19 Март, 2024
0.0249

ДОСИЕ ЕУРОСТАНДАРД - како дојде до клуч на врата на една модерна и надежна банка, кои се лошите пласмани што и пресудија

Објавено во: Финансии 13 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Како бомба не само во бизнис и во банкарскиот свет, туку и во цела држава оптоварена со политичката неизвесност околу формирањето на новата влада, одекна веста за стечајот на Еуростандард банка на бизнисменот Трифун Костовски.

Дека Народна банка има намера да обелодени шокантна информација, стана јасно уште вчера утрото, кога во редакциите стигна покана за пресконференцијата на гувернерката Анита Бежоска-Ангеловска дури за 16.30 часот попладне, што во принцип е сосема невообичаено време за одржување на вакви настани, освен ако некаде не “гори“. 

Нештата станаа малку појасни откако Еуростандард банка соопшти дека во текот на денот биле пласирани лажни информации кои се однесуваат на функционалноста на редовното работење на банката, а кои директно се на штета на самата банка и нејзините клиенти.

Како дојде до тоа да доживее клуч на врата на една мала, модерна и надежна банка, на познатиот скопски бизнисмен Трифун Костовски. 

Дека банката имаше проблеми, поврзани со заглавување во лоши пласмани, беше јавна тајна подолг период, но Костовски цврсто застана на ставот дека нема да ја продава, туку ќе ја зајакне и ќе ја крене на здрави нозе, а во тоа секако дека требаше да му помогне капиталот обезбеден од продажбата на осигурителната куќа на неговата ќерка, Еуролинк осигурување. Но, сега излегува дека тие напори бле залудни, а дека банката веќе нема да постои во банкарскиот систем на земјава.

ШТЕДАЧИТЕ ЌЕ БИДАТ ОБЕСШТЕТЕНИ СОГЛАСНО ЗАКОНИТЕ

Монетарните власти на чело со гувернерката Бежовска вчера рекоа дека им било тешко да донесат ваква одлука, но дека знаат што прават и стојат зад неа, откако претходно со плод не вродиле сите мерки што биле преземени врз банката во периодот од претходната година и сите напори што ги вложиле за поинаков исход. 

Дозволата за работење на Еуростандард банка е укината, а денеска НБМ пред надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечај. 

Од НБМ тврдат дека дозволата за основање и работење е укината поради неисполнување на минимални законски услови за работење на банка.

Оваа вест вчера ги изненади депонентите на Еуростандард, а пред банката беше раздвижено, откако нејзините врати веќе биле пломбирани. Од НБМ за нив имаат смирувачки вести.

Гувернерката соопшти дека депозитите на граѓаните во банката кои согласно законот се осигурени, ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити, во износ до 30.000 евра по лице. Од ФОД ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4 отсто од граѓаните кои штеделе во Еуростандард банка, вкупно 136,619 депоненти. Исплатата ќе почне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Само 780 лица нема или нецелосно ќе бидат обесштетени, затоа што имале поголеми депозити од лимитот на Фондот.

А вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари, или 71,5 милиони евра, со состојба на крајот на јули.  Од Фондот тврдат дека располагаат со доволен обем на средства, и обесштетувањето ќе се спроведе навремено.

Учеството на Еуростандард банка во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем, со состојба на 30 јуни 2020 година е само 1,3, 1,7 и 1,6 отсто, соодветно, и со тоа воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем, тврди Бежоска.

БАНКАТА БИЛА ПОД ЗАСИЛЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР

Таа откри дека во изминатиот период, заради поголема изложеност на ризици, банката била под засилен теренски и вонтеренски супервизорски надзор. Народната банка постојано изрекувала мерки со кои барала банката да ги отстрани слабостите во своето работење, да ја намали изложеноста на ризици и да ги подобри процесите за управување со ризиците, a особено со кредитниот ризик. Притоа, клучно биле изрекувани и мерки во насока на зголемување на капиталот на Еуростандард банка. 

„Клучните проблеми на Еуростандард банка се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби“, рече Бежовска.

Со супервизорско следење во 2019 година кај Еуростандард банка бил утврден недостиг на капитал (поткапитализираност), поради што Народната банка презела повеќе мерки, a една од клучните била барање за докапитализација, кое според гувернерката, делумно било исполнето. 

„Неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалија стапката на адекватност на капиталот под 2 отсто. Со тоа, согласно со Законот за банките, Еуростандард банка е несолвентна“, објасни Бежовска. 

Таа очекува дека со отворањето на стечајната постапка ќе има брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите на банката.

За 170-те вработени во банката гувернерката изрази надеж дека тие ќе бидат апсорбирани од останатите банки, зашто се работи за квалитетен кадар. 

КОСТОВСКИ: СТРОГИТЕ МЕРКИ НА НБМ НЕ НИ ДОЗВОЛИЈА ДА СЕ ИЗВЛЕЧЕМЕ ОД КРИЗАТА

Костовски е крајно непријатно изненаден и револтиран од одлуката на НБМ, тоа утре заедно со останатите акционери ќе го кажат за јавноста на пресконференција. 

„Ова е двојна игра од страна на Народна банка на Македонија. Народна банка цела година не држеше под строги мерки и не ни дозволуваше да работиме и да заработиме. Како можеме да ја подобриме состојбата на банката кога Народна банка цела година не држи под строги мерки. Ако не можеш да работиш, не можеш ниту да заработиш за да ја подобриш состојбата“, вели сопственикот на банката за Фактор.

Бизнисменот нагласува дека за изминатата година кога Еуростандард била под строги мерки, неа само дополнително и се влошило портфолиото. 

„Практично, ние имавме забрана за работа од НБМ. Како во тој случај да се подобри состојбата. Исто така, НБМ не прифаќаше ниту еден од нашите предлози за надминување на состојбата и за евентуална продажба на банката. Ако веќе беа решени да не затворат, тоа требаше да го направат уште пред една година, а не за овој период уште дополнително да заглавиме со 15 милиони евра“, вели Костовски за Фактор.

ВО АПРИЛ БЕШЕ ПРОДАДЕН ЕУРОЛИНК НА ОЛГА КОСТОВСКА ЗА 17,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Пред само неколку месеци, на први април годинава, Еуролинк осигурување на Олга Костовска, ќерка на Трифун Костовски, беше продаден на Граве осигурување, австриска осигурителна компанија, за сума од 17,5 милиони евра. Граве купи 3.200 акции од Еролинк, преку блок трансакција на берзата, и за нив плати 336.109,38 денари по акција, со што стана мнозински сопственик на осигурителната компанија.

Можноста Еуролинк да биде продадена со цел средствата да се искористат за да се спаси од проблемите Еуростандард банка, Трифун Костовски индиректно ја најави во интервју за Фактор во декември минатата година. 

Костовски тогаш искрено проговори за предизвиците со кои во последниов период се соочи неговата Еуростандард банка, за неуспешните разговори за нејзина продажба на Комерцијална банка, но и за докапитализацијата со 10 милиони евра, и промената на менаџментот на банката, од кои се очекуваше да резултираат со воспоставување на стабилна и профитабилна банка. Не исклучи и продажба на еден од најуспешните семејни бизниси, Еуролинк осигурување, или на дел од таа компанија, со цел да се обезбедат средства за дополнително засилување на банката. 

Денеска банката е веќе стабилизирана, докапитализирана, таа е функционална, и очекувам дека со тек на време ќе ги надминеме сите оние лоши пласмани во правни лица. Имаме нов менаџмент, кој треба да биде комплетиран до крајот на оваа година и ќе ја преземе работата на банката. Комплетно ќе се менува целата структура на самото функционирање на банката, а со кое исклучиво ќе бидеме повеќе експонирани кон индивидуалните кредитоспособни коминтенти“, рече тогаш Костовски. 

Бизнисменот во интервјуто за Фактор откри и дека лошите пласмани поради кои банката заглави се направени во Македонија, во неколку компании, а „причината е лош менаџмент. Лошиот менаџмент ги носи лошите одлуки за лоши пласмани и сето тоа се еден синџир на настани кои дошле од највисокото до најниско ниво“.

За докапитализацијата рече дека таа била од пари на семејството, односно од средства на нивни фирми. „Тоа се нови десет милиони евра кои што се влезени. А најверојатно, можно е уште да ја докапитализираме, бидејќи имаме намера да ја зголемиме и активноста на банката уште со некои додатни пет до десет милиони евра, што ќе ја стави во редот на силните средни банки, со тенденција да порасне и понатаму“

А, токму за правење на Еуростандард на здрава и профитабилна банка, Костовски големи надежи полагаше во новиот директор, Горан Трајковски, некогашен прв човек на Управата за јавни приходи, со кого имаа заеднички работни денови додека Костовски беше градоначалник на метрополата, а Трајковски генерален секретар.

Како една од предностите на Еуростандард банка во споредба со другите банки бизнисменот го нагласуваше и договорот со Македонски пошти. „Тоа е од аспект што ние ги користиме и услугите од Македонски пошти. Имаме 20 годишен договор, тоа се сите експозитури по поштите, што значи дека заедно со нашите, имаме 330 експозитури“, рече Костовски. 

ЗОШТО НЕ УСПЕА МОЖНОСТА ЗА ПРОДАЖБА НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА

Зошто пропадна можната зделка односно продажба на Комерцијална банка, Костовски тоа го образложи дека двете банки не се нашле во преговарањето на условите. 

По ова, и Комерцијална банка ја извести јавноста дека почетните разговори се прекинати, поради, како што рекоа, очигледните разлики во вреднувањето. Тогаш од таа банка информираа и дека „одобриле кредит од 10 милиони евра на компанијата на бизнисменот Трифун Костовски“. Оттаму додадоа и дека овој кредит ќе биде обезбеден со залог над акции од Еуролинк осигурување. 

А Еуростандард банка е основана во 2001 година, што значи дека згаснува по 19 години постоење. Таа не е прва банка што доживува клуч на врата во земјава.

Во јануари 2004 година и беше одземена дозволата на Експорт-импорт банката на Методија Смиленски, во време кога на кормилото на НБМ беше тогашниот гувернер, професорот Љубе Трпевски. 

Три години подоцна, Македонска банка беше ликвидирана со одлука на Народната банка на Македонија во 2007 година. Тогашниот гувернер Петар Гошев одлучи банката да биде затворена со образложение дека мора да се спречи нов Експорт импорт или нов ТАТ.

И во двете банки штедачите беа обесштетени од Фондот за депозити.

Претходно, пак, драма со своето пропаѓање предизвика битолската штедилница ТАТ, во 1997 година, која остави голем број необесштетени штедач и донесе голем број животни трагедии и тогаш предизвика вистински политички земјотрес.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

МАКЕДОНЦИТЕ КУПУВААТ ПОМАЛИ СТАНОВИ НА ХАЛКИДИКИ: Становите се продаваат „како алва“

МАКЕДОНЦИТЕ КУПУВААТ ПОМАЛИ СТАНОВИ НА ХАЛКИДИКИ: Становите се продаваат „како алва“

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО ПАТУВАЊЕТО НИЗ ЕУ: За нив ќе треба да платите 7 евра, еве што е ETIAS и кои се новините

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО ПАТУВАЊЕТО НИЗ ЕУ: За нив ќе треба да платите 7 евра, еве што е ETIAS и кои се новините

АКО ИЗДРЖИТЕ ПОЛОВИНА ГОДИНА НА -60, ЌЕ ДОБИЕТЕ ДЕБЕЛА ПЛАТА: „Се е добро додека не ја отворите вратата“

АКО ИЗДРЖИТЕ ПОЛОВИНА ГОДИНА НА -60, ЌЕ ДОБИЕТЕ ДЕБЕЛА ПЛАТА: „Се е добро додека не ја отворите вратата“

ПЛАТИТЕ ВО ИТАЛИЈА ЈА ШОКИРАА ЕВРОПА: Ако мислевте дека живеат „сладок живот“ се лажевте

ПЛАТИТЕ ВО ИТАЛИЈА ЈА ШОКИРАА ЕВРОПА: Ако мислевте дека живеат „сладок живот“ се лажевте

СТАН НА ЈАДРАН ЗА 38.000 ЕВРА: Поглед на море, вистинска оаза, еве каде се наоѓа

СТАН НА ЈАДРАН ЗА 38.000 ЕВРА: Поглед на море, вистинска оаза, еве каде се наоѓа

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“

ОВИЕ ТРИ ДЕСТИНАЦИИ НУДАТ МАКСИМУМ ЗА ВАШИТЕ ПАРИ: Албанија, Египет и Мароко го имаат приматот за годинешнава туристичка сезона

ОВИЕ ТРИ ДЕСТИНАЦИИ НУДАТ МАКСИМУМ ЗА ВАШИТЕ ПАРИ: Албанија, Египет и Мароко го имаат приматот за годинешнава туристичка сезона

ЕКС МИНИСТЕРОТ ТОДОРОВ, ВРАБОТУВА АДВОКАТ: Дава плата од 45 илјади денари

ЕКС МИНИСТЕРОТ ТОДОРОВ, ВРАБОТУВА АДВОКАТ: Дава плата од 45 илјади денари

УШТЕ ЕДЕН ТРОШОК ЗА ТУРИСТИТЕ: Такса за чистење ја подели јавноста, гарантира дека ќе го оставите апартманот чист како што сте го нашле

УШТЕ ЕДЕН ТРОШОК ЗА ТУРИСТИТЕ: Такса за чистење ја подели јавноста, гарантира дека ќе го оставите апартманот чист како што сте го нашле