20 Април, 2024
0.0436

ИНСПЕКТОРИ КАКО „ЗАШТИТЕНИ МЕЧКИ“ - Советот бара, директорите ги „чуваат“ од дисциплински постапки

Објавено во: Економија 07 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Десет инспектори лани направиле сериозни грешки и престапи во работењето, но против нив не биле поведени дисциплински постапки, бидејќи ги штитат директорите на нивните инспекторати.

Вака во послободна форма може да се толкува проблемот со кој се соочува Инспекцискиот совет, тело кое беше замислено и воспоставено токму со цел да биде еден вид „инспектор над инспекторите“, односно да го контролира нивното работење и да презема мерки доколку тие „застранат“ од вистинскиот пат.

За таа цел Инспекцискиот совет ќе бара да се донесат законски измени, со кои ова тело би ја добило улогата да може да ги „дисциплинира“ проблематичните инспектори, а не тоа да биде оставено на раководните лица во институциите каде што тие работат.

На оваа состојба од Инспекцискиот совет се жалат во Годишниот извештај за нивното работење за минатата година. Како што велат оттаму, со стапувањето во сила на новиот Закон за инспекциски надзор во 2019 година, Советот нема надлежност да спроведува дисциплински постапки против инспектор, номоже да поднесе иницијатива за утврдување на дисциплинска одговорност, до директорот или раководителот на инспекциската служба во која е вработен инспекторот. Тој пак, треба да ја спроведе дисциплинската постапка согласно одредбите од Законот за административните службеници.

Па така лани, откако Инспекцискиот совет добил претставки од граѓани или фирми за десет инспектори за кои тие се жалеле од нивното работење, и утврдил дека тие претставки се основани, поднел десет иницијативи за утврдување на дисциплинска постапка за сторен дисциплински престап.

ПОДНЕСЕНИ ДЕСЕТ ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ДИСЦИПЛИНСКИ ПОСТАПКИ

Притоа, четири иницијативи биле поднесен до директорот на Државниот просветен инспекторат; исто толку до првиот човек на Државниот инспекторат за труд, една иницијатива бил поднесена до директорот на Државниот управен инспекторат, и една иницијатива до директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.

Од нив единствено иницијативата до директорот на Дирекцијата за заштита и спасување била поднесена заради непостапување по обврски кон Инспекцискиот совет, а не за дисциплински престап.

Но, на разочарување на Инспекцискиот совет, од самите инспекторати за чии инспектори предложиле дисциплински постапки, всушност добиле одговори дека такво нешто нема да се случи! Иницијативите, според директорите, биле или неосновани, или отфрлени, или застарени, или по нив се уште се одлучува!

„Врз основа на повратните информации од инспекциските служби, во три случаи е утврдено дека не постои дисциплинска одговорност на инспекторите, за делата кои им се ставаат на товар. Во други три случаи, инспекциските служби ги отфрлиле иницијативите за утврдување на дисциплинска одговорност од страна на инспектор, за една иницијатива е утврдено дека е застарена, согласно член 78 од Законот за административни службеници, додека една постапка, заради претходно прашање, сеуште е во тек. За три иницијативи, Советот нема добиено повратен одговор од инспекциските служби“, се вели во извештајот.

ПРЕКРАТОК Е ЗАКОНСКИОТ РОК ЗА ЗАСТАРУВАЊЕ НА ДЕЛАТА

Оттаму објаснуваат дека според почетните искуства од примената на новиот Закон за инспекциски надзор, во однос на дисциплинската одговорност, тој веќе наишол на одредени предизвици.

Или со прости зборови кажано, се поставува прашањето колку е непристрасен директорот на инспекторот кој одлучува за дисциплинската постапка, или субјективно го штити, иако претходно од Инспекцискиот совет „се утепале од работа“ за да ја докажат потребата да се поведе дисциплинската постапка. Затоа и од Советот сметаат дека кога тие ќе предложат дисциплинска за инспектор, неговиот директор да мора да ја спроведе, а не тој да одлучува за неа.

„Имено, иако идејата на новиот ЗИН е дисциплинските постапки да се водат во инспекциската служба во која е вработен инспекторот, се чини дека одредбата од Законот за административните службеници, со која за тоа прашање одлучува раководното лице на институцијата, создава потешкотии и ја доведува во сомнеж непристрасноста на инспекциските служби. Ова е особено важно, бидејќи Советот, пред да поднесе иницијатива за отпочнување на дисциплинска постапка против инспектор, вложува сериозни напори и ресурси, прибира и анализира обемни материјали кои произлегуваат од постапувањето, и врз основа на тоа се донесува одлука на седница. Оттука, Советот смета дека ваквата иницијатива поднесена до раководното лице на инспекциската служба, треба да има задолжителност за спроведување на дисциплинската постапка против инспекторот“, се вели во извештајот.

Од Советот реагираат и на членот од Законот за административни службеници кој ја дефинира апсолутната застареност на делата и постапките, Советот смета утврдениот законски рок од три месеци е прекраток, и поради спецификите во работењето на инспекторите, треба да изнесува најмалку една година.

„Имајќи го во предвид сето погоре наведено, Советот достави официјално барање до Министерството за информатичко општество и администрација, како предлагач и надлежен орган кој врши надзор на примената на Законот за административните службеници, во првата можност кога ќе се интервенира во овој закон, да се разгледаат овие прашања и да се направат соодветни измени“, се вели во годишниот извештај.

Инаку, согласно Законот за инспекциски надзор, чија примена почна од крајот на 2019 година, Инспекцискиот совет има надлежности врз 28 инспекциски служби, од кои 15 функционираат како државни инспекторати, а 13 инспекциски служби функционираат како организациски единици во други органи на државната управа. Во рамки на овие инспекциски служби се утврдени 45 видови инспектори, а заклучно со 31 декември 2020 година, вработени се 857 инспектори кои вршат инспекциски надзор.

Кога се формираше, се наведе дека стремежот на Инспекцискиот совет е да ја врати довербата на граѓаните и бизнис секторот во инспекциските органи.

Претседателка на Инспекцискиот совет е Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Инспекцискиот совет ја следи работата на Агенцијата за млади и спорт, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот архив, Државниот девизен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот инспекторат за техничка инспекција, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Инспекторатот за употреба на јазиците, Агенцијата за лекови и медицински средства, Центарот за управување со кризи, како и неколку други инспекторати или органи во состав на министерствата.

Инаку, во текот на 2020 година, Инспекцискиот совет, како што велат во Извештајот, и покрај пандемијата од ковид 19, успеал да ги реализира и менаџира своите законски надлежности, а во соработка со инспекциските служби реализирал и бројни активности со цел превенција и заштита на животот и здравјето на луѓето и прилагодување на специфичните услови, вклучувајќи и две поопсежни акции за справување со КОВИД–19, од кои едната е сеуште во тек, кои се спроведени на барање на Владата.

Во првата акција, од 12 јуни до 8 октомври лани, биле спроведени 22.789 инспекциски надзори, во единаесет општини, при што се утврдени 528 неправилности. При втората акција, на ниво на целата држава, во периодот октомври-декември 2020 година, спроведени се вкупно 56.808 надзори и изречени се вкупно 123.107 решенија за изолација и 2.614 инспекциски мерки. Во 2020 година, Советот разгледал и издал 65 налози за вршење на инспекциски надзор, а во 24 случаи е утврдена повреда на законите.

фото Freepik

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите