ГЕОРГИЕВСКИ ЗА ГАЗИ БАБА, ПЕКЕВСКИ ЗА БЕРОВО, ГУЛЕВСКА ЗА МОГИЛА И ДЕЛКОВ ЗА НЕГОТИНО - социјалдемократите со уште четворица „проверени“ кандидати за градоначалници
Објавено во: Македонија 30 Јули, 2021
Социјалдемократите вчера на Извршен одбор искристализирале уште пет имиња кои ќе бидат нивни сигурни кандидати за градоначалници на претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 17 октомври.
Се изнедриле имињата на Ѕвонко Пекевски за Берово, Борис Георгиевски за Гази Баба, Јасмина Гулевска за Могила, Тони Делков за Неготино, како и на Даниел Крстевски за општина Ранковце.
„Ова се кандидатите кои според сите истражувања, анализи и испитувања на јавното мислење се најдобрата понуда за општините Берово, Гази Баба, Неготино, Могила и Ранковце, соопшти претседателот на СДСМ Зоран Заев преку својот ферјсбук профил.
Процесот на селекција на кандидатите за градоначалници продолжува до крајот на август, до кога се очекува негово целосно заокружување.
Како што е познато, Делков, Георгиевски, Гулевска и Пекевски и сега се градоначалници на општините, за чија доверба од граѓаните ќе трчаат уште еден мандат. Додека, пак, Ранковце досега имаше градоначалник кој на претходните избори настапи како независен кандидат.
Инаку, кон средината на овој месец владејачката СДСМ веќе номинираше триесетина кандидати за градоначалници, од кои повеќето се токму сегашните градски татковци.