09 Мај, 2024
0.1099

Економија водена со прислушување

Објавено во: Колумни 20 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Колку е само бесмислена тезата дека Заев со „материјалот“ ги заплашувал дури и сопствените сопартиjци, бидејќи во снимените ленти и транскрипти може да има „непријатни информации“, па може да ги уценува. Намерата на оние кои сакаат да ги убедат другите да веруваат во оваа приказна е повеќе од очигледна и нема потреба од посебна елаборација. Меѓутоа очегледно е дека се работи за приврзаници на политиката, нападот е најдобра одбрана. „Мачкина кашлица“  е прислушувањето на врвните луѓе во една партија, во однос на извршеното прислушување на над 20 илјади граѓани од сите сфери на општествено-економскиот и политичкиот живот во земјата, во подолг период. Се разбира, секако, станува збор за прислушување на елитите во сите сфери во земјата, а  во интерес на само двајца за кои нема „доказ“ дека и тие биле прислушувани. Секако дека не треба да се потценува опасноста од било какво прислушување, но да се дојде на оваa монструозна идеја, со која се нарушува слободата и правата на граѓаните, сигурно  несмее да остане неказнета, како од правосудниот систем така и од граѓаните без разлика на која политичка провиниенција припаѓаат или пак воопшто не се  политички определени. Нарушувањето на човековите права нема врска со демократските процеси ,а уште помалку со партиската припадност.  И не е случајно таквите постапки се казниви. Затоа, во секоја демократска држава кога ќе се откријат такви недела, носителите поднесуваат или морално-политичка и  законска одговорност. Наш проблем е што во самиот зародиш на аферата наместо да се бара разрешување и санкционирање на одговорните, одбранашите  ја замаглуваат ситуацијата со можноста веќе собраните факти да ги искористи тој што веќе јавно објави дека ќе ги обелодени. Во овој контекст, нема сомнение дека постои теоретска можност некои од информациите да бидат и злоупотребени, меѓутоа, таквата можност практички е маргинална во однос на можностите  што им стоеле на располагање на имателите во моментот на стекнувањето на информациите. Со нив тие  можеле да имаат потполна контрола над  намерите, постапките и однесувањата над целокупната општествена елита, а тоа значи контрола над сите текови на политиката, економијата, културата, новинарството .... И додека сеуште ги чекаме инкриминирачките разговори, разговорите со кои според најавите се договараат местења на изборните процеси или да не споменувам што уште се не е споменато како можност да ни биде презентирано од „слушалките“, веќе импликациите  во економијата и меѓу бизнисмените се страотни. Стравот од прислушуваните деловни разговори, односно располагањето на информации од телефонските комуникации на бизнисмените обезбедува извонредни предности на тој што ги знае намерите, постапките и однесувањата на конкурентите. Во секоја зделка тој е во предност пред другите и може да се појавува и како посредник во разни зделки, знаејќи ги намерите на странките.  А ако има моќ каква што има извршната власт, тогаш предностите се уште поголеми. Ова особено ако се има предвид  дека во изминатите години државата беше најголем „бизнисмен“ и во инвестирањето и во вработувањето. Оттука, незнам само од каде му одважност на Претседателот на Стопанската комора Бранко Азевски да го одликува министерот за финансии за кооперативност со бизнисот кога тој е една од главните ѕвезди  во оваа драмолетка чии заплет допрва следи. Се разбира доколку  кооперативноста Азевски не ја подразбира во помошта која власта им ја дава на блиските до нив бизнисмени преку трансмисија на бизнис инфорамциите собрани преку „слушалките“. Сеуште е неблагодарно е да се конструираат можни предности на имателите на информациите, додека не се слушнат актерите во снимените ленти. Потоа, ќе можат да се реконструираат определени случувања во сферата на економијата- во добивањето на тендерите, во движењата на берзата, во инвестирањето, во односите со синдикатите, со информативните средства....Теоретските можности одат до длабоко нарушување на пазарните односи  и до воспоставување на „економија водена со прислушување“. Од случаите ќе се види какво било влијанието на ова незаконско дејание и во еконоимијата и во општеството и ќе се оцени колку тоа е причина за повеќегодишната неподготвеност на домашните бизнисмени за остварување на подинамичен развој,освен за преживување на пазарот. И дали е тоа причина за беспримерната  ориентација за привлекување на странски инвестиции за да се обезбеди минимална стапка на економски раст и за запоставување на можностите и интересите на домашниот бизнис. Останува да се надеваме дека откриеното прислушување на општествените елити нема да има катастрофични   последици  врз економските текови во земјата, меѓутоа, сосема е извесно дека имало неповолни последици, со самото тоа што бизнисот, од сопствени и туѓи искуства, имал недоверба во правното функционирање на клучните државни инвестиции. Конкретните штетни последици ќе се согледаат  откако ќе се објават снимките. Останува да почекаме и да видиме. Во меѓувреме не е на одмет надлежните да информираат дали е воспоставена законска контрола  над механизмите за прислушување во земјата и дали можеме слободно да комуницираме,  без страв дека некој неовластено ќе не прислушува и без резервата во водењето на телефонските разговори што често ја употребувавме: „имам да ти кажам нешто, ама не е за по телефон“. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина