ДАЛИ КОНЕЧНО 130 ДРЖАВНИ ДИРЕКТОРИ ЌЕ СЕ БИРААТ ПО СТРУЧНОСТ, А НЕ ПО ПАРТИЈА - Владата пак крои закон за висока раководна служба
Објавено во: Економија 04 Мај, 2022
Ќе почнат ли конечно во земјава директорите на државните институции, но и секретарите, да се избираат затоа што се стручни и професионални, или тоа ќе продолжи да се прави по партиска линија како и досега?
Владата уште од пред три години го турка Законот за висока раководна служба, но се досега не се успеа тој да биде изгласан од Собранието, пред се и поради бројни партиски и политички опструкции.
Сега повторно Владата преку платформата ЕНЕР, најавува дека ќе носи Закон за висока раководна служба. Овој закон ќе го предложи Министерството за информатичко општество и администрација, а како временска рамка до кога треба да биде изготвен предлог законот, е наведен 10 мај оваа година.
Практично, со овој закон треба да се воведе практика која е спротивна од сегашната, а таа е политичките партии да не избираат „свои“ кадри, туку да се изберат најкомпетентните кандидати. Кои, се разбира, ќе треба да ја спропведуваат програмата на Владата.
Владата на ЕНЕР образложила дека засега не постојат јасни правила за именување на директорите и на секретарите, ниту, пак, има отворен натпревар за овие позиции, со што нив не можат да ги добијат оние кои и најреално ги заслужиле. Односно, со прости зборови, ние немаме ниту критериуми, ниту начин како правилно да се изберат овие раководни лица, па најчесто тие доаѓаат по партиска линија.
„Во законодавството во земјава не постои јасно разграничување меѓу политичкото и професионалното ниво, односно не е јасно дефиниран и утврден опфатот за висока раководна служба. Општите услови за именување и разрешување на лицата сега се регулирани со посебни материјални закони за конкретни области од јавниот сектор. Овие закони содржат недоволна регулација, најчесто само одредби за објавување на јавен оглас и општи услови, а не и одредби за критериумите, постапката за селекција и избор на кандидатите за раководни позиции. Евидентно е дека не постојат јасни правила за именување и разрешување на директорите и за секретарите, ниту пак отворен натпревар за најголемиот број на овие позиции, со што се нарушува принципот на заслуги“, се вели во образложението на ЕНЕР зошто треба да се донесе ваков закон.
Затоа и се нагласува дека основна цел ќе биде да се разграничи политичкото од професионалното ниво, како и да се утврдат линиите на отчетност на високите раководители.
Притоа Владата најавува и бројни јавни расправи, а ќе бара и писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни.
Инаку, ако се пребара по интернет, може да се дознае дека уште во декември 2019 година, Владата соопштила дека го усвоила Законот за висока раководна служба. И додале дека со тој закон ќе гарантираат целосна професионализација на раководните позиции во дури 130 институции.
Тогаш министер за информатичко општество и администрација беше Дамјан Манчевски, кој на пресконференција информираше дека професионализацијата на високата раководна служба е еден од клучните предуслови за зајакнување на доброто управување во институциите на јавниот сектор, што, пак, е клучно за враќање на довербата на граѓаните во државата и институциите.
„Досега, не постоеше единствен закон во кој се уредени правилата за именување, односно назначување на високата раководна служба. За секретарите имаше регулација во Законот за админситративни службеници, додека за директорите во 123 посебни закони. Овие закони беа нецелосни, односно не содржеа одредби за постапката за отворен и фер натпревар, за селекција ниту пак критериуми за избор на најкомпетентен кандидат за раководна позиција, со што беа доведени во прашање начелата на заслуги и родова рамноправност“, информираше во 2019 година ексминистерот Манчевски.
Тој тогаш соопшпти и дека со законот е предвидено да се формира Комисија за висока раководна служба, со статус на самостоен државен орган, составена од пет члена, со мандат од пет години. Вети дека изборот на членовите на Комисијата ќе биде инклузивен, отворен и јавен, а ќе го прави Комитет, составен од единаесет члена.
Се најавуваше и дека постапката за избор на високи раководители ќе се состои од три задолжителни фази, и тоа административна селекција, тестирање и структуирано интервју.По завршувањето на интервјуто, Одборот подготвува конечна листа со најмногу тројца најуспешни кандидати, поединечно мислење за секој кандидат и извештај за спроведената постапка на селекција.
Со овој закон уште тогаш се најавуваше дисциплинска одговорност за лицата на раководни позиции.
Ексминистерот Манчевски своевремено за овој закон даде и една многу интересна изјава, дека, не само што овој закон е неопходен поради намерата на земјата да стане членка на ЕУ, туку и ќе им олесни многу и на партиите.
„Не секогаш е лесно на некого во партијата да му кажете дека не може да дојде на одредена позиција“, рече своевремено Манчевски.
Но, откако беше претставен од екеминистерот, предлог законот беше долго време заглавен во собраниска процедура.
Во мај минатата година, министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири појасни дека откако во декември 2019 година Владата го доставила до Собранието Законот за висока раководна служба и тој поминал на прво читање, во ноември 2020 година Владата го вратилазаконот на доработка и усогласување со останатите законски решенија. Тогаш Шаќири најави дека овој закон треба да влезе во владина процедури до крајот на јуни, а до крајот на летото и во собраниска процедура.
Зошто досега не се донел тој закон и зошто сега повторно се оди на ново законско решение, кое допрва ќе се објавува на ЕНЕР, и допрва ќе се дебатира со засегнатите страни, односно зошто сеуште никако да се професионализираат и департизираат раководните лица во јавната администрација, Фактор праша во МИОА, но оттаму подетален одговор се најавува за следниве денови.
Нина Нинеска-Фиданоска