Државна помош во 2021: Осум милиони евра за втората фабрика на Дрекслермајер
Објавено во: Економија 13 Април, 2022 07:30
Отворањето на втората фабрика на „Дрекслермајер“ во регионот на Куманово ќе ја чини Владата 8 милиони евра, според договорот за регионална помош. Ова е највисоката сума издвоена како државна помош со донесена одлука во текот на минатата година, според извештајот на Државната комисија за заштита на конкуренција за 2021.
Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони треба да одвои 5 милиони евра за проектот „Магна Мирорс“ на канадската компанијата „Магна“, која е една од најголемите производители на автомобилски делови во светот. Проектот предвидува производство на ретровизори за „Дачиа Дастер“ во фабриката која ја гради во зоната во Струга. Според бизнис планот треба да се отворат над 1.200 работни места.
Меѓу највисоките одобрени суми за државна помош лани се и 5 милиони евра на ТИРЗ за трет инвестициски циклус на „Витек“, а потоа од истата дирекција следуваат 4.170.732 евра за дополнителна инвестиција на „Џојсон Сејфти“.
Меѓу најголемите суми за државна помош е и Оперативниот план за вработување на Министерството за труд и социјална политика за кој во 2021 била предвидена можност да достигне до издвоени 7,8 милиони евра.
„Во текот на 2021 година се продолжи со
планирано доделување на регионална државна помош, која како таква е во согласност со целите на
регионална политика на Република Северна Македонија и со која се поддржуваат продуктивни
почетни инвестиции или отворање на работни места, поврзани со инвестициите. Имено,
планираното доделување на регионална државна помош во 2021 година , продолжи со реализација
на дополнителни инвестиции на постоечките странски инвеститори, корисници на државна
помош. Сето ова е со цел подобрување, побрз раст и развој на економијата во земјата“, се вели во извештајот на комисијата.
Договорената државна помош за поддршка и развој на
микро, мали и средни претпријатија и занаетчиство, имплементација на индустриска политика,
поддршка и развој на кластерското здружување, општествена одговорност, туризам, вработување,
регионална политика, иновативност, финансиска поддршка и поддршка на ликвидноста на
приватниот сектор севкупно изнесува 2.124.192.980 денари.
Најголемата доделена државна помош е евидентирана од посебниот фонд на Развојната банка за повратни бескаматни кредити во текот на пандемијата, меѓу која сумата за 30.340.952 евра за Ковид-19 кризата.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Синдикалната минимална кошница во декември зголемена на 65 492 денари
ЕСМ бара од Владата да прогласи кризна состојба, опозицијата смета дека тоа е поради рекордните загуби
Истражување: Европските компании во работниот процес се повеќе ангажираат „аутсорсинг“
Заменик-министерот Јанкуловски: Македонија ќе ја заврши 2025 година со јавен долг од 10,2 милијарди евра
Европа половина од природниот гас го купува од Норвешка
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?




