29 Март, 2024
0.0301

Чувството кога оперирате срце на бебе од два килограми и интервенцијата завршува успешно: Д-р Чадиковски предводи тим кој ги руши бариерите во детската кардиохирургија во Македонија

Објавено во: Интервјуа 07 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Во Македонија речиси секојдневно се изведуваат најкомплицираните кардиохируршки зафати кај децата и тоа на возраст од еден ден старост, на новороденчиња тешки само еден килограм. Тимот под водство на детскиот кардиохирург, Доц. д-р. Владимир Чадиковски во приватната болница Аџибадем Систина, во услови на целосна организираност, работи на исклучително тешки операции на срце кај најмладата популација, па во последниве години речиси и да нема заминувања во странство за вакви зафати.  -Можам слободно да кажам дека ова е прв детски кардиохируршки центар во регионот со JCI-американска акредитација, што потврдува дека ги исполнуваме сите услови за безбедност и квалитет на здравствените услуги кај децата и исполнување на американски стандарди во однос на кадар, инфраструктура и опрема. Во текот на оваа година и пол направени се голем број интервенции за прв пат во нашата држава, вели во денешното интервју за Фактор, Доц. д-р Чадиковски. Голем медиумска заинтересираност за Доц. д-р. Чадиковски се крена само пред месец-два кога тој од опозициската ВМРО-ДПМНЕ доби понуда да биде нивни кандидат за градоначалник на Скопје, но Доц.  д-р Чадиковски не ја прифати. Во денешното интервју вели дека тоа е област која што воопшто не ја познава и дека по долги години го има професионалниот мир, кој му овозможува целосно да биде посветен на лекувањето на срцевите мани кај децата.

Од 2013 досега во приватната болница „Аџибадем Систина“ се направени повеќе од 100 интервенции, колку кардиохируршки интервенции вие и вашиот тим имате направено.

Д-р Чадиковски: Да, така е. Имаме навистина одличен повод за ова интервју. Во нашата болница, односно на нашиот оддел направени се 100 интервенции. Повеќе од 30 интервентни кардиохируршки интервенции и сите услуги се покриени од Фондот за здравствено осигурување. Значи родителите немаат никакво финансиско оптоварување. Со самото наше доаѓање, целиот тим кој брои повеќе од 40 члена, добивме еден систем кој недостасуваше и можам слободно да кажам дека ова е прв детски кардиохируршки центар во регионот со JCI-американска акредитација, што потврдува дека ги исполнуваме сите услови за безбедност и квалитет на здравствените услуги кај децата и исполнување на американски стандарди во однос на кадар, инфраструктура и опрема. Во текот на оваа година и пол направени  се голем број интервенции за прв пат во нашата држава. Имаме одлични резултати, на што сме посебно горди.

Дали тука се изведуваат комплицирани кардиохируршки зафати кај децата, со сите можности со кои располагате, односно и кадар и опрема, па тоа на некој начин придонесува да не мора да се патува во странство.

Д-р Чадиковски: Од почетокот на сето ова, од 2013 година уште кога почна овој проект на Клиниката за детска хирургија бројот на децата кои се праќаа во странство, пропорционално се повеќе и повеќе се намалуваше и можам да кажам сега дека веројатноста да се прати дете во странство за кардиохируршка интервенција е екстремно мала. Претежно тоа се деца кои бараат некаква системска поддршка која што е вон нашите можности, но бројот на пациенти за кои ние потпишуваме да одат во странство е речеиси нула. Можам да избројам колку деца се пратени. Навистина би се прашал, дали од 2013 до сега , по се што поминавме дали повторно би го поминувал ова,  мислам дека вредеше, бидејќи навистина сум горд на оваа работа што за прв пат имам стручен и менаџерски тим од кој имам целосна поддршка.

Колкава е успешноста на ваквите хируршки зафати кај децата?

Д-р Чадиковски: Се движиме во рамките на европскиот, околу 5 отсто морталитет. Толку е стандардот, 5-6 проценти смртност и деца кои што неможеме да ги спасиме  се претежно пациентчиња со екстремно тешки срцеви мани и деца со екстремни ниска телесна тежина, значи од 1 килограм, килограм и половина. Кај тие деца е навистина многу тешко да се направи операција на срце и потоа да се заврши успешно целата работа, иако таа борба трае, но на крај често завршува летално. 

Споменавте дека најтешките зафати се кај бебиња тешки еден килограм, дали ова значи дека вие и вашиот тим оперирате бебиња од нула ден, од еден ден старост?

Д-р Чадиковски: Да, да, така е. Непосредно по самото раѓање, бебето со срцева мана се прима во нашата болница. Системскиот момент, таа JCI-акредитација е добиена бидејќи ние можеме во неколку часа да ги направиме сите можни испитувања, без разлика во кој дел од денот се работи и независно дали е викенд, празник...Сега е навистина мноу полесно. Се сеќавам 2013 кога почнувавме иако имавме максимална поддршка од американскиот тим, воопшто не беше едноставно. Сега со целиот систем е многу полесено. Ние со наше возило, наш тим ги зема бебињата од каде што ќе ни се јават, ако станува збор за новороденче и потоа целиот процес тече без застој, од дијагностика, до се што е потребно и се разбира до најкомплицираните зафати. Значи оперираме од 0 ден до 18 години бебиња, деца, тинејџери, а оваа категорија е фондовски покриена. Во текот на растењето кај дел од децата потребни се и по две-три операции. Има таков тип на вродени срцеви мани кои што бараат и по неколку интервенции. Ова е, според мене најтешка хируршка гранка. Не само од аспект на техничкиот дел, се мора мултисистемски да функионира, мултиорганизационо да биде поставено. Ние сме постојано на таргет, постојано под лупа, секој нешто проверува, дали сме компетентни, за ниедна друга гранка во медицината нема ваков мониторинг. Сите прашуваат колкава е смртноста? Дали имате информации за другите хируршки гранки кој хирург каква смртност има. Нема да добиете таква информација. Ние за овие години сме констатно проверувани, што е само мотив да бидеме секој ден се подобри.

Имате ли податоци колкав е процентот на деца со кардиолошки проблеми и на што се должи тоа?

Д-р Чадиковски: Јас постојано кажувам, срцевите мани може да се вметнат во категоријата на малигните заболувања, за жал некои од нив се некоректнибилни. Има такви кај кои не постои можност да ги корегираме. На пример, доаѓа бебе од два килограми, треба да се спреми, да се дијагностицира, па следен чекор е операциона сала, да се отвори тој мал граден кош, да се умртви срцето, да не чука, да го отвориме како„ книга„, да се корегираат маните, да затвориме, срцето повторно треба да чука, да ги помине сите постоперативни третмани, да избегне можни инфекции и да си замине дома. Ова е еден исклучително тежок процес во кој се инволвирани 40 професионалци. Станува збор за огромна комплексност и во сето тоа движење на процесот има вистинска дијагноза, грешна дијагноза, добра хируршка техника, погрешна хируршка техника, постоперативни компликации. Во тек на самата постапка треба да започне да работи срцето, а бебето е само два килограми..Сега можам да кажам најодговорно дека навистина се трудиме сите можни комликации да ги сведеме на минимум и да имаме позитивен исход.

Дали тука е направена трансплантација на срце кај дете и дали во Македонија има деца на кои им е потребно пресадување на срце?

Д-р Чадиковски: Не, тоа се уште не е дозволеново во приватните болници иако хируршкиот, техничкиот момент не е толку тежок од секојдневните хируршки операции кои се прават секој ден. Припремата и постоперативниот третман се многу покомплексни. Тоа се пред се акутни, многу итни состојби и веројатноста да се погодат во исто време реципиентот да биде во состојба да го прими срцето и да има соодветен донор е исклучително тешко бидејќи се работи за многу мали пациенти. Соработката со Националната канцеларија за трансплантација е на највисоко ниво и верувам дека брзо ќе најдеме решение и за овие пациенти. Во принцип, јас од секогаш сум велел дека треба да има еден центар за трансплантација, како што е на пример Истамбул. Таму има само еден центар за трансплантација на срце. Таму тимот е обучен само за тоа, и за деца и за возрасни. Со луѓето со кои што соработувам пак директно, тие имаат околу 900 интервенции годишно, конкретно кај деца, но не прават трансплантации. И како што реков, не е технички невозможно, но целиот процес е многу комплексен. Затоа сметам дека треба да има еден центар, дека тимот ќе се истроши од сите аспекти ако оперираат секојдневно кардиохируршки интервенции и праваат трансплантации. Во оваа прилика  искрено им честитам на целиот тим што ги направија трансплантациите на срце и бубрези бидејќи знам колку е се тоа комплексно и тешко да го организираш.

Сепак трансплантацијата за вас не е нешто непознато. Вие сте еден од тимот во првата трансплантација на црн дроб кај дете, може ли да не потсетите кога беше тоа, дали тоа беа почетоците во оваа област во Македонија?

Д-р Чадиковски: За жал во Македонија се забораваат многу работи, во ниедна прилика не сум слушнал дека некој ја споменуава, првата трансплантација на црн дроб кај дете во земјава 2007 год., во која што учествуваа повеќе од 20 професионалци се изврши врз бебе од 5 месеци, беше тешко пет килограми. Операцијата траеше 14 часа. Неговата мајка даде парче од нејзиниот црн дроб  и ние тоа го направивме. Бебето беше добро 2-3 месеци и стиот тој период беше хоспитализирано. Се сеќавам дека со целиот тим со кои ја направивме трансплантацијата, повеќе од 3 недели спиевме во болницата, но за жал по долгата борба,на неколку дена пред да си замине дома,  бебето доби цитомегаловирус кој е крајно смртоносен тогаш настана вистинската борба, но за жал бебето почина . Уште ми е премногу жал. Се надевам нема да биде заборавена таа професионална борба и ентузијазам.

Една од проблематиките која што тука сега се работи е дијализа кај дечињата, кај најмладата популација. Колкав е нивниот број?

Д-р Чадиковски: Скоро секое дете со кариохируршко операција може да се појави потреба за дијализа, бидејќи има еден дисбаланс на притисокот кој што постои кај срцето во однос на притисокот кој што постои во бубрезите и единствен начин да помогнете тие бибрези да се вратат во функција е да се стави на дијализа. Станува збор за перитониална дијализа, која што се прави преку стомакот. Ние започнавме и хемофилтрација на крвта за прв пат во нашата држава, за да се направи сето ова мора да постои интензивна нега и кардиохируршки тим кој практично ја изведува методата. Во вратот на бебето се става посебен кактетер и со посебна апаратура ја чистиме крвта на детето, не само од деградациони продукти кои доаѓаат од бубрезите, туку и кога има труењена крвта, кога има тешки сепси. Единствен начин значи да се помогне кај овие деца е да се примени оваа метода. Многу ни е драго што ова веќе го работиме, бидејќи сметаме дека секое дете во Македонија кое би имало таков проблем, има каде успешно да се третира и тоа исто така е покриено од Фондот за здравствено осигурување. Втората работа е што можеме кај тешки состојби, а бевме начелно подготвени и кај деца во периодот на ковид кризата, да ги ставаме на ЕКМО, на екстра-корпорална циркулација. За среќа децата не беа толку заболени од корона вирусот за да мора да бидат ставени на ЕКМО, но сакам да речам дека и ова е една огромна можност на Одделението за кардиохируршка интензивна нега. 

Во полн ек е интервентната кардиологија кај децата, за што конкретно станува збор?

Д-р Чадиковски: На голем дел од децата ставивме пејсмејкери, перманетни пејсмејкери. Веќе немаме проблеми кај дете кое има пореметување на ритамот на срцето и на најмала возраст да можеме да им вградиме перманентни пејсмејкери или преку стомакот или преку вратот, во зависност од можноста што ни ја дава малото пациентче. Сега сме и во процедури со електро-физиолозите тука да започнеме и со аблација на оние суправентрикуларни тахикардии, кога имаат жариште и прави тахикардии од 200-300 отчукувања кај детето. Процедурата е во тек за ова и мислам дека наскоро и ова ќе го правиме. Започнавме и интензивно со интервентната кардиологија. Сега брзо имавме интервенција која досега не е направена на Балканот од страна на професор Јалан. Станува збор за дете кое има огромен број на фистули во белите дробови и ние му вградивме дури девет „чадорчиња“, амблацери, само во едното белодробие, а по неколку месеци ќе треба да се стават уште толку. Навистина една многу тешка интервенција, но детето по само еден ден си замина дома. Тоа се такви процедури. Интервентната кардиологија не е само во однос на интервенции, туку и во однос на дијагностика. Постојат 180 аномалии на срце и повеќе од 240 хируршки техники, и дури од одваа дистанца можам да кажам зошто досега во Македонија немаше детска кардиохирургија, дека е премногу тешка. Сега ми е драго што сме дел од семејството Аџибадем, го копираме идентично системот, тоа што се работи таму, работиме и ние тука. Често слушам коментари зошто не работам сам, но јас сметам дека треба и од другата страна да имам човек кој ги има истите знаења како и јас. Ако мене ми се слоши среде операција, треба некој од другата страна што ќе ја заврши работата. Ако градниот кош на детето е отворено, мора да постои и друг што успешно ќе го заврши целиот зафат. Значи, во оваа држава ако си критичен си некомпетентен, а ако си некритичен си експерт, многу лесно е да си нектритичен на туѓо дете. Луѓето од мојот тим ми асистираат, а јас им го предавам знаењето. Идејата е сето ова да продолжи и по мене. Преку Катедрата за хирургија земавме од американскиот Институтот Џон Хопкинс програма, ја направивме нашата програмата, која беше дадена на научно-наставниот совет преку Медициснки факултет и преку сите надлежни иснтитуции  се објави конкурс. Конкурирав и по шест години полагав ја земав лиценцата за детска кардиохирургија. И сега, веќе секој во Македонија што сака може да си запише специјализација или супспецијализација-детска кардиохирургија. 

Ковид-19 е неизбежна тема, да проговориме и за дечињата кои имаа постковид-компликации иако ова директно не е ваша област. Во голем број од светските студии беше наведено дека дури и најмладите кои болеста ја поминале асимптоматски или со лесна клиничка слика, сепак имаа мултисистемски комликации од вирусот, а често и кардиолошки проблеми.

Д-р Чадиковски: Среќна околност е тоа што сите деца кои се соочија со тоа се успешно излекувани. Ние лекарите тоа медиумски многу го подигнавме, за да се обрне внимание на симптомите и веднаш да се реагира од страна на родителите. Исто така, навистина е среќна околност е што во земјава немаше сериозни случаи кои ќе бараа третман и од наша страна, односно кардиохируршки пристап и навистина многу сум среќен што кај нас нема рапорт дека некое дете изгубивме заради пост-ковид компликации, пред се заради навремено барање помош од страна на родителите и секако навремен третман од страна на сите доктори во државата кои се одговорни во  згрижувањето и лекувањето на тие деца. 

Ова интервју би го завршила со прашање кое се однесува на неодамнешните пишувања за вас како можен кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Вие веднаш понудата ја одбивте, но дали ни малку не ве привлече?

Д-р Чадиковски: Цел живот сум имал политички понуди од сите партии, но за ниедна не сум пројавил желба дека ќе се бавам со политика. Сметам дека ако велезе човек во политика, веќе никогаш нема да излезе, а јас сум заљубен во својата професија. Што се однесува до градоначалничката работа, јас навистина благодарам за довербата. Без разлика од која политичка партија доаѓа понудата, мислам дека секому ќе му годи, но јас сметам дека не можам да го водам градот и не се гледам во таа функција. Премногу години потрошив во медицината, и во последните 10 години во детската кардиохирургија за да сега отидам во некој правце кој тотално не го познавам, а искрено не ми е ни привлечно да ги средувам градските проблеми. Прв пат го најдов професионалниот мир, сите работи ми се организирани, тимот ми е оформен и сега ги имам оние професионални благодети за да можеме што подобро се посветиме на децата со срцеви мани, со цел да имаме здрави деца. 

Анита Буховски

ФОТО: Вангел Тануровски