ДОЖД ВРНЕЛ 85 ДЕНА ПО РЕД: Најврнежливиот град во Европа се наоѓа во Норвешка
Објавено во: Свет 11 Јуни, 2024
Најврнежливиот град во Европа е во Норвешка.
Интернет-пребарувачот за изнајмување сместувачки капацитети, „Холид“, користејќи ги податоците од апликацијата „Ворлд ведер онлајн“, ги анализираше најврнежливите градови во Европа.
Вториот по големина град во Норвешка – Берген, со просек од 12,7 врнежливи денови месечно и 8,8 милиметри врнежи дневно, е најврнежливиот град во Европа. Но, Норвежаните не се плашат од дожд, пренесува хрватскиот портал „Пункуфер“.
Градот има специфична географска местоположба. Се наоѓа на југозападниот дел на Норвешка, на брегот на Северното Море и е опкружен со седум планини. Сѐ тоа го прави местото подложно на долги и обилни врнежи.
Најдолгото континуирано дождливо време во Берген е забележано на крајот на 2006. и почетокот на 2007 година. Тогаш врнело дожд 85 дена по ред – од 29 октомври до 21 јануари.
Најдолга сезона на дождови во Берген во летните месеци е забележана во 1952 година, кога дождот паѓал непрекинато од 1 до 24 јуни. Инаку, во овој скандинавски град, најмалку дожд има обично во јуни, а најмногу во октомври.
foto Wikipedia/Pudelek