07 Мај, 2024
0.0261

ИНТЕРВЈУ БЕСА АРИФИ: СЈО ги издржа ударите, сега е потребна поддршка од судот!

Објавено во: Економија 23 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Во Македонија е создадена “феудална-кметовска поврзаност меѓу властодршците и носителите на важни правни функции. Затоа, најважно од се е таквата врска да се прекине за да може да се деблокираат процеси за ефикасна борба против криминалот на носителите на властта”. Според кривичарот Беса Арифи „во многу случаи дури се уверуваме дека и СЈО не е доволно за институционално сузбивање на таков криминал без специјализирано судско одделение кое непристрасно би одлучувало по предметите иницирани од СЈО. За жал, тоа е реалноста со која се соочуваме веќе неколку години”. Професорот по Кривично право на Универзитетот ЈИЕ за Фактор констатира дека и во “најавтократските апсолутни монархии носителите на јавни функции имале проширена одговорност во однос на другите граѓани, така што е незамисливо во една земја која сака да биде демократска да постои реална можност за потполен имунитет и недопирливост на носители на јавни функции осомничени за криминал”. Професор Арифи: “Уставноста на СЈО не е спорна доколку се земе предвид фактот што истата е привремена институција воспоставена со консензус и со многу јасно определени цели и начини на работа. Најважно од се е да се надмине крутата легалистички-позитивистичка интерпретација на уставот и законот и да се најде вистинската цел на тие закони и што точно законодавецот барал да воспостави со таквиот закон.“ Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Специјалното јавно обвинителство  најави дека во наредните недели  ќе ја интензивиран епосредната истражувачка активност во обезбедувањето докази за криминал. Се очекува  низа на лица  од политичкиот, економскиот и јавниот живот да бидат повикани  на распит како  осомничени или сведоци поврзани со случаите од аферата со „Прислушкување“.  Дали без СЈО е возможно да се стави крај на ендемскиот -  институционален криминал, со ерозијата на елементарна политичка и морална одговорност? Арифи: Најавата на СЈО за интензивирана непосредна истражувачка активност е токму тоа што се очекува од една институција од таков вид и карактер. Всушност, СЈО е формирана токму за таква интензивна и непосредна активност која има за цел разоткривање и кривично гонење на можниот криминал поврзан со аферата “Прислушкување”. Значи, таквата најава на СЈО едноставно е вршење на работата за кое оваа институција е формирана. А причините заради кои истата е формирана веќе станаа потполно јасни во последните две години тргнувајќи од начинот на кој функционираат редовните институции во Република Македонија  надлежни за воспоставување на правда и одржување на редот и мирот во општеството. За жал, без СЈО невозможно е да се стави крај на таквиот институционален криминал, кој се привлекол во сите пори на општеството и во општиот начин на функционирањето на институциите во оваа држава. Јасно е дека во такви случаи, кога самите институции не ја воспоставуваат правдата и се трудат по секоја цена истата да ја избегнат, внимателно воспоставените ад-хок институции остануваат единствен спас. Во многу случаи дури се уверуваме дека и СЈО не е доволно за институционално сузбивање на таков криминал без специјализирано судско одделение кое непристрасно би одлучувало по предметите иницирани од СЈО. За жал, тоа е реалноста со која се соочуваме веќе неколку години. Така, пред нас се две решенија: или ќе го игнорираме фактот дека имаме проблем и така потполно ќе изгубиме “контакт со реалноста”, или ќе признаеме дека навистина имаме проблем и ќе дозволиме, па дури и ќе придонесеме истиот да се разреши. Решението е тука, само треба да се решиме истото да го користиме. Фактор: Прашањето на кривична одговорност  има своја правна, етичка и политичка димензија . Дел од осомничените -  Јанкуловска, Мијалков, Јанакиески, кои поднесоа  оставки  сега јавно велат дека не чувствуваат  никаква одговорност и дека работеле според закон.  Арифи:Каква одговорност чувствуваат тие лица е единствено од морално значење и многу збпрува за нивниот карактер и начин на функционирање. Во развиените демократски држави јавните функционери доброволно носат морална одговорност многу порано од воспоставувањето на правната одговорност. Меѓутоа, да не заборавиме дека извршителите на најтешките злосторства против човештвото во историјата негирале било каква одговорност и се повикувале на работење според законот. Неколку пати сум посочила дека тоа што се случувало во Третиот Рајх, било сосема легално и лицата кои подоцна биле осудени за злосторства, всушност го спроведувале законот при нивното работење. Сепак, кога со таквото работење всушност се кршат најелементарните човекови права, тогаш тоа станува криминално. Правото не е само мртво слово на хартија кое има единствено формална важност, туку во нејзината суштина е зачувувањето на интересот на граѓаните и заштитата на нивните права. Така, судовите во една демократска реалност не работат според моралните принципи на осомничените, ниту според нивните чувства и уверувања туку работат според докази. Така што, ако се докажува дека при нивното работење се извршени кривичните дела за кои тие лица се осомничени, малку вредност има тоа каква одговорност самите тие чувствуваат. Друга работа која треба да биде многу јасна е нормалноста лицата кои носат јавни функции во една земја да се соочат со одговорност доколку несовесно ја извршиле својата функција. Мора да преминеме преку мислењето дека лицата со такви функции се недопирливи и никогаш не одговараат за нивните злодела. Напротив, носителите на јавни функции, кои ние сме учени да ги перципираме само како носители на привилегии, не и на одговорност, всушност имаат поширока одговорност од обичните граѓани бидејќи постојат кривични дела јасно посочени во законодавството што само тие можат да ги извршат. Дури и во најавтократските апсолутни монархии носителите на јавни функции имале проширена одговорност во однос на другите граѓани, така што е незамисливо во една земја која сака да биде демократска да постои реална можност за потполен имунитет и недопирливост на носители на јавни функции осомничени за криминал. Фактор: Специјалното јавно обвинителство треба да го достави новиот шестмесечен извештај за работата. Според едни СЈО е пред фијаско, други оценуваат дека самото негово постоење предизвика тектонски потреси во владејачката коалиција. Сепак власта, МВР и Обвинителството се главните опоненти на СЈО?  Како да се деблокира патот кон првите судски постапки за делата од случајот „Прислушувањето“? Арифи: СЈО не само што не е пред фијаско, туку покажа видлива спремност, ентузијазам и сериозност во својата работа имајќи ги предвид условите во кои работеше од самото формирање. Да потсетиме дека од самиот почеток оваа институција се соочи со многу јасни опструкции од голем број на државни органи кои одбиваа да и достават документи и други докази, иако според законот за формирање на СЈО таа треба да има слободен пристап до истите. Настапи катастрофалната саботажа на нејзиното работење преку срамните помилувања на Иванов, кои иако беа повлечени, и одзедоа скапоцено време. А тоа што е најжалосно е обидот да се продолжи со таквото саботирање преку незамисливо рестриктивни интерпретации на законите што е видливо во низа одлуки на Кривичниот суд Скопје 1. За сега, патот до првите судски постапки е многу тешко да се деблокира без искажување на веродостојна воља, не само политичка туку и професионална, за таквото деблокирање. ВО ПОТРАГА ПО ХЕРОИ Фактор: Пред  неколку месеци СЈО  поднесе иницијатива  до Собранието  со која  бараат  да добијат надлежност во постапката за заштита на сведоци. Скриени опструкции доаѓаат и од домашните вешти лица кои одбегнуваат стручни анализи за финансиските текови на криминалните трансакции на власта.  Како ќе се елиминира  можноста за поставување  на нови  бројните пречки во работата на ова Обвинителство ? Арифи:Две се решенијата: или ќе се најдат лица со интегритет во секоја институција кои ќе се охрабрат и ќе преземаат иницијатива на вистинско работење според законот, а не според налогот на властодршците, или тоа ќе се направи со воспоставување на потполно независна судска институција по примерот на основањето на СЈО. Второто е покомплицирано решение и бара многу работа и труд бидејќи не е доволно само прва судска инстанција туку и повисоки такви инстанции. Освен тоа, за справување со криминал од такви размери, потребна е помош од сите државни институции. За жал, невозможно е воспоставување на целосен паралелен систем на институции дури и во вакви ретки случаи кога редовните институции функционираат според некои други принципи наместо според законот и правдата. Тука е и одговорот на прашањето: имено, јасно е дека опструкциите доаѓаат од различни институции: така, Собранието не расправа по иницијативата за измена на Законот за заштита на сведоци, Претседателот дава па повлекува помилувања кои директно ја спречуваат работата на СЈО, Уставниот суд тоа го прави можно со своето одлучување, следуваат опструкции од редовното ЈО, Советот на ЈО, судовите, вештите лица, итн. Како да се воспостави паралелен систем на сите тие институции? Едноставно е невозможно. Така што, останува да се бараат херои во сите тие институции кои правдата и законското и совесно работење ќе го стават пред се друго. Фактор: Во исто време  Уставниот суд  треба да се произнесе за  уставноста на СЈО. Што доколку овој Суд донесе  одлука  за укинување на целиот закон или за одредени негови решенија, особено доколку го проблематизира начинот на избор на Специјалната обвинителка?  Како да се совладаат центрите на моќ и нивното персонално и фактичко влијание врз судството, МВР, Финансиската полиција...? Арифи:Начинот на кој ќе се произнесе Уставниот суд може и да се очекува според досегашните одлучувања на оваа институција. Имено, при укинувањето на Законот за измена и дополнување на законот за помилување видовме со каква аргументација истото беше направено, така макијавелистички, според максимата “Целта ги оправдува средствата”, па дури и кога тие средства воопшто не се правно издржани и аргументирани. [caption id="attachment_232534" align="aligncenter" width="700"]Беса Арифи слика 2 СЈО не само што не е пред фијаско, туку покажа видлива спремност, ентузијазам и сериозност во својата работа имајќи ги предвид условите во кои работеше од самото формирање[/caption] Меѓутоа, таквите измени беа донесени со тенко мнозинство, што кажува многу за значителното несогласување со таквото постапување. Уставноста на СЈО не е спорна доколку се земе предвид фактот што истата е привремена институција воспоставена со консензус и со многу јасно определени цели и начини на работа. Најважно од се е да се надмине крутата легалистички-позитивистичка интерпретација на уставот и законот и да се најде вистинската цел на тие закони и што точно законодавецот барал да воспостави со таквиот закон. Но таква интерпретација не може да се направи во услови во кои постои феудална-кметовска поврзаност меѓу властодршците и носителите на такви важни правни функции. Затоа, најважно од се е таквата врска да се прекине за да може да се деблокираат овие процеси. СЛОБОДАТА И РОПСТВОТО СЕ СОСТОЈБИ НА УМОТ Фактор: Дали постои битие на кривично дело за нетранспарентните задолжувања  и нетранспарентноста на трошењето на парите за проектите од „Скопје 2014“ ? Кога еден  академик ќе ја повика Владата да се вразуми и да не троши пари за (не)продуктивни  цели, дали гласот на стручната јавност е залуден? Арифи: Постои низа казнени дела од главата на казнени дела против службената должност но и од други одредби кои може да се поврзуваат со нетранспарентноста на проектите кои ги посочувате. Суштината е многу јасна, носителите на власта добиваат мандат од граѓаните со цел да располагаат совесно со ресурсите и фондовите на државата со цел да овозможат пристојно живеење за граѓаните преку инвестиции во инфраструктурата и во нивните потреби. Носителите на власта се должни на отчетност пред граѓаните и на детално објаснување за начинот на кој ги потрошиле нивните средства. Ова е воспоставено со теоријата на општествен договор уште од 18-от век и уште се смета како основен начин на функционирање на една модерна држава. Кога носителите на власт свесно и умислено расипнички ги трошат средствата на граѓаните во една и така сиромашна држава, па дури и нетранспарентно се задолжуваат со долгорочни последици за граѓаните, јасно е дека нивото на одговорност мора да биде многу повисоко од обичните манипулации и измами од овој карактер. Притоа, гласот на стручната јавност не е ни залуден ниту пак доволен, туку треба да биде многу поинтензивен и комбиниран со гласот на правните институции кои таквото несовесно постапување кривично ќе го гонат и казнуваат.     Фактор: Во две одделни колумни имате напишано дека  за македонската реалност и можно владеење на правото мора претходно да ни се случи годината 1789!. Пишувате дека роб облечен во облеката на Јустиција не може да донесе праведна одлука, туку само човек со слободен ум може да носи праведни одлуки.... Зошто општествената свест  е далеку од принципите на праведност, чесност, лична одговорност?  Како да се  обезвластат политичките сталежи што во Франција ја предизвикаа револуцијата? Арифи: Длабоко сум уверена дека човекот сам може да одлучи да работи според принципите на праведност, чесност и лична одговорност. Има работи кои зависат директно од нас а кои се поврзуваат со чесното и одговорно вршење на професијата. Имено, може да ни се понудат прекрасни услови за работа, незамисливи финансиски средства и плати, а сепак одлучувањето и работењето да биде пристрасно и неквалитетно, и спротивно, постојат земји кои ништо од ова не им нуди на носителите на важни функции, а тие сепак чесно ја извршуваат својата работа. Треба да се тргне токму од таа компонента на интегритет и да се воспоставуваат одново вредносните стандарди во општеството. Многу важно е да се запамети тоа што го кажал Ганди: “Слободата и ропството се состојби на умот”, т.е. ние сами одлучуваме за нашата слобода, или пак сами одлучуваме да бидеме робови. Тука е клучот на раскинување на таа врска помеѓу феудалецот кој дава некоја привилегија и кметот кој после е врзан за вољата на феудалецот за цел век. Раскинувањето на таквата врска во 18-от век било револуционерно бидејќи тогашните закони токму таква врска предвидувале, но во 21-от век било какво понатамошно постоење на таква врска не е само незамисливо постапување против законите и демократските процеси туку е и во спротивност со сите можни вредности и стандарди на едно модерно општество.

Можеби ќе ве интересира

АРАНЖМАНИТЕ ЗА МАЈ И ЈУНИ ПОПОЛНЕТИ, ИМА ПО НЕКОЕ МЕСТО И ЗА СЕПТЕМВРИ - Србите не се откажуваат од Грција, иако е поскапа за 15 отсто

АРАНЖМАНИТЕ ЗА МАЈ И ЈУНИ ПОПОЛНЕТИ, ИМА ПО НЕКОЕ МЕСТО И ЗА СЕПТЕМВРИ - Србите не се откажуваат од Грција, иако е поскапа за 15 отсто

СЕКОЈ ДЕСЕТТИ ГРК РАБОТИ ПРЕКУВРЕМЕНО, ХРВАТИТЕ МНОГУ ПОМАЛКУ, А БУГАРИТЕ НАЈМАЛКУ - еве што покажуваат податоците за земјите на Европската унија

СЕКОЈ ДЕСЕТТИ ГРК РАБОТИ ПРЕКУВРЕМЕНО, ХРВАТИТЕ МНОГУ ПОМАЛКУ, А БУГАРИТЕ НАЈМАЛКУ - еве што покажуваат податоците за земјите на Европската унија

КОНКУРЕНТСКИТЕ ВИ ГИГАНТИ ГИ ВОДАТ ЛУЃЕ КОИ СЕ РОДНИНИ И ПРИЈАТЕЛИ ОД ДЕТСТВОТО - еве како сѐ почна

КОНКУРЕНТСКИТЕ ВИ ГИГАНТИ ГИ ВОДАТ ЛУЃЕ КОИ СЕ РОДНИНИ И ПРИЈАТЕЛИ ОД ДЕТСТВОТО - еве како сѐ почна

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот