29 Мај, 2020
0.0494

ИНТЕРВЈУ БОЈАЏИЕВ: Падот на економијата ќе биде дури 13 отсто, потребни се брзи, храбри и креативни решенија

Објавено во: Економија, Интервјуа 06 Мај, 2020

Јас сум многу поголем песимист во поглед на македонската економија од домашните институции. Моите очекувања се дека домашната економија ќе отиде во минус од 13,6 отсто, вели во интервју за Фактор професорот Марјан Бојаџиев, шеф на катедрата Бизнис Администрација на Универзитетот Американ Колеџ. Професорот излегува со уште еден интересен податок, а тој е дека на земјава годинава ќе и требаат над една милијарда евра за економијата да ја преброди кризата, во спротивно само ќе ги залечува раните. Но, сепак, со оглед на тоа што во изминативе 10 години јавниот долг го зголемивме двојно, државава се помалку ќе има можност да се задолжува на комерцијалниот пазар, а се повеќе од институционалните инвеститори, бидејќи, нагласува, заврши времето на „лесните пари“. За економските мерки што ги донесе Владата за помош на стопанството професорот смета дека се одлични и од нив тој бил пријатно изненаден. Сепак, Бојаџиев во интервјуто наведува неколку конкретни идеи преку кои ќе се поддржат домашните бизниси за да се вратат во кондиција, меѓу кои форсирање на јавните инвестиции, субвенционирање на станбени кредити, намалување на несуштинските трошоци...  Професорот укажува дека за земјава сигурно ќе се случи пооптимистичко сценарио доколку добиеме посериозна и поинтензивна поддршка од Европската унија...

Според ММФ, бруто-домашниот производ на земјава годинава ќе падне за 4 отсто, додека, пак, Светска банка предвидува минус од 1,4 до 3,2 отсто, со тоа што сметаат дека земјава ќе биде во најдобра позиција од земјите од регионот. И Владата излезе со прогноза дека нашиот БДП ќе се намали за 3,4 отсто, додека Народната банка предвидува минус од 3,5 проценти. Какви се лично Вашите очекувања?

Бојаџиев: За жал, можам да кажам дека сум многу поголем песимист. Лично мислам , се разбира за жал, дека падот ќе биде многу посериозен. Би цитирал еден многу интересен труд неодамна објавен на George Mason универзитетот, според кој падот во САД би изнесувал 10 отсто, а според друг труд би изнесувал до 25 проценти. Овој труд поаѓа од претпоставка дека традиционалните макроекономски индиктори едноставно се уште не се достапни за 2020 година. Затоа, прашањето на стапките на раст  на економијата се пресметува според степенот на дигитализацијата на поедини индустрии и окрузи во САД. Заклучокот е дека индустриите кои се високо дигитализирани би имале пад на стапката на раст минус 2,78 отсто, а оние кои се ниско дигитализирани би имале негативна стапка од минус 5,56 отсто. Бидејќи проекцијата за раст на САД изнесува  2 отсто, тоа значи дека се очекува пад од минус 0,78 отсто, минус 3,36 отсто респективно, за еден месец. За ниво од два месеци траење на кризата, кумулативниот ефект се проценува на 10 отсто пад на БДП. Друг труд дава уште попесимистичка прогноза за САД. Според оваа анализа, падот во вториот  квартал ќе биде драматичен,  односно ќе изнесува дури 63 отсто, со што падот на БДП на годишно ниво би изнесувал 25 проценти.

Во Европа, се проценува пад на Еврозоната од 12 отсто,  а во Германија  падот на БДП се предвидува да изнесува 6,3 отсто. Таква изјава дава Министерот за економија Peter Altmaier, кој вели дека овој пад е најголем во германската историја и се должи на пад на побарувачка за извоз. Би ја цитирале изјава на претседателот на ЕЦБ, Кристин Лагард која вели дека еврозоната ќе се соочи со невиден економски пад и дека е тешко да се предвидува, бидејќи е нејасно колку ќе трае пандемијата.

Покрај ММФ,  проекција за Македонија даде и Finance Think  и таа изнесува минус 3, 8 отсто, но под претпоставка дека угостителството и туризмот ќе се враќаат во функција од 15 мај и фирмите кои се дел од меѓународните синџири на снабдување ќе ја вопостават меѓународната трговија до 15 јуни. Мое мислење, кое во овој момент не можам да го поткрепам со квантитативни извори, а се базира на контакти со стопанственици, е дека пад од 3, 8 отсто на годишно ниво е  исклучително оптимистичко сценарио и дека оваа проекција дадена на 11 април треба да се зголеми за времетраење на кризата. Сметајќи интензивна криза од 15 март до 15 мај, како и најмалку уште едва месеци на враќање во кондиција на економијата, проекцијата ја мултиплицирав четирикратно. Со  тоа доаѓаме до пад од 15 отсто, односно со 10 отсто грешка доаѓаме до пад во интервал од 13,68 отсто до 16,72 отсто. Да не бидам голем песимист, ќе ја земам бројката од 13,6 отсто.

Да заклучиме: ако во Хрватска се предвидува пад од 9 отсто, во Германија од 6 отсто, во Еврозоната 12 отсто, не гледам како во Македонија би бил 4 отсто.  Напротив, мислам дека во Северна Македонија ќе биде 13,68 отсто. Се разбира со оградување дека во моментот на завршуавње на овој текст имаме лимитрани сознанија за иниот тек на епидемијата.

Дека ќе имаме рецесија, тоа веќе на сите им е познато. Има ли сила нашата економија да се извлече од кризата?

Бојаџиев: Нема сомнение дека мораат да се преземат сите можни мерки, ортодоксни и неортодоксни за излез од кризата. Криза која е домашна аистовремено и екстерна, немало во историјата на самостојна Македонија. Јасно е дека економската моќ  на Република Северна Македонија е далеку пониска од потенцијалите на САД и на Е.У.  Истата е ограничена со висината на државниот долг како ограничувачки фактор. За жал, кризата го докажа тоа што сите рационални набљудувачи го говореа во последните 10-тина години: задолженоста е непотребно висока! И расте...

За 10 години, државниот долг се удвои без никаков евидентен резултат за општеството. Дали направимве нуклерка? Не! Дали направивме брзи пруги? Не! Дали воведовме гасификација? Не! Едноставно, секоја година „палевме печка“ и горевме 200-300 милиони евра.

Денес уште имаме шанси да се задолжиме, но се повеќе на институционален пазар, а се помалку на комерцијален. Мислам дека времето на „лесните пари“ заврши. Веројатно следните задолжувања ќе бидат во некој вид на аранжмани со ММФ. За тие што паметат како тоа изгледаше во 90-те, изгледа дека  Пол Томсен ќе се врати во Македонија. Но, и во вакви услови под итно мора да се спорведе ребаланс на буџетот и да се финансираат суштински мерки,  како поттикнувачки фактор за економијата.

Во таа насока, никој нема да дојде да ни даде бесплатни пари. За жал или за среќа тоа е невозможно во мала економија како нашата. Да не заборавиме дека и Федералните резерви и ЕЦБ емитираат огромни суми со кои купуваат државен долг, a во мали економии како нашата тоа е едноставно невозможно да се направи.

Што може да се направи? Јас поаѓам од следната претпоставка. Прво, Владата треба да поддржува ликвидност во првите два месеци (април и мај) и второ, Владата треба да го поспешува домашниот бизнис во следните шест месеци (од први јуни до 30 ноември). Како? Да се обидеме да бидеме креативни. Ова не се само макроекономски идеи, туку конкретни бизнис идеи, кои можат да влијаат на поддршка на зголемување на домашните бизниси: Прво, фоорсирање на јавните инфраструктурни трошења кои ќе имаат ефект на државата: патот Кичево - Охрид, патот Росоман – Прилеп, гасна инфраструктура и слично.

Второ, изградба на хидросистемот Чебрен Галиште! Трето, субвенционирање на станбени кредити,  соларни панели и други трајни потрошни добра кои значат заштеда на енергија и подобра екологија. Четврто, во исто време, треба да се намалат  несуштинските трошења: канцелариски мебел, како и патувања кои не се поврзани со ЕУ и НАТО, намалување на ДКП-ата, односно конверзија на резидентни во нерезидентни амбасади надвор од ЕУ, НАТО и земјите на Совет за безбедност. Петто, обезбедување на К-15 ваучери за сите вработени во износ од 40 евра. Но, овие ваучери би можеле да се користат до 100 отсто  за плаќање во домашни хотели, кампови и приватно сместување и до 50 отсто за плаќање во угсотителски објекти. Шесто, субвенции во земјоделството за прозведен производ - наместо  за земјиште кое се обработува. Седмо, субвенции за дигитализација - намалување на данок на добивка процентулано на структутрата на приходите кои потекнуваат од онлајн продажба. Ова е малку покомплексна мерка, но на крајот на годината би била дополнителна награда за сите фирми кои мигрирале онлајн, а и делумна компензација за нивните трошења поврзани со миграцијата онлајн.  Со тоа се поддржува здравиот економски сектор кој ќе функцинира и во случај на втор бран на пандемија. И осмо, поддршка на извозот , со сите  можни средства, освен со девалвација.

Дали и колку кризата на долг рок ќе им ја земе моќта и кондицијата на граѓаните и на фирмите? Невработеноста и сиромаштијата значајно се намалија во последниве години, а сега сигурно ќе пораснат. Колку долго време ќе треба животниот стандард на граѓаните повторно да тргне нагоре? Враќањето на економијата со  состојба од 31.12.2019, според мене, ќе потрае до средината на 2023 година, а и тоа само со значајна  поддршка од Европската унија.

Процентната сметка под 100 вели дека од секој пад потешко се враќаме на нултата состојба, бидејќи износот на падот на БДП сега треба да се надомести во однос на  пониска основа.

За Северна Македонија е можно пооптимистично сценарио доколку добиеме посериозна и интензивна поддршка од ЕУ. Да не заборавиме дека полека но сигурно стануваме членка на ЕУ. Би ја цитирал изјавата на комесарката Јута Урипален, Комесар за меѓународни партнерства,  која вели „Тие кои предвидуваат распад на мултилатерализмот зборуваа прерано. ...Солидарноста и партнерството меѓу државите е самата суштина на ЕУ“.

ИТНО Е ПОТРЕБЕН РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ

Владата излезе со два сета мерки за да им помогне на најпогодените сектори. На дел од нив дури и им се олабавија критериумите за да може да се зголеми опфатот на фирмите, но тоа, пак, ги разгневи работниците, бидејќи ќе беа дозволени и отпуштања на извесен процент вработени, што потоа пак се промени во корист на работниците. Дали според вас мерките се добро дизајнирани и доволни?

Бојаџиев: Мерките на Владата се одлични. Искрен да бидам, кога Владата ги промовираше мерките лично бев позитивно изненаден. Како член на Собранието на  Стопансака комора предлагав некои  мерки во рамките на Кризниот штаб на Комората, но мерките на Владата, според мене, се подобри од моите претходни размислувања.

Забелешки имаше и има, но да видиме што всушност предложи  Владата: Прво, поддршка за сите кои не можат да исплатат плата во износ од 14.500 денари - одлична мерка која дава два месеци ликвидност, но и да ја држи економијата во живот. Второ, поддршка за сите, па дури и за оние кои не работат - што е одлична социјална мерка. Трето, забрана за извршување и судски постапки – со што се одложуваат негативните последици од извршувањата во овие тешки времиња. Четврто, реструктурирање на бакарските обврски - едноставн, ова е најдобро спроведена  мерка во Југоисточна Европа. Честитки до Владата и до банките кои оваа мерка ја спроведоа беспрекорно. И петто, бескаматни кредити кои прво беа наменети за трите најпогодени индустрии, а сега се прошируваат и на други сектори. Сметам дека правилата се за нијанса преконзервативни и бирократски, но и тоа е подобро отколку немањето поддршка.

Колкав минус очекувате да се отвори во буџетот, колку ќе настрадаат буџетските приходи?

Бојаџиев: Ние треба да пресметаме колку опаѓаат приходите и врз основа на тоа да проектираме ребаланс на буџетот. Владата треба да обезбеди дополнителна ликвидност за да ја раздвижи економијата после отворањето. Да не заборавиме дека во моментот се уште има временски геп и работат некои извозници по основ на стари договори. Што ќе се случи во вториот квартал кога овие договори ќе се намалат? Ребалансот треба да биде насочен само кон поддршка на „продуктивни“ трошења кои ќе влијаат на секторите кои  можат да генерираат извоз, и кон зголемување на домашното производство и домашните потрошувачка. Да не изумиме дека домашната потрошувачка има фактор на мутипликација од 1,5 - 3. Субвенцијата за потрошувачка во  домашниот туризам значи и поддршка за домашното земјодлество, за транспортот, за плати во туризмот кои се трошат во локалната заедница.

Како изгледаше поддршката во светот и што би бил таргет за Македонија. За Македонија, според мене, треба да се обезбеди поддршка во износ од 10 отсто од БДП од 2019 година, односно 1,146 милијарди евра. Но,  оваа помош, мора да се ефектуира, не подоцна од 31 август, а многу е значајно сегментите  кои се важни за поддршка на  туризмот и субвенциите во градежништвото, да почнат со применат веднаш. Во спротивно, само ќе ги залечуваме раните, а кризата ќе се продлабочува.

ДРЖАВАТА ТРЕБА ВЕДНАШ ДА ПРОГЛАСИ НАМАЛУВАЊЕ НА 20 ОТСТО НА ПЛАТИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Колку екстра пари ќе и требаат на земјава за да ги покрие сите потреби?

Бојаџиев: Дали ќе дозволите ова прашање да го поставиме обратно? Колку пари ќе и требаат на државата за да помогне да се  излезе од кризата? Прво што треба да направи Владата е да го заборави буџетот за 2020 и веднаш да предложи ребаланс. При тоа треба да се спроведе процес на планирање на разни сценарија, како на пример релаксирање од  30 јуни до 30 септември, бидејќи е можен поврат на пандемијата наесен и слично. Да не заборавиме дека повеќе држави влегоа во екстремно автаркични краткорочни политики: забрана за извоз на медицински средства,  забрана за извоз на месо,  забрана за извоз на жито. Сите овие сценарија имаат сосема различни ефекти  економијата.

Ако се додаде и политичката збрка околу Парламентот и изборите, веројатно е очигледен галиматијасот во кој се наоѓаме. Не знаеме кога ќе има избори, но ребаланс треба да се предложи веднаш. Буџет кој ќе придонесе да се излезе од кризата! Како што напоменав, според мене Република Северна Македонија треба да обезбеди 1, 146 милијарди евра за функционирање според ребаланс и поддршка на економијата. Сите потреби, кои биле планирани, едноставно нема да можат да се задоволат.

Но, да не ја заборавиме солидарноста  на јавниот со приватниот сектор: Во член 1 од Уставот се вели: Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Социјалниот елемент значи „солидарност“. Недопустливо е јавниот сектор да не покаже солидарност со приватниот сектор. Приватниот сектор е тука да плаќа даноци, да плаќа придонеси и да финансира армија до 145.000 вработени кои примаат плата од државата, директно или индиректно. Но, што правиме кога приходот кој се плаќа, едноставно ќе се намали? Како може работодавач да им објасни на своите вработени дека платите се намалени додека истовремено некој вработен во админстарциајта зема иста плата? Државата треба веднаш да прогласи 20 отсто намалување на платите во администрацијата ( до нивото на просечна плата)  и износот  да оди во наменски фонд  за финансирање на дел од плати во приватниот сектор. Како поддршка за фирмите кои исто така ги намалиле платите, а не отупуштале вработени. Процент на намалување од 20 отсто веројатно  кореспондира со релната работна ангажираност. Тоа е начин да се надмине ефектот кој во економијата  се нарекува „free rider“.  При тоа говориме за намалување кое нема да ги зафати платите пониски од просечната плата.

Владата го стартуваше процесот на издавање на еврообврзница. Колку средства очекувате дека ќе се обезбедат на ваков начин, покрај оние од ММФ, Светска банка и парите што се очекуваат од помошта од ЕУ, и под какви услови и камати би се добиле тие пари?

Бојаџиев: Сметам дека во оваа ситуација би било одлично ако Владата успее да обезбеди екстерна ликвидност. Да речеме дека сум песимист за можноста за задолжување на слободен пазар и поголем оптимист за можноста за задолжување кај институционалните инвеститори. Не треба да заборавиме дека Северна Македонија се уште нема инвестициски рејтинг. Најдобра можна солуција е да се обидеме да добиеме ист пакет каков што доби и Хрватска од ЕУ. Хрватска договори „SWOP аранжман“ со ECB во износ од 2 милијарди евра. Би сугерирал Владата и НБРСМ да се обидат да дојдат до слична солуција, која е најповолна.  Со оглед на соодносот на населенеие и БДП, за Македонија би било одлично ако добиеме 0,5 милијарди евра. Бидејќи не сме членка на ЕУ ваков аранжман би се сметал за огромен успех. Но, умешноста на политика и на дипломатијата треба да се покаже во вакви моменти.

Професоре Бојаџиев, Вашата експертиза во моментов е сконцентрирана на лидерство и организациска култура како и претприемништво. Можете ли да дадете совет како компаниите подобро да се организираат и да си помогнат самите себе си во услови на една ваква пандемија кога движењето и контактите се уште се ограничени?

Бојаџиев: Деновиве држам повеќе вебинари на теми како Лидерство и  Организациска култура во време на криза, како на Универзитетот Американ Колеџ Скопје така и на Универзитетот Тор Вергата во Рим. Ќе се обидам  на кратко да споделам некои идеи кои ги коментираме. J.F. Kennedy има една изјава која вели „Кинескиот знак за криза има два удари со четкичка: првиот значи опасност, а вториот можност“.  Според мене, успешни се организациите кои во услови на криза и закана ги наоѓаат и искористуваат можнсотите и ги претвораат слабостите во силни страни.

Бидете конзистенетни,во кризата како што сте се однесувалеи и претходно. Водете од срце - не постои успешен лидер кој нема страст за работата и води со срце. На студенти често пати им го илустрираме ова преку филмовим како  например Храбро срце). Водете со страст -не можете да ги мотивирате следбениците ако не водите со страст. Тоа е сила, тое моќ да ја проширите својата еергија.  Универзитетот кој го водам  (Американ колеџ) премина на синхрона он лајн настава за период од 7 дена. Тоа бараше огромна жртва напор, тренинг, но промената ја почнав со реченицата: „Ние сме професори, наша мисија е да подучуваме и во добри времиња и во лоши. Онлајн предвањата и испитувањата можеби не се легални но се легитимни“. Водете преку пример, градете доверба, создавајте следбеници. Бидете храбри и преземајте ризици. Во 1995 година Бил Клинтон го спаси Мексико од банкрот со фианнсиска позајмица од 20 милијарди долари. Сите негови советници беа протов во предизборна година. Но Клинтон занеше дека со тоа го спасува мирот на границата. Ецентуално? Мексико го врати долгот, а остана храброста на Клинтон.

Претседателот Пендаровски повлече храбар потег со воведување на вонредна состојба по втор пат. „Уставните правдољуоци“ го критикуваа дека го прекршува уставот. Според мене претседателот презема храбар чекор за општо добро.

Користете отворена и ефикасна комуникација. Предизивкувајте ги вашите следбеници да постигнат повиоки цели. И на крајот би потенцирал дека кризата е време и на можности. Tesco порасна 13,5 отсто, Netflix има рекорден број на претплатници, иако има жестока конкуренција со Amazon Prime и HBO GO. Zoom има фантастични реултати. Ќе видиме кои фирми ќе бидат добитници, а кои губитници во македонската економија. Но,  сега најважно е сите да дадеме поддршка на мерките на Владата и на здравствениот сектор. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПАНДЕМИЈАТА СКАПО ЌЕ ЈА ЧИНИ ИТАЛИЈА: Расте невработеноста во земјата

ПАНДЕМИЈАТА СКАПО ЌЕ ЈА ЧИНИ ИТАЛИЈА: Расте невработеноста во земјата

Влијанието на пандемијата бара инклузивни одговори за политиките

Влијанието на пандемијата бара инклузивни одговори за политиките

ДЕНЕСКА НОВА СОСТОЈБА: Поткопана е цената на „црното злато“

ДЕНЕСКА НОВА СОСТОЈБА: Поткопана е цената на „црното злато“

НЕ ГИ ПОГОДИ КРИЗАТА: Руските олигарси трупаат пари

НЕ ГИ ПОГОДИ КРИЗАТА: Руските олигарси трупаат пари

ЗА УЈП Е ДАНОЧНА ТАЈНА КОИ ФИРМИ ДОБИЛЕ ПАРИ ОД ДРЖАВАТА - за мерката 50 отсто придонеси имињата ќе останат непознати

ЗА УЈП Е ДАНОЧНА ТАЈНА КОИ ФИРМИ ДОБИЛЕ ПАРИ ОД ДРЖАВАТА - за мерката 50 отсто придонеси имињата ќе останат непознати

Игротеките бараат уште една плата и да се знае дали ќе има скрининг за нив

Игротеките бараат уште една плата и да се знае дали ќе има скрининг за нив

МОТ и ЕБОР ја советуваат Северна Македонија за пазарот на трудот по корона вирусот

МОТ и ЕБОР ја советуваат Северна Македонија за пазарот на трудот по корона вирусот

„БОИНГ“ ВО ДЛАБОКА КРИЗА: Отпушта скоро12.000 работници

„БОИНГ“ ВО ДЛАБОКА КРИЗА: Отпушта скоро12.000 работници

ЗА СИТЕ ШТО ОСТАНАЛЕ БЕЗ РАБОТА СО ПОТПИШАНА СПОГОДБА, ОТКАЗ ИЛИ ЛИЧНА ИЗЈАВА - ќе добијат пари од државата за половина плата

ЗА СИТЕ ШТО ОСТАНАЛЕ БЕЗ РАБОТА СО ПОТПИШАНА СПОГОДБА, ОТКАЗ ИЛИ ЛИЧНА ИЗЈАВА - ќе добијат пари од државата за половина плата