29 Март, 2024
0.0232

Дали НАТО штити од граѓански конфликт како тој во 2001-та?

Објавено во: Анализа 09 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Во предвечерието на нашето официјално пристапување во Северноатлантската алијанса, зачестено може да се слушне една теза во јавноста околу бенефитот од НАТО членството. Имено, тезата гласи „НАТО не штити од граѓанска војна, а токму тоа е единствената опасност за Македонија — па следствено на тоа, залудно е нашето зачленување во НАТО“.

За среќа, оваа констатација не е точна. Истата служи само за замајување на македонската јавност и ширење на анти-западно расположение во земјава, без притоа да се постигне некоја повисока цел. Проповедниците на гореспоменатата теза имаат тенденција да се задржат исклучиво на Вашингтонскиот договор од 4-ти април 1949 година, кој е камен-темелник на Северноатлантската алијанса и во себе не содржи изрични одредби за внатрешни (граѓански) конфликти.

Сепак, тоа не значи дека НАТО членството е залудно и дека безбедносната состојба во Македонија ќе остане кревка како што беше случај досега.

Прво и основно, НАТО членството нѐ обврзува да одвојуваме значително повеќе финансиски средства за потребите на одбраната. Ако ја иземеме 2001-та година и пост-воениот период, ќе видиме дека нашите воени трошоци во периодот од 2006 година до 2019 година во просек биле 1,3 отсто од националниот БДП. Со зачленувањето во најмоќниот воен сојуз, Македонија како и сите останати земји-членки, ќе биде должна да одвојува минимум 2 отсто од својот БДП за воени потреби, што е безмалку двојно повеќе во споредба со претходно. Ова во пракса значи многу повеќе средства за вооружување и воена опрема и тоа не било каква, туку висококвалитетна од западно производство. Со други зборови, ако во 2001-та АРМ војуваше со застарено оружје од југословенско или советско потекло, во годините што претстојат македонската војска драстично ќе се модернизира и трансформира во војска која ги исполнува високите НАТО стандарди.

Второ, нашето членство во НАТО и тоа како ќе ја засили нашата безбедносна слика со тоа што ќе добиеме целосен пристап до строго доверливи разузнавачки информации од партнерските безбедносни служби како на пример британската МИ6 и германската БНД. Да се потсетиме, за време на конфликтот во 2001 година, токму разузнавачките служби беа нашата најслаба карика што доведе до неочекувано голем број на заседи на македонските безбедносни сили од страна на припадници на паравоената ОНА. Сетете се само на Карпалак, симболот на неуспехот на македонските разузнавачки служби, и размислете дали тој трагичен настан ќе се случеше ако Македонија тогаш беше под чадорот на НАТО?


Трето, во септември минатата година Македонија склучи договор со Грција за „Ер полисинг“, договор што го обврзува нашиот јужен сосед да го патролира и заштитува македонското небо. Во зависност од потребите, грчкото воздухопловство, чии борбени авиони се едни од најдобро опремените во Источниот Медитеран, ќе може да интервенира и елиминира секаков вид на закани на македонска територија кои го загрозуваат нашиот суверенитет и територијален интегритет.

Сума сумарум, Македонија со зачленувањето во НАТО ќе ја зациментира својата безбедност и стабилност „за век и веков“ што би рекле старите и ќе ги отпише сите сценарија за нови конфликти и поделби на земјата.

За крај, би кажал дека енергијата не треба да ја трошиме на исцрпувачки теми како оваа, туку да се насочиме кон тоа како да изградиме попросперитетна и функционална држава во која законот ќе царува и важи за секого подеднакво. Ова е битката на нашата генерација за спас на татковината.

Пишува: Филип Ивановски

Авторот е магистер по дипломатија при Универзитетот во Торонто. Дипломиран политиколог за меѓународни односи при Универзитетот во Британска Колумбија.


Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот