ЕУ треба да гледа на Трамп „сериозно и тивко“
Објавено во: Свет 14 Ноември, 2016
Европа треба да гледа на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп „многу сериозно и тивко“ додека ја гради својата администрација и политики. Ова го изјави министерот за финансии на Луксембург Пјер Грамен во интервју за Bloomberg.
Според него, новиот претседател има направено многу ветувања во кампањата, но од денот на изборот наваму зборовите и неговите идеи веќе се изговараат по мирен начин.
„Луксембург и сите европски земји се подготвени да работат со новиот претседател“, рекол и Грамен и додаде дека Трамп изјавил подготвеност да соработува со сите земји. „Европа е најблискиот бизнис партнер на САД и не сум загрижен за тоа. Ние треба да продолжиме да работиме заедно“, изјави министерот за финансии.
Министрите за надворешни работи на Европската унија ќе разговараат на средба за соработката со новата администрација на САД, иако не е на агендата. Советот за надворешни работи дискутира уште за односите со Турција и Источното партнерство.
На влегување во заседанието на министрите за надворешни работи од ЕУ шефот на британската дипломатија Борис Џонсон исто така, повика да не се осудуваат однапред новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп и неговата администрација. Според зборовите на ексцентричниот британски политичар е важно да гледаме на ова како можност за развој на односите меѓу европскиот континент и САД. „Доналд Трамп е човек кој успева да постигнува многу договори. Сметам дека ова може да е добро за Британија, но може да е добро и за Европа“, изјави Џонсон.
За време на својата кампања Трамп се закани дека ќе ја отстрани корупцијата во администрацијата така што ќе го пополни својот кабинет со својот тим со личности од Републиканската партија.