06 Јули, 2020
0.0657

Џозеф Стиглиц: Цената на 11-ти септември

Објавено во: Свет 30 Септември, 2012

  Њујорк – Терористичките напади на 11 септември 2001 од страна на Ал Каеда имаа за цел да им наштетат на САД и им наштетија, но на начини коишто Осама бин Ладен веројатно никогаш не ги ни замислувал. Одговорот на претседателот Џорџ Буш на нападите ги компромитираше основните принципи на САД, ја поткопа нејзината економија и ја ослабна нејзината безбедност. Нападот на Авганистан што уследи по нападите на 11 септември беше разбирлив, но последователната инвазија на Ирак беше целосно неповрзана со Ал Каеда, колку и да се обидуваше Буш да воспостави врска. Таа војна по избор брзо стана мошне скапа – нарачки од над 60 милијарди долари на почетокот – кога огромната некомпетентност се сретна со нечесното лажно претставување. Навистина, кога пресметавме со Линда Билмс пред три години колку ги чинеше САД војната, конзервативниот резултат беше 3-5 трилиони. Оттогаш цената продолжи да расте. Со речиси 50% од вратените војници со право на некакво ниво на инвалиднина и повеќе од 600.000 до тогаш лекувани во ветерански болници, проценивме дека идните инвалиднини и здравствени трошоци ќе се искачат на вкупно 600 – 900 милијарди. Но непресметливи се социјалните трошоци одразени во самоубиства на ветерани (кои надминаа 18 на ден изминатите години) и растурањето на семејства. Дури и да може да му се прости на Буш за тоа што ги воведе САД и голем дел од светот во војна под лажни изговори и за тоа што лажно ја претставуваше цената на тој потфат, не постои изговор за начинот на кој одлучи да го финансира. Неговата беше првата војна во историјата целосно платена на кредит. Додека САД тргнуваа во војна, со веќе зголемен дефицит од неговото намалување на даноците во 2001, Буш одлучи да се втурне во уште една рунда даночни „олеснувања“ за богатите. Денес САД се фокусирани на невработеноста и на дефицитот. Двете закани за американската иднина можат, во не толку мала мера, да се проследат до војните во Авганистан и во Ирак. Зголеменото трошење во одбраната заедно со даночните намалувања на Буш се главната причина зошто САД падна од фискален плус од 2% на БДП-то кога беше избран Буш на опасниот дефицит и должничката положба денес. Директното владино трошење на тие војни до сега е искачено на 2 трилиона, односно 17.000 долари за секое американско домаќинство, а се очекува да доаѓаат уште сметки кои ќе ја зголемат оваа сума за повеќе од 50%. Како што тврдевме со Билмс во нашата книга „Војната од 3 трилиони долари“, војната придонесе за макроекономската слабост на САД која ги влоши нивниот дефицит и долг. Тогаш, како и сега, проблемите на Средниот исток доведоа до повисоки цени на нафтата кои ги натераа Американците да трошат пари на увозна нафта кои инаку би ги трошеле за купување американски производи. Но тогаш Федералните резерви на САД ги скрија овие слабости измислувајќи го меурот на недвижностите кој доведе до потрошувачки бум. Ќе бидат потребни години за да се надмине претераната задолженост и вишокот недвижности со кои резултираше. Иронично, војните ја поткопаа безбедноста на САД и на светот, повторно, на начини кои Бин Ладен не можел ни да ги замисли. Непопуларна војна ќе предизвикаше потешкотии во военото регрутирање во кои било околности, но како што Буш се обиде да ја измами Америка за цената на војната, така даваше и помали фондови за трупите, отфрлајќи ги дури и основни трошоци како армирани и противмински возила неопходни за заштита на американските животи или соодветно здравство за вратените ветерани. Американски суд неодамна пресуди дека се прекршени правата на ветераните (забележително е тоа што администрацијата на Обама тврди дека правото на ветераните на судски жалби треба да биде ограничено!) Военото претерување предвидливо доведе до нервоза во врска со примената на воена сила и фактот дека другите знаат за тоа исто така може да ја ослабне безбедноста на САД. Но вистинската сила на САД, повеќе од нејзината воена и економска сила е „меката сила“, нивниот морален авторитет. Но и ова беше ослабнато: како што САД ги кршеа основните човекови права како хабеас корпус и правото на неизмачување, под знак прашање беше ставена нивната долгогодишна посветеност на меѓународното право. Во Авганистан и во Ирак, САД и нивните сојузници знаеја дека долгорочната победа бара да се освојат срцата и умовите. Но грешките во раните години на овие војни ја комплицираа таа и онака тешка битка. Колатералната штета од војните беше масивна: според некои пресметки, загинаа повеќе од милион Ирачани, директно или индиректно, поради војната. Според некои студии, најмалку 137.000 цивили умреа насилно во Авганистан и во Ирак во изминатите 10 години; само меѓу Ирачаните има 1,8 милиони бегалци и 1,7 милиони внатрешно раселени. Но не беа катастрофални сите последици. Дефицитите за кои многу придонесе војната финансирана со долгови сега ги тераат САД да се соочат со реалноста на буџетските ограничувања. Американските воени трошоци се сѐ уште речиси еднакви на тие од останатиот свет заедно, две децении по завршувањето на Студената војна. Некои од зголемените трошоци отидоа за скапите војни во Ирак и Авганистан и пошироко, во глобалната борба против тероризмот, но голем дел од нив беа потрошени на оружја кои не функционираат против непријател кој не постои. Сега, конечно, тие ресурси веројатно ќе бидат пренаменети и САД веројатно ќе ја зголеми безбедноста плаќајќи помалку. Ал Каеда, иако непобедена, веќе не е заканата што надвиснуваше пред на нападите од 11 септември. Но цената платена да дојдеме до овде, во САД и на други места, беше огромна – и главно можеше да се избегне. Оставнината ќе нѐ следи долго време. Се исплати да се размисли пред да се дејствува.

Можеби ќе ве интересира

ПОДАТОЦИ ПО ЗЕМЈИ ВО СВЕТОТ: Во Грција повеќето од заболените се туристи

ПОДАТОЦИ ПО ЗЕМЈИ ВО СВЕТОТ: Во Грција повеќето од заболените се туристи

Да ти се скрши срцето: Се обидувал да ја оживее баба му која умирала од Ковид - 19

Да ти се скрши срцето: Се обидувал да ја оживее баба му која умирала од Ковид - 19

Раперот Канје Вест ќе се кандидира за претседател на САД

Раперот Канје Вест ќе се кандидира за претседател на САД

Осумгодишно дете убиено во трговски центар во САД

Осумгодишно дете убиено во трговски центар во САД

Вртоглав раст на бројот на заразени: Од вирусот починаа над половина милион луѓе

Вртоглав раст на бројот на заразени: Од вирусот починаа над половина милион луѓе

СЗО: Државите кои се најпогодени сега, итно да се борат

СЗО: Државите кои се најпогодени сега, итно да се борат

БРОЈКАТА РАСТЕ: Заболени од коронавирус се повеќе од 11 милиони во светот

БРОЈКАТА РАСТЕ: Заболени од коронавирус се повеќе од 11 милиони во светот

Антималаричен лек им помогнал на заболените од коронавирусот

Антималаричен лек им помогнал на заболените од коронавирусот

Нова верзија на коронавирус се шири низ целиот свет

Нова верзија на коронавирус се шири низ целиот свет