Добивај вести на Viber
Европскиот парламент донесе резолуција со која бара од Хашкиот трибунал да ја преиспита својата одлука и условите за ослободување од хуманитарни причини на лидерот на српските радикали Воислав Шешељ.
Расправата траеше еден час, а европарламентарците со мнозинство одлучија да побараат од српските власти да се оградат од изјавите на Шешељ и да утврдат дали тој ги прекршил законите во Србија.
Со документот, кој нема обврзувачки карактер, се осудува воинствената реторика на Шешељ по враќањето во Белград и се повикуваат Хашкиот трибунал и обвинителството „со оглед на овие нови околности да ги преземат сите неопходни чекори за да се изврши ревизија на условите за условна слобода".
По ваквата резолуција се огласи Шешељ, но и српските власти. Тој вели дека е „многу горд“ на донесената резолуција за него и оти нема намера доброволно да се врати во притворот на Трибуналот.
Шешељ истакнал дека при пуштањето од Хаг не му биле понудени никакви услови и тој ништо не потпишал, ниту со некого разговарал за условите што треба да ги почитува ако излезе на слобода.
Наспроти ова, српскиот премиер Александар Вучиќ смета дека Резолуцијата на Европскиот парламент е навредлива за Србија и нагласи дека зад документот стои лицемерие и желба да му се наштети на Белград.
„Или се работи за лицемерие со невидени размери или некој се обидува да и наштети на Србија од други причини. Трето нема“, вели Вучиќ. Иако документот не е обврзувачки, тој на српските граѓани им покажува што Европа мисли за нив, вели српскиот премиер.
„Не постои ништо во денешна Србија што може да ја поврзе нашата власт и времето на Воислав Шешељ, за кого не сакам ниту да зборувам. Но, ова треба да им биде поука на граѓаните на Србија, да видат како се однесуваат кон нас, што навистина мислат за нас и со какви маки и потешкотии ќе се соочуваме на нашиот европски пат и во нашата блиска иднина“, нагласи Вучиќ.
„Кој го пушти Шешељ? Ние или вие? Дали не прашавте? Не! Ние само се грижевме за наш граѓанин“, рече нервозно српскиот премиер.
На резолуцијата за Шешељ во Европскиот парламент и претходеше сличен документ усвоен во хрватскиот Сабор само ден претходно.