02 Јули, 2022
0.0318

ИНТЕРВЈУ АЛМА КРИЛИЌ-ХРАПОВИЌ: „Галеника“ ја зголеми продажбата во регионот за 33 отсто

Објавено во: Интервјуа 27 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Фармацевтската компанија Галеника, која е дел од бразилската NC Групација, во 2021 година забележа раст на повеќе пазарни сегменти во Србија и на регионалните пазари Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Со Алма Крилиќ - Храповиќ, менаџер за регионален развој на продажба во Галеника разговараме за успесите на компанијата чија деловна цел е да биде и регионален лидер, како и за плановите на компанијата во Северна Македонија.

Галеника е традиционално присутна на пазарите во Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, но како се одрази вниманието што последниве години компанијата го посвети на овие пазари?

На тимот на фармацевтскиот гигант Галеника се приклучив во февруари 2021 година со определба да се фокусирам на пазарите во Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Иако ова се пазари каде Галеника е присутна подолго од седум децении, сепак растот на регионалното присуство е директен резултат на визијата на Галеника да создава квалитет и иновации што ги бараат и очекуваат потрошувачите, партнерите и вработените. Нашата деловна цел е да бидеме регионален лидер и во 2021 докажавме дека се движиме кон тоа.

Растот на продажбата во регионот, односно во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија достигна дури 33 отсто. Со задоволство може да кажам дека Галеника ја зајакна својата регионална улога како компанија која е ориентирана кон иднината со јасна деловна мисија и иновативен начин на размислување. Планираме понатамошна модернизација, реинвенција и развој како во Србија, така и за нашите потрошувачи на регионалните пазари.

Галеника во 2021 година постигна раст на продажбата во Србија од 13 проценти во однос на 2020 година, а порасна за 25 проценти побрзо од самиот пазар и ја потврди својата стабилна втора позиција на српскиот фармацевтски пазар. Растот на производството во 2021 година изнесува 9% во однос на 2020. Во Србија и регионот во 2021 година регистриравме 31 производ, додека 29 се веќе пуштени во продажба. Покрај тоа, Галеника успешно работи на 13 меѓународни пазари во Европа, Блискиот Исток и Африка.

Кои се клучните пазари за Галеника надвор од Србија?

Ние сите пазари ги третираме како клучни пазари. Сите пазари каде веќе сме присутни за нас се круцијални. Галеника има за цел да биде лидер, не само во Србија туку и во регионот. Помеѓу другите, нашата посветеност е зајакната со трансферот на технологија донесена од бразилскиот партнер. Односно, нашата сестринска компанија од Бразил – ЕМС која исто така е дел од NC групацијата, како и најголемата фармацевтска компанија во Бразил и една од најголемите во Латинска Америка. Само за илустрација, ова на Галеника во 2021 година и овозможи да работи на трансфер на технологија на пет производи од најновата генерација на генерички лекови. И тие иновации и квалитет сакаме да ги донесеме до сите наши потрошувачи.

Каква е позицијата на компанијата на македонскиот пазар, каде веќе постои традиција да се купуваат производи на Галеника?

На македонскиот пазар Галеника  е синоним за квалитет и ние работиме тоа да го одржиме и да привлечеме нови помлади генерации на потрошувачи. Присутни сме на пазарот со портфолио кое вклучува лекови на рецепт, лекови без рецепт (ОТЦ), козметички производи и додатоци во исхраната, вклучувајќи и производи за зајакнување на имунитетот.Но, сите регионални пазари имаат свои карактеристики кои бараат наша адаптација за да овозможиме нашите потрошувачи лесно да дојдат до нашите производи. За нас е важно потрошувачот да го има бенефитот од иновациите кои ги внесуваме во нашите производи и во таа насока се и нашите активности на пазарот. Континуирано работиме да се прошири нашето портфолиото. При тоа да останеме стабилен и сигурен партнер за целата заедница, како и за нашите вработени во чиј развој е посветена компанијата. Впрочем нашиот тим на македонскиот пазар се вложува да ја оправда довербата која потрошувачите ни ја даваат во изминатите 77 години. За да ги илустрираме резултатите од нашите напори, во 2021 година на македонскиот пазар ја зголемивме продажбата за 34% во однос на 2020 година, што е јасна илустрација за нашата силна посветеност и посветеност на регионалните пазари.

Ги спомнавте дигитализацијата и новите технологии, колку тие имаат важна улога во развојот и растот на Галеника како фармацевтски гигант?

Процесот на дигитализација на компанијата почна во претходните години и продолжуваат во насока да стане „интелигентна компанија“. Дигиталните иновации и нови технологии се стратешка определба на Галеника и се присутни во сите сегменти на работењето на компанијата. Со тоа компанијата ги следи и трендовите во фармацевтската индустрија чија дигитализација се забрза по пандемијата. Галеника во 2021 година го имплементираше SAP Analytics Cloud - најнапредната платформа која комбинира деловна интелигенција, предвидлива аналитика и способности за планирање во интегрирано деловно опкружување. Информациите се следат и анализираат на дневна основа со цел побрзо да се одговори на очекувањата на потрошувачите согласно нашата определба да останеме посветени на луѓето и верни на здравјето.

Кои се плановите на Галеника за 2022 година и што може да очекуваат македонските потрошувачи?

Галеника е бескомпромисно посветена на квалитетот и проширување на портфолиото на производи за да одговори на актуелните потреби на потрошувачот. Нашите клучни двигатели на деловната вредност се инвестициите, дигитализацијата и модернизацијата. Тоа може да го очекуваат и македонските потрошувачи – иновации и имплементација на современи технологии во квалитетен производ. Нашиот таргет е да продолжиме да го прошируваме портфолиото на производи во Србија и на сите пазари каде сме присутни. Сепак, нашите деловни амбиции не завршуваат тука, во наредниот период нашиот фокус е да се позиционираме на пазарите во Централна и Источна Европа и регионот МЕНА.