21 Април, 2021
0.0224

ДОДЕКА ГОЛЕМИТЕ КИНАТ НЕРВИ - малите штедачи од Еуростандард се уште не си подигнале девет милиони евра

Објавено во: Финансии 01 Март, 2021

Дури 9,1 милиони евра се уште не си подигнале штедачите од Еуростандард банка, кои имаат влогови до 30.000 евра и чие обесштетување оди преку четири банки за сметка на Фондот за осигурување на депозити.

Овие штедачи што имаат влогови до 30.000 евра, ќе се обештетуваат и оваа година, а обврски кон нив ќе останат и на крајот на 2021 година. Ова би можело да се заклучи од Финансискиот план на Фондот за осигурување на депозити за 2021 година.

Како што е познато, за обештетување на штедачите до 30.000 евра вкупната предвидена сума беше 68,3 милиони евра, кои Фондот за осигурување на депозити им ги префрли на четирите банки преку кои оди обештетувањето, и со кои беа склучени договори.

Според проекциите на Фондот во Финансискиот план, на крајот на минатата 2020 година биле преостанати уште 9,1 милиони евра, пари кои се уште не дошле да си ги земат штедачите од Еуростандард банка, а на кои им следува обештетување до 30.000 евра.

Додека, пак, Фондот во финансискиот план проценува, согласно со динамиката со која сега оди исплатата, дека на крајот на оваа година ќе има се уште обврски од близу 4,1 милиони евра кон штедачите од Еурстандард банка.

Ако се извади процент, оносно 9,1 милиони евра од 68,3 милиони колку што е вкупната сума за обештетување, излгува дека над 13,3 отсто од средствата се уште не се исплатени.

На крајот на оваа година, пак, 6 проценти од парите се предвидува дека се уште ќе останат неповлечени.

„Обврските за штети во 2021 година ќе достигнат износ од 250.835 илјади денари (4,1 милиони евра - н.з.), или  по основ на обештетување на депоненти од Еуростандард банка ад Скопје во стечај (проекција за 31.12.2020 е 560.000 илјади денари, или 9,1 милиони евра - н.з.)“, се вели во Финансискиот план на Фондот за 2021 година.

Прашавме во Фондот на што се должат овие преостанати обврски кај штедачите од Еуростандард банка, односно зошто нема да бидат исплатени сите пари и во текот на оваа година.

Оттаму велат дека Планот на Фондот е правен во ноември, и дека станува збор за проекции, планови, направени согласно динамиката на исплата на обесштетувањето и досегашните искуства.

„Финансискиот план на ФОД за 2021 година се подготвуваше во ноември 2020 година. Сите податоци кои се прикажани во планот се проекции, планови. Проекциите се направени согласно динамиката на исплата на обесштетување и согласно искуствата за текот на процеси на исплата на обесштетување“, објаснуваат од Фондот за осигурување депозити.

Објаснуваат дека на 15 септември лани почна исплатата на обесштетувањето на депонентите од Еуростандард банка во стечај. Пред да започне исплатата, Фондот за осигурување на депозити на сите четири банки – исплатувачи, и тоа Комерцијална банка, Стопанска банка, НЛБ Банка и Халкбанк, им го дозначил целосниот износ за обесштетување на депонентите.

„Обештетувањето, согласно договорот со банките-исплатувачи, ќе се реализира преку банките до 15.09.2023 година, а потоа обесштетувањето ќе продолжи преку Фондот за осигурување на депозити“, се вели во одговорот што го добивме од Фондот.

„Салдата за кои прашувате се однесуваат на средства кои депонентите се уште не ги подигнале од банките-исплатувачи. Потребно е депонентите да се пријават во банката-исплатувач во која се распределени согласно критериум “прва буква од презиме според кирилично писмо” и да си го подигнат обесштетувањето“, објаснуваат од Фондот за депозити.

Нагласуваат и дека наскоро ќе биде објавен и Годишниот извештај за работата на ФОД за 2020 година, каде во детали ќе биде опишан процесот на обесштетување на депонентите од Еуростандард банка во стечај, како и ќе бидат презентирани сите податоци за висината на обесштетувањето и бројот на исплати. 

Инаку, откако на 15 септември лани стартуваше обештетувањето, за само две недели беа исплатени 48,7 милиони еврашто претставуваше близу 72 отсто од вкупно дозначените средства од Фондот. Во ноември, пак, обештетувањето достигна околу 54 милиони евра, или 80 отсто од парите. „Сето ова укажува дека исплатата на обесштетувањето се врши со релативно брза динамика и близу 4/5 од средствата на депонентите на Еуростандард банка во стечај со право на обесштетување, се обесштетени“, наведе тогаш Фондот во своето соопштение.

Според некои информции, причина за тоа што некои штедачи се уште не си ги подигаат парите, се дека голем број од штедните влогови во банката се депозити до 1.000 денари. Тоа се штедачи кои имале трансакциски сметки или преку Еуростандард банка ја земале својата пензија, па им останале некои ситни пари на нивните сметки. Има и такви кои на сметките имаат само по 5 денари, и всушност тоа прави да има огромен број на штедачи, над 136 илјади, а и тоа го намалува просекот на штедните влогови да биде околу 500 евра. А реално, велат нашите извори, има штедачи и со многу повисоки суми.

Сепак, преку Фондот се обештетуваат штедачи само до 30.000 евра, поради што заглавија оние штедачи со поголеми влогови, кои останаа да се подмируваат единствено од стечјната маса, од каде, спорд информациите, парите не се доволни.

Очекувањата на овие штедачи беа дека ќе им помогне Уставниот суд, но и тие надежи се распрснаа. Оваа највисока судска институција, со мнозинство гласови на судиите, не ја прифати иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки.Оваа иницијатива беше поднесена од адвокат од Скопје, а се однесува на оценување на уставноста и законитоста на членот од Законот за банки, со кој при наплатата од стечајната маса предност се дава на Фондот за осигурување депозити, во однос на оштетените фирми депоненти и штедачите со поголеми износи од 30 илјади евра кои се покриени од страна на Фондот.

Од Уставниот суд нагласија дека не е поведена постапка по иницијативата, бидејќи со оваа законска одредба не се повредува Уставот.

Здружението „Оштетени штедачи“  жали што оваа одлука на Уставниот суд е негативна. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Хрватите во просек заработуваат по 930 евра

Хрватите во просек заработуваат по 930 евра

Тихомир Петрески нов директор на Триглав Пензиско друштво

Тихомир Петрески нов директор на Триглав Пензиско друштво

Утре ќе протестираат штедачите од Еуростандард банка

Утре ќе протестираат штедачите од Еуростандард банка

НЕМА ДА БИДАТ ПОТРЕБНИ ДУРИ 300 ИЛЈАДИ ЕВРА - многу полесно ќе се основаат друштва за управување со инвестициски фондови

НЕМА ДА БИДАТ ПОТРЕБНИ ДУРИ 300 ИЛЈАДИ ЕВРА - многу полесно ќе се основаат друштва за управување со инвестициски фондови

ЗА ОБЕШТЕТУВАЊЕ НА ШТЕДАЧИТЕ ОД ЕУРОСТАНДАРД - досега се исплатени 68 милиони евра

ЗА ОБЕШТЕТУВАЊЕ НА ШТЕДАЧИТЕ ОД ЕУРОСТАНДАРД - досега се исплатени 68 милиони евра

ГЛИГОРОВА ОД НБМ ЗА ШПЕКУЛАЦИИТЕ ЗА БАНКИТЕ: Не му наштетија на банкарскиот систем и на депозитите, тие се во раст

ГЛИГОРОВА ОД НБМ ЗА ШПЕКУЛАЦИИТЕ ЗА БАНКИТЕ: Не му наштетија на банкарскиот систем и на депозитите, тие се во раст