12 Мај, 2025
0.0396

ДО СКОРО ДАВАА НАГРАДИ НА ВРАБОТЕНИ ШТО ЌЕ ДОНЕСАТ НОВ РАБОТНИК, СЕГА ДОЈДЕ ОБРАТЕН ПРОЦЕС - како падот на нарачките од Германија се одрази на „Мода“ од Свети Николе

Објавено во: Економија 23 Април, 2025 10:51

Добивај вести на Viber

Мај е месец за годишни акционерски собранија на компаниите што котираат на Берзата, а документите кои ги разгледуваат и за кои гласаат акционерите, обично „злато вредат“ за сите кои сакаат да имаат прецизна слика за состојбата внатре во фирмите, од акционерите, до соработниците, вработените, и секако инвеститорите. „Мода“ од Свети Николе најавува и закажува седница на акционерско Собрание на 27 мај оваа година, а од бројните точки и извештаи кои ќе се разгледуваат и одобруваат, можат да се извлечат многу интересни податоци за сите аспекти од работењето на оваа текстилна светиниколска компанија.

Клучна веројатно е констатацијата дека нашите текстилни компании што извезуваат во Германија, ако до скоро мака мачеа да одговорат на сите нарачки и се бореа за работник повеќе, сега веќе, поради кризата на германскиот пазар, немаат доволно нарачани количини, а тоа ги принудува да го намалат бројот на работници и работни часови.

Но, да одиме со ред.  

Она што акционерите на Мода се очекува да го потврдат и прифатат, секако дека е предложениот начин на распределба на добивката остварена во минатата година, дотолку повеќе што таа е ниска сума и изнесува околу 9.200 евра, па можеби нејзиното најголемо значење е што е позитивен финансиски резултат во однос на значајно повисоката загуба прикажана во 2023 година.  Таа ниска сума на добивка ќе се распореди за нови инвестиции, поточно таква одлука се очекува да се изгласа на акционерското собрание.

Што покажува годишниот извештај за компанијата?

Иако таа ланската година ја завршила со добивка, нејзините производствени резултати биле послаби од оние во 2023 година, и тоа за 3 отсто, но затоа девизниот прилив кој бил остварен од продажбите на кошулите во странство, бил зголемен за 13 процети.

„Остварено е производство и извоз на 705.179 конфекциски производи во вредност од 3,866 милиони евра. Ваквиот извоз е за 13 отсто подобар од минатогодишниот, и се темели на зголемените цени за 16,6 отсто во однос на минатогодишните“, се вели во извештајот.

Сето ова било остварено со помалку ефективни работни часови, и тоа за 9,4 проценти во однос на 2023 година. Остварената продуктивност изразена преку остварен девизен прилив на еден работен час била 8 евра, што е за 24,6 отсто подобро од онаа од претходната година.

„Сите овие резултати се остварени во една турбулентна година во која во првите три месеци имавме зголемена побарувачка и се боревме да пронајдеме работници за да одговориме на зголемениот интерес на купувачите. Од април лани почна спротивен тренд на опаѓање на побарувачката, предизвикан од влошената состојба во Германија“, се вели во годишниот извештај за работењето потпишан од извршниот директор Ангел Димитров.

Се додава и дека за жал, ваквиот негативен тренд продолжува и годинава, така што веќе од март компанијата е соочена со пад на нарачките од 3.500 парчиња, на 3.000 парчиња дневно.

Овде Фактор само ќе потсети дека во времињата со многу нарачки, Мода дури и парично наградуваше вработени кои ќе најдат нов работник што би работел во компанијата.

„Во 2023 година бевме под еден постојан притисок да правиме по 5.000 парчиња дневно од страна на Касамода, бидејќи навистина имаа потреба од продажба на кошули. Ние со намален број работници тешко можевме тоа да го направиме, и со сите прекувремени саботи. Тоа не беше доволно па вбработивме луѓе преку Агенцијата за вработување и тоа доста ни ги зголеми трошоците“, изјавил меѓу другото директорот Димитров образложувајќи ги резултатите за 2023 година.

Но, сега состојбата е сосема спротивна, па од компанијата во својот извештај веќе и наведуваат дека лошата состојба со нарачките имала за последица намалување на брјот на работници и работни часови.

А токму во периодот кога се бараше работник повеќе, компанијата значајно ги зголеми платите на своите вработени, така што лани трошоците за вработените се зголемени за дури 28,6 отсто. Но, тука влегува и исплатата на јубилејна награда за сите вработени кои таму работеле најмалку 10 години, што вкупно чинело 69 илјади евра, како и исплатени К15 на сума од околу 80 илјади евра.

Од Мода во својот извештај децидно признаваат дека и натаму најголемиот ризик од рабоењето ќе бидат негативните тенденции на германскиот пазар. Битката ќе биде да се задржат помладите и поквалитетните работници.

„Најголемиот ризик во работењето е поврзан со фирмата Касамода од Германија и негативните тенденции на германскиот пазар многу се одразуваат на работењето на друштвото. Во идниот период од големо значење е да се одржи производството според постојниот број на вработени и ако дојде до намалување на бројот на работници, тогаш да се задржат помладите и подобрите работници“, напишал директорот Димитров во извештајот за работењето.

Притоа, компанијата транспарентно објавува колкава плата и други надоместоци зеле членовите на директорскиот борд.

Имено, извшниот директор Димитров имал годишна нето плата од 34 илјади евра, потоа надомест за член на Одбор на директори од околу 3.000 евра и 133 евра за регрес за гоишен одмор, што значи вкупна годишна сума за се ова од 37.133 евра или просечно месечно околу 3.000 евра.

Додека, пак, неизвршниотдиректор Манфред Михалски имал нето плата од 9.500 евра, плус надомест за член на Одбпор на директори од 4.000 евра и К15 од 267 евра, или вкупнпо годиошно 13.767 евра, што, пак, прави месечен просек од околу 1.150 евра. Неизвршниот директор Мара Саздовска има просечно месечно 727 евра и незвисниот член на Бордот Владимир Стојанов има во просек месечно 1.350 евра.

Од компанијата информираат и дека лани вкупно во движен и во недвижен имот инвестирале над 56 илјади евра. Сите средства со кои располага друштвото се во негова сопственост и во моментов нема потреба од никакви задолжувања кај банките или кај други кредитори.

Сопственичката структура на компанијата покажува дека таму се газди неколку германски компании и тоа едната поседува 24 проценти од капиталот, а две германски компании имаат по 17 проценти. Извршниот директор Ангел Димитров располага со 10 отсто од акциите, исто толку поседува и лицето Грозде Цветковски, додека, пак, неизвршниот директор Манфред Михалски располага со 6 проценти од акциите на Мода. Уште 16 проценти од капиталот се во рацете на останати физички лица.

Она што треба да се има предвид за компанијата е дека настанале промени кај германските газди со кои соработува компанијата, конкретно во компанијата „Касамода“, од која своите акции ги продал Клаус Кат.

Н.Н.Ф.  

Можеби ќе ве интересира

МИЦКОСКИ ВЕЛИ ДЕКА ЕКОНОМИЈАТА ИМА ПОТЕНЦИЈАЛ: Колкав раст очекува?

МИЦКОСКИ ВЕЛИ ДЕКА ЕКОНОМИЈАТА ИМА ПОТЕНЦИЈАЛ: Колкав раст очекува?

Македонија2025 го отвори најголемиот Самит досега: Фокус на реформи, иновации и економски раст

Македонија2025 го отвори најголемиот Самит досега: Фокус на реформи, иновации и економски раст

ММФ СО ПРОЕКЦИЈА ЗА ИНФЛАЦИЈАТА ВО 2026 ГОДИНА: Најниска во Швајцарија, највисока во Турција, е еве каде е Македонија

ММФ СО ПРОЕКЦИЈА ЗА ИНФЛАЦИЈАТА ВО 2026 ГОДИНА: Најниска во Швајцарија, највисока во Турција, е еве каде е Македонија

Самит Македонија 2025: Дигитализацијата клучна за економски развој, борба против корупција, поефикасна државна управа и подобри јавни услуги

Самит Македонија 2025: Дигитализацијата клучна за економски развој, борба против корупција, поефикасна државна управа и подобри јавни услуги

Мицкоски се сретна со криптовалутерот Девасини

Мицкоски се сретна со криптовалутерот Девасини

НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

САД И КИНА ПОСТИГНАА ДОГОВОР: Ова е одлука за царините

САД И КИНА ПОСТИГНАА ДОГОВОР: Ова е одлука за царините

Финансиско друштво со три милиони евра направи добивка од 1,2 милиони евра

Финансиско друштво со три милиони евра направи добивка од 1,2 милиони евра

Мицкоски од Самитот Македонија2025: ЕУ останува наша цел, но треба да научите да победувате во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз

Мицкоски од Самитот Македонија2025: ЕУ останува наша цел, но треба да научите да победувате во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз