и на домашниот пазар. Очекувам подобрување на односите на домашните малопродажни системи и домашната индустрија во насока да работат повеќе партнерски. Домашните компании ќе имаат повеќе можности за развој, за повеќе вработувања, за поголеми плати и за овозможување подобар живот на своите вработени кои всушност се потрошувачите што остануваат во Македонија и ги трошат своите заработени пари во малопродажбата, овде, во Македонија. Значи бенефитот и интересот се обострани.

Домашните кондиторски производи се квалитетни, индустријата има солидна база на квалитетни сировини и знаење да направи и одржува квалитет во работењето. На најголемиот саем за кондиторија ИСМ во Келн Германија годинава се претставивме десет компании од Македонија, што е своевиден рекорд досега и пример за останатите држави во регионов. 

Вие сте на чело на една од најголемите македонски компании – „Макпрогрес“ и една од првите што самоиницијативно воведовте скратено работно време за родителите што се враќаат на работа од породилно отсуство. До сега на колку вработени им излеговте во пресрет со оваа мерка?

Цветанов: Општественото одговорно однесување  на компаниите е сопствена желба и одлука на секоја компанија и добро е што свеста за вакво однесување е на високо ниво. Макпрогрес вработува над 600 вработени и со тоа претставува најголем работодавач од прехранбената индустрија во источниот дел на Македонија. Макпрогрес е компанија која многу работи на угледот и имиџот како општествена одговорна компанија, присутни сме на многу места каде што можеме да дадеме свој несебичен придонес а сме добитници и наннеколку национални признанија за општествено одговорна компанија.

Во група со уште неколку други компании од прехрамбената индустрија спроведоме иницијатива за дополнителни три месеци скратено работно време за родителите што се враќаат од породилно отсуство. Станува збор за новина со која вработените кои користеле отсуство поради бременост, раѓање и родителство, во следните три месеци по завршување на редовните девет месеци или 15 месеци за две или повеќе деца одеднаш ќе може да работат со скратено работно време (половина од полното работно време), а притоа ќе им се исплаќа целосен личен доход и ќе ги уживаат сите други привилегии како да работеле со полно работно време.

Од март минатата година оваа бенефиција ја имаат искористено шест млади родители, а во оваа година од јануари почнаа да користат дополнително уште две млади мајки наши вработени.

Александар Кузмановски


Можеби ќе ве интересира

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката