05 Октомври, 2022
0.0339

ГРАД СКОПЈЕ, БИТОЛА, ЦЕНТАР, АЕРОДРОМ... - кој се купувал и колку и ја плаќал струјата на фирмата на Аријант Џафери

Објавено во: Економија 07 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Требаше Аријант Џафери физички да се пресмета со првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, за да се отвори „пандорината кутија“ за тоа кого се снабдувала со електрична енергија неговата компанија У повер, за која РКЕ ја почна постапката за одземање на нејзината дозвола за работа, што всушност беше причина за неговото насилство врз Марко Бислимовски.

Фактор преку алатката Отворени финансии пренесува податоци за тоа кој се од државните органи и општини набавувал струја преку У повер, компанија која во 2019 година доби тендери за снабдување со електрична енергија, а е основана во 2016 година.

Податоците се однесуваат за оваа година, или конкретно од први јануари па се до октомври, а се добиваат преку исплатите кои ги вршале државните органи и општини до компанијата У-повер, во која еден од сопствениците е Аријант Џафери, син на поранешниот вицепремиер и истакнат член од редовите на ДУИ, Муса Џафери.

Од бројките на Отворени финансии може да се види дека најмногу струја од У-повер набавувал и плаќал Градот Скопје. Во текот на годината направени се голем број исплати од касата на метрополата до фирмата на Џафери, а од нив четири се највисоки и се по над два милиони денари.

Па така, највисоката исплата од Град Скопје до У повер е 2,84 милиони денари, или 46 илјади евра. Две од исплатите се по 2,4 милиони денари, и четвртатата е 2,3 милиони денари. Но, исплатите не завршуваат тука, туку Градот Скопје исплатил и 710 илјади денари, па 630, па 583 илјади денари, како и многу други пониски суми, за снабдување со струја од компанијата У повер.

И Општина Битола набавувала еклектрична енергија од фирмата на Аријант Џафери. Оваа локална самоуправа има пет исплати од по над еден милион денари до таа фирма, и тоа првите две од цирка 1,4 милиони денари, па 1,3 милиони и две исплати од по 1,1 милиони денари, по што следуваат исто така високи, но и пониски суми, со кои општината уредно ја плаќала струјата од У повер.

Општина Центар исто така добивала струја оваа фирма, така што податоците од Отворени финансии говорат за две исплати од над 1,2 милиони денари, две исплати од по еден милион, но и помали суми за плаќање на набавките на оваа општина.

Аеродром е уште една скопска општина која набавувала струја од У повер. Има четири исплати од над еден милион денари, и тоа две од по близу 1,2 милиони, и две од по 1,1 милиони денари, ни и повеќе исплати од по над 900 и над 800 илјади денари.

Велес исто така купувал на пазарот струја од У повер, па најголемата исплатена сума што ја дал до компанијата се близу еден милион денари, а има и исплати од над 900, 800 и 600 илјади денари, но и помали суми кои се исплаќале. И Бутел набавувал струја од У повер, нивната најголема исплата е 677 илјади денари, а има и од 50 илјади. Ѓорче Петров исто така се снабдувала со електрична енергија од У повер, првата исплата е 579 илјади денари, и има повеќе исплати до компанијата на тој износ, но и помали суми.

Царинската управа е еден од купувачите на струја, првата најголема исплата е 487 илјади денари, и всушност на списокот фигурираат поголем број исплати над 400 илјади денари, но има и помали износи.

Општина Гевгелија има исплати од околу 400 и 300 илјади денари.

А, и Дирекцијата за ТИРЗ набавувала струја, со исплати од близу 400 илјади денари, па и неколку помали износи. Агенцијата за вработување исто купувала струја од фирмата на Џафери, но има неколку исплати, од 309 илјади денари, па надполу.

Општина Свети Николе исто е на списокот, а нејзината најголема исплата за струја е 196 илјади денари. И, неколку јавни установи плаќале за струја на У повер за своите потреби, но нивните суми се помали.

Фактор веќе пишуваше дека У повер имала и Договор за снабдување со МЕПСО и тоа за снабдување на сопствените потреби (дирекција и трафостаници), а договорот е вреден речиси половина милион евра. Договорот е на сила од втората половина на јануари оваа година. За оваа година преку алатката Отворени финансии не се регистрирани исплати од МЕПСО кон У повер.

Инаку, МВР вчера експресно соопшти дека го расчистиле случајот со нападот врз Бислимовски, и дека Аријант Џафери, кој го признал делото, ќе одговара за делото насилство. По консултација со јавен обвинител, за него ќе биде изготвена кривична пријава. Инаку, за ова дело насилство, може да се заработи затворска казна од три месеци до три години.

Аријант Џафери има 28 години, а на видеото јасно се гледа како на тераса на една кафеана во Дебар Маало, го напаѓа Бислимовски. Извори тврдат дека тој со свои другари бил во ист локал во оној во кој седел првиот човек на РКЕ, при што го провоцирал, а потоа и седнал до него, наводно за да поразговараат, но набргу го нападнал, со барање да ја запре постапката против неговата компанија, а почнал и да удира кога Бислимовски одбил такво нешто.

На крајот на 2019 година медиумите пишуваа дека компанијата за трговија и снабдување со електрична енергија У-Повер, чиј косопственик е синот на поранешниот министер и вицепремиер од ДУИ Муса Џафери, добила тендери во вредност од над 1,5 милиони евра. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија е основана во 2016 година од страна на синот на Џафери, Аријанит Џафери, кој е партнер заедно со Фитим Ибрахими, син на Азби Ибрахими, сопственик на тетовската градежна компанија што поседува и две мали хидроцентрали, АК-Инвест.

Откако ги добива потребните лиценци од Регулаторната комисија за енергетика, оваа компанија почнува да се етаблира на пазарот и да добива тендери, од кои, според Бирото за јавни набавки, најголем во 2019 година бил оној склучен со ЈП Железници во вредност од над 600.000 евра.

Вчера од самата Регулаторна комисија за енергетика информираа дека нејзиниот претседател Бислимовски се чувствува добро, и дека и после овој напад, ќе продолжи да работи во интерес на заштита на потрошувачите и одржување на стабилен електроенергетски систем во земјава.

За случајот се огласи во јавноста и вицепремиерот за борба против корупцијата во земјава, Љупчо Николовски. Тој на својот официјален фејсбук профил напиша дека го осудува синоќешниот напад врз претседателот на РКЕ, нагласувајќи дека веќе се постапува по случајот. „Ова е правна држава каде институциите постапуваат еднакво за сите, пред законите сме сите еднакви, а несогласувањата може да се решаваат единствено преку процедурите и институциите на системот“, дециден е Николовски.

Инаку, на 23 септември, РКЕ почна со постапки за одземање на лиценци на двајца снабдувачи на електрична енергија и тоа У повер и Мист Енерџи. Тие, како што рекоа од РКЕ, не ги обезбедиле навреме и во целост количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите. „Мист Енерџи и У повер не купиле електрична енергија навреме и сега кога цените на берзите се зголемија, количините кои им недостигаат ги надополнувале од резервите на МЕПСО кои се наменети за балансирање на електроенергетскиот систем. МЕПСО ја алармираше РКЕ дека е евидентирано неоправдано зголемено ангажирање на електричната енергија која се користи за исклучителни ситуации. Дополнително оваа електрична енергија што снабдувачите ја користеле од механизмот за балансирање е поевтина од берзанската цена, со што ја нарушуваат конкуренцијата и ја загрозуваат стабилноста на електроенергетскиот систем“, соопшти тогаш РКЕ.

Фактор пишуваше и дека сега македонскиот пазар на електрична енергија е пред колапс, бидејќи компании за снабдување струја од почетокот на август откажуваат договори на свои потрошувачи и не им испорачуваат електрична енергија. Образложението е дека цените на струјата на регионалните берзи вртоглаво растат и дека тие не можат да купуваат струја со загуба. Односно да ја купуваат по цени за мегаватчас кои надминуваат 100 евра, а да ја донесат во земјава и продаваат по договорени цени од 60, 70 или 80 евра за мегаватчас. Компаниите снабдувачи не сакаат свесно да влегуваат во загуби од стотици илјади евра. Поедноставно им е да платат пенал, казна или да им реализираат банкарска гаранција.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: ВМРО-ДПМНЕ ги предаде контактите на Бектеши, сега на потег е Владата

ФАКТОР НА ДЕНОТ: ВМРО-ДПМНЕ ги предаде контактите на Бектеши, сега на потег е Владата

Србија од 1 ноември останува без руска нафта

Србија од 1 ноември останува без руска нафта

Одржан Економски совет во проширен состав: Време е за одговорно однесување со енергенсите

Одржан Економски совет во проширен состав: Време е за одговорно однесување со енергенсите

Генерали Инвестментс: Главната економска политика е борбата против инфлацијата, а рецесијата е неопходно зло

Генерали Инвестментс: Главната економска политика е борбата против инфлацијата, а рецесијата е неопходно зло

ССМ: Платите во државата да го следат порастот на инфлацијата, но и порастот на синдикалната кошница

ССМ: Платите во државата да го следат порастот на инфлацијата, но и порастот на синдикалната кошница

ДИЗЕЛОТ ПОСКАПУВА ДВА ДЕНАРИ, БЕНЗИНИТЕ СО ИСТИ ЦЕНИ, еве ги цените на нафтените деривати

ДИЗЕЛОТ ПОСКАПУВА ДВА ДЕНАРИ, БЕНЗИНИТЕ СО ИСТИ ЦЕНИ, еве ги цените на нафтените деривати

Се укинуваат раните часови за шопинг во Грција заради штедење струја

Се укинуваат раните часови за шопинг во Грција заради штедење струја

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ ГО ПРОЗВА МИЦКОСКИ: Зошто не изградивте ниту една електрична централа додека бевте директор на ЕСМ

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ ГО ПРОЗВА МИЦКОСКИ: Зошто не изградивте ниту една електрична централа додека бевте директор на ЕСМ

„Гаспром“ тврди дека повторно ќе пушти гас преку Австрија

„Гаспром“ тврди дека повторно ќе пушти гас преку Австрија