„Десфа“ е избрана за надзорник на изградбата на гасоводот помеѓу Македонија и Грција
Објавено во: Економија 27 Септември, 2023 13:59
Грчкиот оператор на системот за пренос на гас - АД Десфа е избран за надзорник за изградбата на гасоводот кој ќе ја поврзе Македонија со Грција. Грчката компанија, во чија сопственост една третина има грчката влада, ќе биде консултант на изградбата на македонската страна и веќе има регистрирано подружница, а директорот на операторот на македонската гасоводна мрежа Номагас, Бајрам Реџепи, потврди дека договорот треба денеска да биде потпишан.
- АД Десфа ќе го гради гасоводот на грчката страна, а истовремено ќе биде надзорник и на македонскиот дел. Проверивме во нашето законодавство, а се консултиравме и со Европската инвестициска банка, која го финансира проектот, и тука се е принципиелно. По овој договор, ќе следи наредниот чекор а тоа е објавување на повик со кој ќе се бара изведувач на изградбата, вели Реџепи.
Операторот на гасоводната мрежа Номагас во февруари го објави повикот со кој се бара консултант за изградбата на гасоводот кој ќе ја поврзе Македонија со Грција. Надзорникот ќе треба да ги надгледува сите работи кои вклучуваат изградба на двонасочен гасен интерконектор Неготино - Евзони на македонска територија, помеѓу системите за природен гас на Македонија и Грција. Гасоводот е долг приближно 67 километри и има работен притисок од 74/54 бари. Работите вклучуваат и редукциона станица и придружни објекти.
Проектот е финансиран од Европската инвестициска банка, а сумата која се претпоставува дека ќе му се плати на консултантот за услугата, според податоците од повикот, е 2.450.000 милиони евра. Времетраењето на договорот би изнесувал 39 месеци, односно се претпоставува дека толку време ќе треба да се изгради гасоводот.
Во јули 2021 во Атина беше потпишан договорот помеѓу македонската и грчката влада за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Македонија. Потоа следуваше и договор на ниво на националните оператори Номагас и Десфа кои гарантираат за изградбата на интерконекторот помеѓу двете држави.
Вкупната вредност на овој проект првично беше проценета на околу 100 милиони евра. Од овие средства инвестицијата на Македонија изнесува 54 милиони евра. Гасоводот предвидено е да биде во заедничка должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас.
На крајот на октомври минатата година, министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас рече дека е завршено маркет тестирањето за гасоводот со Македонија, кое се проценува дека ќе биде финализирано во 2025 година и станува збор за систем кој ќе биде 100 проценти подготвен за транспорт на водород
Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород.
Една од главните предности од изградбата на интерконекторот е подобрување на сигурноста во снабдувањето и ликвидноста на пазарот на гас во Македонија и снабдување со гас од Јужен коридор.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, зголемени бројки на туристи и ноќевања во првите 10 месеци
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година




