06 Мај, 2024
0.0253

Демаскираниот водач треба да си оди за да не се срами народот

Објавено во: Колумни 18 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

На Македонија и се случува улица. Вчера протестираа граѓаните, во енормна бројки и со енергија која квантитативно неможе да е изрази во мерни единици. Денеска попладне  доаѓа власта да протестира. Очекувано е да  бидат во голем број, но со енергија на „испразнета батерија“, што е и нормално. Не е до луѓето, до концептот е. Ако тие луѓе биле незадоволни ќе дошле на неделните протести,  а ако се задоволни што им треба понеделник.  Никаде во светот не протестираат оние кои ја подржуваат власта, но кај нас имаме, практикување на демократски политики кои се‘уше се непознати во норамалните демократски општества. Иако во вакви ситуации, во нормални земји од далеку би се насетил расплетот на политичката драма, кај нас се‘ уште тешко е да се процени  што се‘ може да се случи.  Проблемот е што за судирот не се расправа со аргументи, туку се посегнува, без срам и перде, кон сите средства кои ќе обезбедат опстанок на тронот. Желбата за останување на власт е толку силна што премиерот не го расколебуваат ниту бројните откритија кои го дезавуираат неговиот имиџ на скромен, чесен, работлив, хуман, посветен на татковината....   човек и политичар. И покрај разбивањето на митот за политичар  со такви карактеристики тој без скрупули изјавува дека нема да поднесе оставка, повикувајќи се на довербата што му ја дале граѓаните. Нему не му е битно што добар дел од народот, дури и оние што му дале поддршка,  се срамат што такви лидери ги воделе и ги  водат. Има наполно изгубено  чувство за морална и политичка одговорност. И по три месеци не може да сфати дека мора да си оди за да не се срами народот. Од аудио снимките на опозицијата повеќе од јасно се виде колку е алчен за имоти, насилен спрема политичките противници, манипулатор со соработниците и јавноста, склон на лажење и вршење на незаконитости, желен за луксуз (желба за најнов мерцедес кој ќе го вози скришно за да не го видат новинарите), ....и тн. Многу е чудно и интересно  како може со ваков „багаж“ да оди во Брисел и Стразбург и да разговара за решавање на политичката криза во Македонија, а тој е главниот актер на кризата. Што ќе помислат соговорниците кога, како и овде, ги брани своите постапки и однесувања, а за виновник ја посочува опозицијата која го откри катастрофалното владеење кое земјата ја турка во амбис. Запрепастувачки е што неговото ниво на свест не може да разбере дека народот не го дава мандатот за владеење наспроти одредбите на уставот и законите. А тој го наруши принципот на поделба на власта, така што со извршната власт ги подреди законодавната и судската. Ја партизира администрацијата. Ја урниса слободата на медиумите. Наместо да го јакне единството на граѓаните, премиерот во нивната поделба најде средство за втерување на страв и обезбедување послушност на тие што му повладуваат и особено на тие што се критички расположени кон неговото владеење. Притоа, не се воздржува и од незаконски постапки и однесувања. Во екот на најголеми критики кон него за сериозни нерегуларности за работењето на власта,  тој продолжува со веќе познатите „сопки“ на опозиционите партии, користејќи притоа, и досега користени методи. И понатаму нема проблем да прави опструкции при транспортот на активистите од опозиционот блок за да не стигнат на договорени настани или уште помалку се плаши кога треба неделата да ја прогласи за работен ден само митингашите да не присустуваат на договорениот неделн протест.  Имено, станува неиздржливо секое нормално политичко дејствување. Просто е неверојатно на колкав број  нерегуларности премиерот  „кумуваше“ досега,  а,  до емитирањето на аудио снимките, остана со имиџ на чесен и работлив. Тоа успешно го прикриваше со секојдневното медиумско претставување на илјадниците проекти и можностите за вработување на невработените (иако ефектите се некулкукратно помали од најавите, при огромни трошоци). Давајќи им надежи на осиромашените и преплашените за иднината (дури и веќе вработените, за да не се најдат на мета да бидат исфрлени на улица) тој го градеше митот за себе како политичар без кого не се може, а во истовреме планираше ѕидање на ѕидови кои ќе го скријат од очите на јавноста. Нели, не е убаво  постојано да се бориш за сиромаштијата, а таа да те гледа во богатство и луксузи? Идилата меѓу водачот и рајата ќе траеше подолго, веројатно до неизбежната економска и социјална криза, кога ќе требаше да се плати цехот од досегашниот начин на владеење,   доколку  „шпијуните и предавниците“ не се огласеа со содржините во аудио снимките, со кои водачот  е целосно демаскиран, до ниво на негово неприфатливо продолжување на вршење на власта. Несфатливо е што тој тоа не го гледа. Некој ќе рече- не сака да го види. Како и да е, тоа е прашање на неговата свест за демократијата.  А неа ја имаш или ја немаш. Меѓутоа, тоа што е негова обврска е постапките да ги сообрази со  уставните одредби. Тој не смее да владее кршејќи ги нив. Но, кој да му го каже тоа?  Неговите не се ни осмелуваат. Иако, факт е дека добар дел од партиското членство веќе се расколеба, но сеуште нема храброст јавно да го искаже своето  мислење. Но, тоа секако ќе го направи на избори. А кога ќе бидат? Е, тоа не го знае ниту водачот. Засега е само  јасно дека човекот кој за себе го билдаше митот на непобедлив не  сака нови предвремени избори, особено не по подготовки кои би ја елиминирале  досегашната изборна практика со полно нерегуларности. Водачот и неговите блиски приврзеници од таквата можност бегаат како ѓавол од темјан. Ова покажува дека иако навидум тие не веруваат во снимките, силно се плашат дека можат да ја изгубат досегашната поддршка. Особено поради тоа што веќе се намали стравот од неприкосновениот водач и неговиот режим. Ако ништо друго граѓаните, па дури и партските членови од партијата на власт почнаа да дишат слободно. Сите тие сфатија дека слободата нема цена, неа никој не ти ја подарува, за неа или ќе се избориш или по неа ќе мечтаеш. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина