Државата формира ново претпријатие „Северна Македонија Гас“
Објавено во: Економија 10 Август, 2022 07:47
Со вчерашната објава на спогодбата за спојување на двете акционерски друштва во државна сопственост - АД Национални енергетски ресурси и АД ГА-МА Скопје, дојде до формирање на единствена национална компанија за гасификација на земјата - „Номагас“, име што произлегло од идејата за широкиот поим North Macedonia Gas, или Северна Македонија Гас.
Постапката започнала на крајот на јуни, а како што дознава „Фактор“, новоформираното акционерско друштво треба да започне реално да функционира до крајот на годината откако ќе се договорат двете претпријатија за систематизацијата. За директор треба да биде поставен актуелниот раководител на АД НЕР, Бајрам Реџепи. Треба да се усогласат и платите на вработените во АД НЕР, кои се потпросечни и многу помали од оние кои ги добиваат во АД ГА-МА. Двете друштва заедно имаат околу 80 вработени.
Спојувањето беше услов новоформираното „Номагас“ да добие кредит од 28,9 милиони евра од Европската инвестициска банка за изградба на Интерконекторот за гас од Грција, со кој ќе се овозможи земјава да се снабдува од повеќе различни извори со овој исклучително значаен енергенс. За заемот веќе гарантира државата со посебен закон. Проектот Интерконектор за пренос на природен гас Грција - Северна Македонија е од стратешко значење за нашата држава. АД НЕР и ДЕСФА Атина веќе потпишаа Договор за соработка, со кој двете страни се обврзаа навремено да го изградат Интерконекторот, секој на територијата на својата држава.
АД НЕР беше задолжен за изградба на магистралните гасоводи и главно се финансираше со пари од Министерството за транспорт и врски и меѓународните кредитори, како и со пари за зголемување на главнината од Владата. Дел од националниот гасовод, кој се уште се гради, беше компензиран со руски фирми за стар клириншки долг
АД ГА-МА управува со гасоводот кој доаѓа од Бугарија и преку градежни активности го прави природниот гас достапен до поголемите потрошувачи. Половина беше во сопственост на државата, а половина на „Макпетрол“ кој го продаде уделот за 32.773.905 милиони евра за претпријатието да биде целосно национализирано.
Секундарната мрежа до домаќинствата допрва треба да се гради во Македонија. Министерството за економија веќе требаше да го одбере операторот во јавно-приватно партнерство, а свое влијание во оваа активност ќе имаат и општините.
Сума од 10 милиони евра е веќе исплатена од државната каса, за купување на 10 проценти од гасниот терминал Александруполи во Грција.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега
КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години
Кончар потпиша договор со позната американска компанија
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар
Најскапиот град во светот за излегување е во Азија
Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас




