26 Април, 2024
0.0323

„Хјустон, имаме проблем“

Објавено во: Колумни 11 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Денешниот  национален празник  11 октомври, кој во македонската национална меморија, и во официјалните историски учебници се празнува и се учи како „ почеток на народноослободителната и организирана борба на македонскиот народ против фашистичкиот ( бугарски ) окупатор“, во Втората светска војна  ќе помине веројатно на фонот на актуелизираните, но вечни македонско- бугарски историски толкувања. За неколку денови, ја очекуваме официјалната дата  за почеток на преговорите со Европската Унија, односно толку фамозниот датум, кој од 2005 година, кога поставме земја – кандидат за ЕУ , никако да го дочекаме. По решавањето на најтешкото национално прашање, кое ги обременуваше сите развојни и перспективни компонентни на Македонија ( прашањето за името), по се изгледа,  „ ѓаволот дојде по своето“. Другите драги соседи, тие од Исток, досега не поставуваа официјални барања  кон нашиот интегративен пат, освен од време на време изјави на официјални лица од бугарската политичка сцена, дека Македонија мора да се однесува добрососедски кон Бугарија, доколку сака членство во ЕУ. Но во таа воопштена формулација, досега немаше конкретизирано што тоа претставуваат „ добрососедските односи“.

 За мене лично, тоа значи интензивирање на економската, бизнис и стопанска соработка меѓу двете  земји, инфраструктурано европско поврзување ( изградба  на автопат Скопје- Софија, и железничко поврзување),  културна, туристичка и  образовзна комуникација на многу повисоко ниво од  досегашното.  Но, за другарите Бугари , веројатно под терминот „ добрососедски односи “ се подразбира сосема нешто друго. Националниот совет, свикан од претседателот Румен Радев, на кој учествуваа и премиерот Бојко Борисов, министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, и најголемиот заинтересиран за „ решавање на македонското прашање“  во бугарската политика, лидерот на ВМРО-БНД и вицепремиер и министер за одбрана на Красимир Каракачанов, заклучи дека без „ заедничко толкување на историјата, и прифаќање на  нашата општа, заедничка Македонија “, нема наше полноправно зачленување во ЕУ. Никој не верува, дека една Бугарија сега би ставила вето на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, по германското и холандското да, и се поизвесното макроново да, но во преговорите кои најмалку ќе траат околу една деценија до наше полноправно членство, и тоа како се можни условувања, препреки и закани за стопирање на процесот на евроинтеграција. Што сакаат Бугарите другари, за да се почувствуваат задоволни? Да прифатиме дека Гоце Делчев бил етнички Бугарин, Македонец по роднокрајност, и дека не постои официјален македонски јазик, и истиот да биде третиран во официјалните документи на Европската Унија како „ јазик на Република Северна Македонија“? Еднаш напоменав дека и да се случи такво нешто, македонската официјална  паритетна комисија да прифати вакви небулози, никогаш, ама ни тогаш, мнозинството етнички  Македонци  нема да го прифатат тоа, и уште повеќе ќе се зголеми анимозитетот , па дури би рекол и омразата помеѓу двата нели најблиски народи и соседи. Зошто е толку тешко, да прифатат Бугарите другари, дека македонската независна држава е неизбежен факт, македонскиот посебен јазик  не е самодекларативно посебен според нашата историографска наука, туку се изучува на катедри на светски универзитети, како сосема посебен литературен јазик, од  јужнословенската група на јазици.

Јас познавајќи ја одлично историјата на македонскиот народ во 19 тиот и 20 тиот век, и сосема многу добро таа на блиските ни соседи, ја разбирам  комплетно историската фрустрација  на Бугарите дека Македонија и етничкиот македонски народ не е составен дел од големата Санстефанска бугарска држава. Едноставно, големите сили, кон крајот на 19-тиот , и почетокот на 20-тиот век, ниту дозволија независна македонска  држава  во нејзините етногеографски  граници ( од Шар Планина до Белото Море, од Охридско Езеро до Пирин), ниту пак дозволија  голема бугарска држава во санстефански граници (  од  Дунав до Белото Море, од Охрид до Черното море).  Тоа е иреверзибилен ( неповратен процес). Ниту Македонија може да биде „  голема и обединета“, ниту Бугарија може некогаш  да си ги поврати  своите санстефански граници, по кои копнее  скоро еден век и половина. Всушност може , само на еден начин. Со целосната интеграција на Македонија во ЕУ, и влегувањето во шенген зона системот, каде што  граничните премини: „ Богородица “, „ Меџитлија “ и „Дојран“, кон Егејска Македонија ( Грција),  и  „  Ново Село“, „ Делчево “  кон Пиринска Македонија ( Бугарија)  и  „ Деве Баир“ ( кон Бугарија), нема да постојат, и  протокот на возила, луѓе, стоки, економија , ќе се одвива слободно без никакви царински и пасошки контроли. Така како што е одамна  веќе во цивилизирана и напредна Европа. Нека размислат што за нив е подобро, дали Бугарија да ја блокира  евроинтеграцијата  на Македонија, или пак Македонија да се интегрира во ЕУ  и да падне „ берлинскиот ѕид“, кај Осоговските и Малешевските планини. Подземен Белград, на  секој можен начин го спречуваше европскиот и евроатланскиот пат на Македонија, токму заради една единствена причина:  Македонија  ( јужна / Вардарска бановина) да биде контролирана во орбитата на Белград? Софија денеска, по сите создадени услови, упорно настојува  Македонија ( “ најромантичниот дел од бугарската историја“  - Петар Стојанов), да  ја отфрли од својата орбита, и повторно да ја приклони кон  белградоцентристичката? Нека размислат не два пати, доволно е и без да мислат, кој е најдобриот нивни и наш интерес. 

Благојче Атанасоски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД