29 Март, 2024
0.0275

ИНТЕРВЈУ АЗЕСКИ: Бизнисот е ранлив на неизвесност, без право нема да функционираме

Објавено во: Економија, Интервјуа 30 Декември, 2019

Добивај вести на Viber


Вели дека нема задршка да каже се што мисли и дека сето тоа јасно им го кажува и на бизнисмените кои ги застапува, но и на политичарите со кои е упатен да комуницира кога тие бараат да го слушнат мислењето на бизнисот. Не секогаш нивните ставови биле приоритетни, но за Стопанската комора, најбројната комора на стопанственици, самиот Бранко Азески вели дека сосем ги надминала детските болести. Во интервју за Фактор говори навистина отворено, па и за прашањата за пописот, децентрализацијата. Тој цврсто стои на земја кога ставовите на бизнисмените се во прашање па вели оти клучно им е државата да обезбеди владеење на правото, без исклучок. Азески е смирен човек, знае и да се пошегува, некогаш и на своја сметка. А како претседетал на Стопанската комора на Македонија има доста што да каже на крајот на оваа година, иако самиот вели дека не сака да прави пресеци.

Азески на крајот сме на една календарска година кога и покрај тоа што вие не милувате да ставаме „граничници“ како што впрочем и велите, секако сумираме дел од резултатите. Требаше да биде една економска година ако судиме по изјавите на креаторите на политиките но со какви перформанси, според вас, ја завршува домашната економија оваа година?

Азески: Можеби не беше тоа економска година, но дефинитивно оваа година изградивме конзензус на сите чинители на економската политика, дека без владеење на правото не може да има напредок во економијата. 2019 година е година во која државата ги решаваше крупните политички проблеми, кои во наредниот период би отвориле простор за развој на економијата. Тука пред се`, мислам на решавањето на долгогодишниот спор со Грција и членството во НАТО, добивањето датум за преговори со ЕУ. Сепак, јас би им дал авторско право само на Американците кога договори се во прашање -  таму кога ќе има договор како нашиот од Преспа секако се спроведува илјада отсто. Кај нас често, проекциите што се прават, се прават да не се остварат. Така што, не сакам да правам некои пресеци. Но како што реков, без владеење на правото нема да функционираме. Тоа е основа на која се гради целокупниот систем и кој единствено гарантира рамноправност на субјектите на пазарот, затоа што ако го нема тој елемент на еднаковост на пазарот, тогаш не може да се зборува за  економски и бинзис натпревар и не може да се зборува за здрава економија. Мислам дека и тие што не беа многу заинтересирани за тоа прашање, дефинитивно денеска знаат и се убедени дека исполнувањето треба да се базира на основниот услов, а тоа е владеење на правото. Каква е кај нас состојбата, сите знаеме. Ние мораме да се вратиме еден чекор назад, да го направиме, тоа за да можеме да бидеме сигурни дека на постоечкиот економски систем му се обезбедени услови за одење напред. Затоа што тој може во структурата да има такви делови, состојби, такви тенденции што ќе покажува висока стапка на раст, а ние ќе се вртиме во место. Може моторот да ги зголемува вртежите, но автомобилот нема да оди затоа што погонот не е активиран.


Зошто толку владеењето на правото односно невладеењето му пречи во нашиот развој? Кое е нашето искуство?

Азески: Тоа му прави на бизнисот директна финансиска импликација. Сите спорови кои се водат се удар во работењето на компанијата. Ако имаш 11 години нереализирано извршно судско решение, ако имаш пролонгирање на роковите, ако имаш одлагање на процесите, па избегнување да се дојде до правдата и правичноста, сетоа тоа кај нас, односно кај фирмите за разлика од сите е значаен удар на паричната маса и тоа е катастрофално.

Второ, бизнисмените добро знаат дека степенот на профитабилност е врзан за степен на ризик, ако ризикуваш одиш по една граница на која една страна е провалија, од друга рајот. Ако одиш на таа претпоставка тогаш ќе бидеш претпазлив, ќе се плашиш, а владеењето на правото ти обезбедува состојба во која не се грижиш за тоа, туку одиш напред. Комплексно е прашањето и од психолошки аспект. Ако не сум сигурен и ако може да бидам изманипулиран за ситни пари, за злоупотреби од администрација, која е претплатена, за грешки кои не ги правам да ги плаќам тоа создава нездрава бизнис клима еден нездрав амбиент којшто ги плаши бизнисмените. А бизнисот е осетлив на таквите работи како пиле родено пред неколку дена и бега во засолниште. Капиталот така реагира, бега се провлекува.

Доста влијаат такви процеси. Имавме надежи, ни се срушија ли или бизнисот често и си дава алиби поради политичката ситуација. И каква оценка му давате на бизнисот?

Азески: Не можам да си дадам за право да дадам оценки, но со сигурност можам да кажам дека нема критична ситуација во ниту еден сектор. Дека е идеално, не е, има сериозни најави за криза и на европското тло. Кај нас автомобилската индустрија учествува со висок процент, таа е во криза, па имаме сериозен проблем со тоа. Така да мислам искуствата кои досега ги имаме покажуваат дека ќе успееме да се снајдеме во целата ситуација, но дека може во тој процес да бидеме и ранети и да трпиме одредени последици исто така не е исклучено.


ПОПИС МОРА ДА ИМА

Кога зборуваме за граничници, како што ги нарекувате, тие се датумите за кои како што велите, се врзуваме па си даваме рокови за исполнување на одредени задачи. Но многу од домашната не ја завршивме. Според вас кои се тие работи?

Азески: Тие се шест клучни прашања кои мораме да ги решиме со албанската заедница, затоа што тоа бара поддршка и од нив. Тоа се прашањата за пописот, за децентрализацијата, за изборниот модел за корективните организации на власта, медиумите и невладиниот сектор. Тие прашања се ставаат под тепих затоа што ако се изнесат ќе има широка конфронтација на елементарно докажување, водење натпревар во кој треба да се докаже вистината, а вистината е дека не е добро, дека состојбата со тие параметри е лоша. А кога нешто е лошо тоа остава последици на развојот на државата. Пописот не се прави заради  бројот на албанското население. Децентрализацијата, затоа што 18 албански општини би се издвоиле. Јас го кажувам она што никој не го кажува. Изборниот модел затоа што може партија со 5-6 гласа да доведува во лоша позиција мнозинство од 90 до 100 пратеници. Прашањето на невладиниот сектор кој работи сам за себе, а неговата функција е сосем поинаква во општеството. Тоа е и прашањето за синдикатите и коморите кои се повеќе се инструментализираат кон политичките партии. Прашања коишто мора на некој начин да бидат поттурнати напред, затоа што како што стојат работите, доведува до тешка завршница, особено кон европскиот пазар каде извесуваме 80 отсто. Треба да ја завршиме оваа домашна задача што побрзо.

Што конкретно го мачи бизнисот во Македонија?

Азески: Државата целиот овој период наназад од осамостојувањето не успеа да ја стави економијата пред политиката. Сите други проблеми во државата имаат приоритет пред бизнисот. Изградба на селски патишта, нови наплатни рампи, инвестирање во локални стратегии без перспектива. Македонскиот стопанственик не се цени, буџетските средства се користат нерационално, недомаќински. Најголемо промашување е образованието.Недостатокот на работна сила каква што му е потребна на бизнис-секторот станува се поизразен проблем, кој мора да се решава и со краткорочни и со долгорочни мерки, а дел од нив се однесуваат на реформи во образовниот систем, пред се, во делот на обезбедување пофункционално средно стручно образование со примена на дуалните принципи на образование, како и спречување на масовната миграција на младото работоспособно население. Поради погрешните политики во образованието во изминатите децении сега плаќаме за сите грешки. Нужно е образованието да биде во врвот на приоритетите, но не само да зборуваме туку и да се делува. Секако тука се и серија конкретни предлози што Стопанската комора на Македонија ги има доставено во форма на Иницијативи до Владата. Поминаа 5 години од неприфаќањето на Иницијативата за законско нормирање на холдингот, како основа за натамошни измени во даночната регулатива, што беше предложено согласно потребите на бизнисмените кои имаат желба да ги направат уште поуспешни и потранспарентни своите бизниси, да овозможат повеќе вработувања во своите поврзани субјекти, повеќе инвестиции, развој, иновации и проширување на дејностите, а за сметка на тоа да добијат и определени даночни олеснувања кои ќе го поттикнат нивното натамошно успешно дејствување. Потребен е активен јавно-приватен дијалог и пофункционален регистар на прописи (ЕНЕР) во кој се следи донесувањето на прописите и учеството на засегнатите страни во целиот процес; Иницијатива за измеување и дополнување на Законот за извршување и Законот за нотаријат.


Има ли решение?

Азески: Има – имплементација. Не може веќе договорно. Треба да донесеме механизам, мора да има законско решение да се санкционира секој кој ќе го прекрши договорот, имплементацијата на доредени решение.Таа имплементација, само негативни резултати книжиме.Потребно ни е подобрување на комуникацијата меѓу бизнисот и судството, не во насока на било какво влијание врз слободната оцена на доказите или врз слободното судиско уверување и одлучување во трговските спорови каде што странки се компаниите, туку во насока на подигнување на свеста кај сите учесници, па и кај судиите, обвинителите, нотарите и извршителите-  дека е добро судските постапки да траат пократко; дека е добро донесените пресуди да се спроведуваат без било какви правни пречки; дека е добро да има што помалку дискрециони овластувања; дека е добро да имаме јасни и прецизни правила на постапките (судски, извршни, постапки пред нотар); дека е добро да ја знаеме судската пракса и ако имаме интерес за тоа, да ја најдеме средена и систематизирана на едно место; да имаме што помалку правни празнини, а што повеќе да го практикуваме она што често милуваме да го кажеме – владеење на правото и правна држава.

ЗА ДАНОКОТ НАС НЕ ПОСЛУШАА

Годинава за бизнисот на некаков начин неочекуван шок беше промената во даночната политика за која уште на стартот благо реагиравте. Не помина годината промените беа замрзнати. Колку брзото менување на политиките му одговара на стопанството? Мораше ли воопшто вака?

Јасно ни беше кога дојде социјалдемократска партија дека ќе носи такви решенија, но ние не бевме задоволни од начинот на постапката која јавно ја утврдивме. Бевме кај премиерот, му подаривме слика, не сослуша. Сегашниот премиер дошол тука 20 или 30 пати. Излегува во кризни ситуации. Но дали тоа ја придвижува работата? Даночниот систем мора да е во функција на поттикнување на бизнисот и никако не смее да добие поинаков предзнак. Прашањето за ваков или онаков данок е погрешно прашање. Тоа е погубно за државата.

Во однос на оваа мерка, ние уште истиот ден јавно ја поздравивме одлуката на Министерството за финансии за одложување на примената на делот од Законот за данок на личен доход кој се однесува на повисоките стапки до 2023 година. Две недели пред Министерството за финансии да ја промовира оваа одлука ние излеговме на прес-конференција и упативме јавен повик до надлежните институции да бидат преиспитани ефектите од воведувањето прогресивно оданочување, затоа што анкетата помеѓу членките и нашата експертска анализа упатуваа на потреба од преиспитување на оваа мерка.

За бизнисот е добро тоа што надлежното Министерство имаше слух за укажувањата дека одредени решенија се проблематични, независно дали тоа е мотивирано од актуелната политичка состојба. Ако зборуваме за системски пристап, проблематично е што нашите реакции не беа земени предвид пред воведувањето на прогресивен данок, а и тогаш бизнис заедницата укажуваше на негативните ефекти од неговото воведување, што денес се покажа како оправдано.

Кога станува збор за системски промени со финансиски импликации врз бизнисот, државните органи мора да воспостават практика задолжително да ги имаат предвид состојбите во реалниот сектор и не само формално, туку реално да ги земаат предвид укажувањата на Комората како застапник на бизнис секторот.


Од овој аспект за стопанството важна е една мерка а тоа е новото зголемување на минималната плата? Тврдите дека е тоа мешање на државата во бизнисот чинам. Зошто? Кој е вашиот став?

Азески: Решенијата за примена на поголемо ниво на минимална плата во тековната година, прави дисбаланс на планираните проекции и планови на компаниите. Затоа апелот на бизнис секторот е  растот на минимална плата да биде планиран однапред одредено време за компаните да може истото да го предвидат во своите проекции и планови за работа. Сепак треба да се знае дека нашите членки кои се доброситуирани фирми, имаат просечни најниски плати од 18.000 до 20.000 денари. И не знам ним што би им значело да ги враќаме назад сега.

Поради тоа, констатирано е дека легитимно е прашањето за минималната плата да се стави во контекст на техничко-технолошкиот развој на компаниите, зголемувањето на мотивацијата на работниците и продуктивноста на трудот и врз основа на тоа да се формулираат и натамошните насоки на дејствување на Комората, особено во делот на целокупната реформа на образовниот систем, мерки за раст на продуктивноста, повисоко ниво на социјален дијалог, прилив на работна сила од надвор.

Сепак одлуката за раст на минималната плата беше само симболичен поттик на државата да го „разбуди“ реалниот сектор да повлече потег, кој реално економски држи. Но, дали сега компаниите ќе ја следат Владата, ќе видиме кога ќе добиеме информација од терен.

КОЈА Е ПОЕНТАТА НА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА

Кои се според вас приоритетите на идната Влада кога економијата е во прашање?

Азески: Носителите на економските политики треба да имаат пред себе јасен став дека економијата е клучот на развој на државата. Оттука нивна суштинска улога е да креираат политки за економски раст на државата. Овдека само ќе акцентирам дека за бизнисот е клучно спорведување на економските политики

Нема да имаме напредок на ниту едно поле без демократски и стабилни институции и без владеење на правото, како ургентни потреби на нашето општество.

Ефикасното функционирање на системот на заштита на правата има големи импликации врз работењето на деловните субјекти. Решавањето на ова значајно прашање ќе значи и подобрување на ликвидноста на компаниите, а со тоа и поттикнување на економскиот раст – она што е во основата на нашето постоење и залагање. А дали ќе биде на посакуваниот износ, односно барем на нивото на просекот од земјите на Западен Балкан ќе зависи и од сите параметри кои се неопходни за градење на стратегијата за економски раст. Ги надминавме детските болести, како најбројна стопанска комора имаме нормална комуникација со сите политички партии и со опозицијата и со власта, затоа што разговараме за нешто што е конкретно, а тоа е економијата.

Избори треба да има, но ние од 2001 година немаме одржани избори, на истек на четвртата година. Тоа праќа лош сигнал, дека ги правиме предвреме. Асоцира на нешто ненормално.

Па и ова околу техничката Влада. Три месеци пред изборите менуваш легално избран премиер, па измислуваш дополнителни министри, заменици. На дополнителниот задача му е да држи прес конференции против министерот. Кај го има тоа? Зошто сега? Што сигнал пуштаме? Не сме против избори, но да видиме добри избори, да бидат со кратка кампања и ден по изборите државата да функционира, а не да не можеме да се собереме.




АНЃУШЕВ БЕШЕ ОДЛИЧЕН

Во Владата чиј мандат полека завршува, му се става крај и на функцијата на вицепремиерот Кочо Анѓушев кого вие го предложивте да биде претставник на бизнисот. Како профункционира овој модел на делегирање на стопанственик во Владата и ви беше ли од корист?

Азески: Ова е трет пример човек од бизнисот да доаѓа на висока позиција во Владата не сметајќи го изборот на Зоран Заев за премиер. Мандатот на Хари Костов како премиер траеше многу кратко, а мандатот на Минчо Јорданов како заменик претседател беше исполнет со сериозни удари од партиските структури на кои тој не припаѓаше, тој беше малцинство и помина турбулентен период. Меѓутоа, бидејќи предлогот дојде на инсистирање на мандатарот кој и самиот беше и е стопанственик, проценивме дека би било добро да партиципираме во процесите.

Со поставување на Кочо Анѓушев за заменик претседател во Владата како исклучително висок квалитет на стопанственик, можам да кажам дека тие очекувања и се остварија и придонесоа за елиминирање на сериозни пречки во реализирање на целите. Тој е човек кој ги претставуваше нашите приоритети – извозот и индустријата. Дадовме прекрасно решение. Тој е еден од нашите најдобри бизнисмени. Покажа храброст и тоа треба да го направат сите кои размислуваат корпоративно. Секојдневно комуницираме. Ќе се врати на бизнисот на 3 јануари.

Дали беше од корист ?

Азески: Неговата упорност да го истурка законот за финансиск аподдршка на институциите

Ние стопанствениците сме рационални луѓе и знаеме дека реализацијата на проектите е макотрпна работа и оди чекор по чекор. Значи и овој ангажман на г-динот Анѓушев е чекор напред во наметнување на клучните економски политики врз мнозинството кое не е секогаш расположено да подржи суштински промени кои ќе одат брзо и ќе рушат определени табуа.

Кого следен ќе предожите?

Азески: Предлозите се даваат на барање на мандатарот на Владата. Доколку се обрати до нас ќе го дадеме најдоброто решение, а можам со сигурност да тврдам дека Комората е најголемиот расадник на ресурси кои можат да одговорат на предизвиците на бизнис амбиентот. 

Следната е изборна година, година во која се очечува официјалното членство во НАТО, нои предизвиците поврзани со членството во ЕУ. И покрај тоа што треба да се фокусираме на исполнување на задачите, вие како гледате на поширокиот контекст?

Азески: Поширокиот контекст праќа сигнали дека ќе дојде до стабилизирање на состојбите на Балканот, а тоа значи и подобра бизнис клима.

Присуството на компаниите со странски капитал, и оние што најавуваат нови инвестиции, зборува дека веруваат во стабилен Балкан, но, и дека се спремни да бидат сериозен коректив на Владата ако дојде до промени на правилата за нормално функционирање. Исто така не смее да се заборави дека членството во најмоќните светски сојузи сигурно ќе биде значаен поттик за економските активности. Консензусот за владеењето на правото е исто така предност. Негативни се најавите за пад на економската активност во автомобилската индустрија што ќе има одраз во годината што ја очекуваме. 


Лично што си посакувате­?

Азески: Не си поставувам високи амбиции за да не се разочарувам повеќе. Сите грешиме, сите сме луѓе. Лично за мене се е врзано за фамилијата. Сакам да напредува, да има мир, благосостојба и да се отворат еднаквите можности за сите кои сакаат да ги покажат своите способности. Интуицијата ми вели дека ќе одиме напред иако сега се добива впечаток дека ситуацијата е сериозна. Јас сум оптимист. А има сериозни прегрупирања во светот и на Балканот, но тоа е предизвик да се направи нешто ново. Треба да се споредуваат искуствата, решенијата и да се води дијалог и ќе биде подобро.

Александра Томиќ

Фото Вангел Тануровски


Можеби ќе ве интересира

ДУИ со експанзија во угостителството

ДУИ со експанзија во угостителството

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа