И ЕУ СЕ БОРИ СО РОДОВ ЈАЗ, ГРЦИЈА „ЛИДЕР“ МЕЃУ ЧЛЕНКИТЕ – Еве што преземаат за изедначување на вработеноста меѓу мажите и жените
Објавено во: Економија 29 Ноември, 2023
Родовиот јаз во вработеноста во Европската унија сè уште опстојува. Разлики меѓу вработеноста кај мажите и жените била регистрирана и во 2022 година, објави европскиот статистички центар „Евростат“. Нивните последни податоци, за 2022 година, утврдиле дека родовиот јаз во вработеноста во ЕУ била 10,7 процентни поени, што за само 0,2 п.п. понизок од 2021 година.
Евростат, родовиот јаз во вработеноста го дефинира како разлика помеѓу стапките на вработеност на мажите и жените на возраст од 20-64 години.
- Различни причини предизвикуваат родови разлики во вработувањето, како што се неплатените обврски за грижа на жените, дискриминацијата при вработувањето и недостатокот на жени во раководството. Дополнително, факторите како што се несоодветната грижа за децата, даночните дестимулации и професионалната сегрегација придонесуваат за трајни разлики во вработувањето меѓу половите – посочува „Евростат“ во својата анализа.
Од статистичкиот центар појаснуваат дека во ЕУ имало само два региони кои регистрирале повисока стапка на вработеност кај жените во 2022 година. Тоа се главниот град на Литванија и Јужна Финска. Додека во регионот на Северна и Источна Финска немало разлика во стапките на вработеност меѓу мажите и жените.
- Во 2019 година, ЕУ постави цел да го преполови родовиот јаз до 2030 година. Еден од пет региони на ЕУ веќе ја исполни целта поставена на 5,8 процентни поени. Тоа е постигнато во 14 региони во Франција, во седум региони во Германија, сите пет ригиони во Финска, по четири региони во Шведска и Португалија, во два региони во Литванија и во Латвија и Естонија, по 1 регион. Има 20 региони каде родовиот јаз во вработеноста беше најмалку 20 процентни поени во 2022 година. Половина од нив беа во Грција, додека останатите беа концентрирани во Италија со седум региони и Романија три региони – објасни „Евростат“.
Од таму истакнуваат дека највисоки родови разлики во вработеноста се забележани во регионот на Централна Грција и јужниот италијански регион Пуља.
Од друга страна, состојбите во Македонија, се многу поалармантни. Како што укажуваат познавачите, дури 50 отсто од женската популација во земјата не е вклучена во работни активности.
Дополнително, платите на жените кои работат во нашата земја се за дури 17,5 отсто пониски од платите на мажите.
- Капацитетот на жените во бизнисот не е искористен затоа што помалку од 30 проценти се жени сопственици на бизнис, а помалку од 50 проценти жени се активни на пазарот на труд поради што мора да работиме на зголемување на нивниот капацитет како економски ресурс. Повеќето од жените се во микро и малите претпријатија, а многу малку во големите компании, што значи дека она што го работат жените е со мал обрт и со малку вработувања – посочи Валентина Дисовска од Националната платформа на женското претприемништво.
Таа предлага едукација, но и препознавање на добри практики и менторство, како и посветеност од институциите за подобрување на состојбите, но и посебен фонд за поддршка на женското претприемништво.
П.О.