03 Мај, 2024
0.0280

Хосе Луис Алкаин е добитник на „Златна камера 300“ на 34 „Браќа Манаки“

Објавено во: Стил 18 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

На годинашниот 34-ти  Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело .

Лабина Митевска, директорка на фестивалот истакна дека Алкаин, зад себе има над 145 филмски наслови и тој ќе дојде во Битола.

„Хосе Луси Алкаин е големо име и големо е задоволството што по четири годишно убедување успеавме да добиеме потврда дека за време на целиот фестивал ќе престојува во Битола. Иако има 75 години Алкаин е премногу активен и се уште работи и среќни сме што ќе бидеме заедно со него“, посочи Митевска.

Хосе Луис Алкаин е омилен кинематографер на светски познатиот шпански режисер Педро Алмодовар. Тандемот Алмодовар-Алкаин е еден од најплодите во шпанската и во светската кинематографија воопшто. Заедно ги потпишале насловите „Жени на работ на нервен слом“ (1988, со Кармен Маура и Антонио Бандерас), „Врзи ме“ (1990, со Викторија Абрил), „Лошо образование“ (2004), Враќање (2006, со Пенелопе Круз), „Кожата во која живеам“ (2011), „Многу сум возбуден“ (2013).

Годинашното 34-то издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 20 септември во Битола и ќе биде отворено со македонскиот филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов-Изи.