Хаџимишев: Битар холдингс во ТЕ-ТО непазарно купил гас и продал струја за 170 милиони евра
Објавено во: Економија 21 Септември, 2018
Апелациониот совет направил уште поголема незаконитост од првостепениот суд кога ја потврдил одлуката ТЕ-ТО да оди во стечај и ги одбил жалбите на најголемите доверители, затоа што неговата одлука е конечна а ја донел знаејќи ги сите факти за незаконитостите направени во постапката, рече денеска Димитар Хаџимишев, директор на Топлификација. Оваа компанија е еден од најголемите доверители во ТЕ-ТО и плус акционер кој во гасната централа поседува над 10 отсто од капиталот. Со прогласувањето на стечајот, се брише долгот кон Топлификација од 30 милиони евра. Хаџимишев обвинува дека ова е скандалозно и тврди дека се вплеткани повеќе страни.
„Целокупниот тек на процесот и сите активности реализирани во овој процес укажуваат на организирана структура во која освен ТЕ-ТО се вклучени и други субјекти од одредени државни институции, вели Хаџимишев.
Топлификација поднесе кривични пријави, а според информациите случајот го истражува и Управата за финансиска полиција. Хаџимишев вели дека на таков начин ќе се обидат да спречат, како што вели, организиран грабеж на над 30 милиони евра побарувања признати од ТЕ-ТО.
Инаку како што веќе и пишувавме во време кога е поднесен предлогот за стечај на ТЕ-ТО, централата има долг од над 170 милиони евра кон таканаречени необезбедени доверители меѓу кои освен Топлификација, се и Комерцијална банка, турската компанија Гама гуч, но и други фирми и државни институции. На сите нив, со планот за реорганизација, треба да им се отпишат 90 отсто од побарувањата, а да им се вратат по 10 отсто и тоа на два пати во 2028 и во 2029 година.
Хаџимишев и претходно обвинуваше дека целиот случај е проследен со низа нерегуларности. Топлификација има 10,8 отсто во ТЕ-ТО, а мнозински сопственик е Битар Холдингс лимитед кој поседува 89,2 отсто од капиталот. Од Топлификација тврдат дека ТЕ-ТО си го отворил стечајот сам на себе, по пресудата на Врховниот суд од декември лани во која тој го прифати барањето на Топлификација дека заемите дадени од Топлификација на ТЕ-ТО во периодот на градба на објектот се достасани и ТЕ-ТО треба да и плати на Топлификација околу 6,2 милиони евра главен долг, а со камата вкупно 11,4 милиони евра.
Инаку Хаџимишев тврди дека има индиции дека ТО-ТО непазарно купувал природен гас и продавал електрична енергија надвор од државата. На прашање што превземаат за тоа како акционер во ТЕ-ТО вели дека ќе почекаат истрагата да утврди.
„Ние уште на првата прес конференција рековме дека за оваа работа има јавно признание во планот за реорганизација. ТЕ-ТО правел загуби од 2013 до 2017 бидејќи бил условен да купува природен гас од оф шор компанијата Синтез груп енерџи и да продава електрична енергија на македонска фирма која мора да ја продаде надвор повторно на дефинирана фирма. Значи јавно признание дека ТЕ-ТО работел непазарно на двата сегмента. ТЕ-ТО во тој период купил 110 милиони евра гас од таа фирма и продал 60 милиони евра струја. Во пакет 170 милиони евра договори согласно нивното признание, биле непазарно процисуирани. А зошто му требала фирма посредник за купување гас, па и други фирми од Македонија си купуваат гас без посредници, вели Хаџимишев.
Вели дека при крај е истрагата и за постапка која е на штета на корисниците на топлинска нерегија и дека ги виделе документите, кои според него се шокантни.
А.Т.